More

    Уредниците на МКЦ до Арсовска: Престанете со мобинг и отворете фер конкурс за директор на институцијата

    Програмските уредници на Младинскиот култуирен центар, денеска излегоа на прес конференција, по обвинувањата што кон нив и кон инстутуцијата за наводни нерегуларности, ги упати градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Тие бараат да престане мобингот и заканите кон вработените, и доколку има нерегуларности тие да се докажуваат по законски и правен пат. Поставувањето на директорот кој е професионален детектив, според нив е политизација и партизација на институцијата и бараат да се отвори фер и регуларен конкурс за избор на квалификуван директор на МКЦ.

    „За жал, сепак мораше да дојде и ваков ден, каде што наместо прес-конференција на која ќе ја израдуваме јавноста со тоа: што ново сме успеале да креираме, што програмски сме успеале да обезбедиме и што ќе претставиме пред културната публика на современо Скопје, ќе мора да одговараме на прозивки, обвинувања и партиски инсинуации за евентулани нерегуларности, злоупотреби, толкување на вистини и закони во нашето МКЦ, но и културата во државата воопшто.
    На самиот почеток, сакаме да ѝ се заблагодариме на градоначалничката Данела Арсовска, која на својата прес-конференција вчера, меѓу другото сепак успеа неколку пати и да ја пофали работатата на градската институција МКЦ. Очигледно таа ги препознала заложбите што десеткуваниот тим на МКЦ го прави за развој на културата во овој град, а посебно во делот на начинот како МКЦ успева да се справи и да менаџира една европска културна институција, со буџети и услови за работа на локален месен културен простор некаде во Европа, во град кој има сериозни аспирации да се постави на европската културна мапа.“, соопштија на прес конференцијата од МКЦ.

    Тие велат, овие денови се тешки денови за МКЦ, но и за културата воопшто и се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз вработените, се дозволуваат паушални толкување на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности.

    „Но, за нас се случува нешто најважно: младите во Скопје ја разбраа нашата заложба сиве овие години – да креираме еден европски простор, кој е НИВНИ – и само нивни! Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување и промовирање – останува само нивни. Максимално сме горди и благодарни што за разлика од некои други времиња, сега конечно сме на иста страна. Сакаме отворен, модерен и современ град! Сакаме закони, право и правичност. Сакаме да покажеме дека само школо, инвестирање и труд во себе е патот до посакуваниот успех – партискиот активизам е можеби за други, за нас непознати сфери. И затоа, оваа прес-конференција им е посветена пред се ним, со цел да го објасниме она со кое тие и можеби не треба да се бават. Нивно е да творат – наше е да работиме за нив по закон и правичност.“, велет од МКЦ.

    По вчерашната прес конференција на Арсовска која навидум на прва беше насочена кон работата и ставовите на претходниот ВД директор на МКЦ, Ванчо Богоев, од една страна, и финансиското работење и менаџирање на постоечкиот персонал на МКЦ од друга страна и беа отворени многу прашања, од МКЦ одговараат.

    За тврдењето на Арсовска дека на МКЦ му се скратени 90% од буџетот – лани од основниот буџет на Град Скопје му биле доделени 10.7 милиони денари, а оваа 8.7 милиони денари велат: 

    „До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневен ред на 22. седница на Совет на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари. Од нив – 2.500.000 денари се за работата на градското кино Милениум, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот „МОТ“, филмскиот „Синедејс“, и музичкиот „Здраво млади“, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари, (не ко што кажа градоначалничката 10,7 миолиони), кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020, или 25.828.000 во 2019… Во меѓувреме, по прес-конференцијата вчера, се одржа седницата на Совет на Град Скопје, на која конечно се донесе буџетот за култура за 2023 година. И тогаш ни се постави дополнителна тежина и грижа на совест дека за да се дополнат плус 2.000.000 денари на МКЦ, се крати повторно од културата – од средствата на одделниот конкурс за независни корисници – кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена. За жал, ни со овие дополнителни средства додадени на првично најавените 2.000.000 денари нема да можеме да реализираме ни дел од предвидената програма за 2023 година, а не пак да креираме и нова.“, појаснуваат од МКЦ.

    Арсовска рече  дека висината на буџетските дотации оваа година се 34.000.000, исто како и лани: 

    „Ова веруваме дека е точна информација, иако блок дотациите главно се однесуваат на режиските трошоци на институцијата, а од минатата година само струјата е три пати поголема од претходно.“

    На коментарот на Арсовска дека МКЦ мора и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага, дури и без дотации/субвенции од градот, затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари, тие велат:

    „Точно е дека МКЦ се труди да оствари и сопствени приходи, и да изнајде други начини на финансирање, и оваа забелешка ја разбираме како комплимент и признание за нашето успешно менаџирање на иституцијата. Но, мора да се истакне и дека сите овие дополнителни средства кои ги обезбедува МКЦ се реинвестираат повторно во други настани и проекти, креирање дополнителни нови и нови сопствени активности, и секако давање поддршка на разни надворешни креатори на независната културна сцена. Но исто така од овие средства се доплаќа и за струја и парно, се кречи, се плаќаат дополнителни работници, се поправаат компјутери, се купува опрема… Сето она кое Град Скопје, како една од нивните канцеларии за култура, не може да ни го обезбеди. Свесни сме за тоа „колку е долга чергата на градот и државата“ и затоа свесно се обидуваме да сработиме и повеќе од она кое се бара од нас. Како мала илустрација во 2019 година имавме засебни 1370 настани во 365 дена. Како е сето тоа можно? Кон годинашното и идното работењена институцијата, сакаме да додадеме и дека: новите одлуки на Град Скопје, каде што закупнините на простори се ограничуваат на една година, а евентуалните средства од нив ќе одат директно во Град Скопје, резултираат со незаинтересираност на надворешните субјекти за истите, сега истите се празни и најверојатно нема да може да сметаме на тие средства во нашите финансикси планови во иднина.  Овде, би ја искористиле приликата уште еднаш да потенцираме дека: секое вакво размислување и презентирање кое наведува на комерцијализација на јавните културни институции, се коси со правото на култура. Секое пазарно и комерцијално насочување на културата, доведува до развој на шунд и естрадизација. Можеби некоја друга институција треба, но МКЦ ниту е создадена, ниту смее тоа да го прави. Градот и државата мора да внимаваат на ова, и конечно да разберат дека под култура се подразбира креативно, оригинално и авторско творење, никако рециклирање и репродуцирање на туѓи авторства.“

    За лажниот притисок кон претходниот вд. Директор Ванчо Богоев, и потребата тој самиот да се извини за 48 часа. И причината за негово разрешување т.е. не продолжување на мандат појаснуваат: 

    „Од оправдани причини Ванчо Богоев денес не е тука со нас на ова јавно обраќање. Веруваме дека тој секако дополнително ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни законски механизми да ја објави вистината.Воедно ги охрабруваме и сите други вработени во администрацијата на Град Скопје, на кои веќе подолго време слушаме дака им се вршат исти или слични притисоци, кои тивко кажуваат и дека го слушале гласниот „состанок“ меѓу поранешниот вд директор и генералниот секретар на Град Скопје, доколу е тоа така и спрема нив, да истапат и го обзнанат тоа пред надлежните институции и јавноста. “

    Тврдењето на Арсовска дека преку 250 договори за ангажирање спротивно на закон без да се потпише договор за времено вработување. или да се ангажираат преку агенција за привремени вработувања или авторска агенција за кои ќе треба да се даде отчетност. За овие лица се исплаќани илјадници евра. „Повеќето се лица познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО. Над 90 договори од овие се за шанкери на кои им било исплаќано од 300 до 750 евра месечно. Ова е испумпување на средства кое некој треба да го објасни“, од МКЦ велат: 

    „Овде полека доаѓаме и кон делот кој се однесува на системот, надлежностите и законитоста на работењето. Имено, ЈУ МКЦ во 2019 година има 50 вработени, а вече сега, три години подоцна тој број по разни основи е сведен на 40. Иако реалните потреби за работници за нормално и непречено работење се можеби и многу над 70. Но за да може МКЦ да продолжи да функционира и во такви услови, и да ги испорачува квалитетно и навремено сите обврски, има две опции: едната, која досега беше пракса, е секој покрај основната да работи дополнителни 4-5 работни позиции. И втората, дополнително да ангажира повремено или проектно лица за одредени конкретни задачи и активности. Сите тие ги плаќа од сработените сопстевени приходи – не од доделените јавни средства – за кои бевме претходно и пофалени. Да не се потцени, но ние обезбедуваме и даваме работа на многу луѓе во градов. МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено и преку Агенција за привремени вработувања – но за кои повторно по закон, како и за редовните вработувања, треба согласност од Град Скопје. Таа согласност не ја добиваме.“

    Што се однесува до сега веќе бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, појаснуваат дека: во недостаток на редовен вработен персонал, секако за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни.  Политичките и партиски етикетирања во оваа точка нема да ги коментираме. Нашата партија се вика МКЦ“.

    Обвинувањето на Арсовска „од главната благајна на МКЦ подигнати се нешто над 100.000 евра во готовина, кои биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа (6.2 милиони денари) коментираат дека ова е паушална информација : 

    „Од каде е оваа информација? Кој ја потврдил или негирал? Дали ова е информација од тековната ревизија во МКЦ? Пред да одговориме на ова сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај. Имено, ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Но, досега правилата беа јасни: ревизијата по своето работење издава записник, на кој институцијата преку нејзините надлежните органи имаат законски рок да се произнесат и евентуално да појаснат и да дополнат пред таа да стане официјална. Ревизијата во МКЦ сѐ уште е во тек, и овие информации пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални. Но, во интерес на јавноста и насловите во овој момент, сепак ќе појасниме дека: како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет  од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ,  а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки. Тврдењата за недостаток на некакво покритие и документација за ова, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува. Повторно потенцираме, дека секое изнесување и толкување на ревизијата пред процесот законски да заврши, и истиот да се спроведе исклучиво од надлежни лица и институции, е само грубо кршење на правата на деловно работење во оваа држава.“

    Меѓудругите обвинувања на Арсовска: од 40 вработени, 12 се поставени како директори, односно како раководители на раководни фунцкии и не раководат со никого и земаат директорски односно раководни плати, одговараат: 

    „Тука би се обратиле до правните служби и правни советници во Град Скопје, да појаснат на своите претпоставени кои беа процедурите за трансформација постоечките работни места преку МИОА на работни места според Законот за јавна администрација и Законот за јавни службеници. Тоа беше процес, кој конкретно во нашата институција, поради природата и спецификата на работење и дејности кои ги опфаќа, траеше скоро четири години. Истите не би можело да се спроведат без одобрение по закон на надлежните институции и министерства за тоа. Секое вонзаконско толкување го разбираме само како лично дискредитирање на секој уредник посебно..

    И на најгласното спротиставување кон поставување на несоодветен кадар на директорското место, Арсовска се бранеше дека компетенции на директорот, споредбата со други работници во културата што немаат соодветното образование, дури и програмските уредници немаат соодветно образование, зошто директорот да биде дискриминиран – законот не вели дека треба да има соодветно образование.

    „Токму тука е нашето најгласно спротиставување. Програмските уредници кои стојат тука пред вас, апсолутно изминатите години пред јавноста ја докажале својата професионалност, компетентост и знаење за програмите кои ги уредуваат. Системскиот проблем на партиско и некомпетентно вработување и назначување е нашиот најголем противник. Токму за тоа гласно се залагаме: за департизација и професионализација на кадрите. Но во реалноста тоа е само предизборен памфлет, кој не важи веднаш по добивањето на власта и позицијата. Доста е! Пак ќе повториме: Дозволете им на младите да знаат зошто треба да учат, зошто да инвестираат во своите знаења и вештини, и зошто треба да останат тука! Да им покажеме кој е единствениот пат тука, дома, пред својата публика да покажат што знаат и умеат, и од тоа да живеат. Не е партискиот активизам и политиката патот до успехот. Не смее да биде.“, појаснуваат програмските уредници на МКЦ.

    Тие апелираат до сите надлежни институции: „охрабрете се и завршете ја својата работа по закон до крај. Одважете се, и по закон спроведете ги постапките и за ревизија, и за именувања. Веќе четврта година сме мета на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови. Ни го убивте кејфот и љубовта кон работењето. Истрајавме, и ќе истраеме сѐ додека веруваме во правна и правична држава, и само во тоа.  Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притосок на нашето работно место. Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје.“.

    Во неделата во МКЦ беше организиран музички мирен протест на кој се собраа стотици граѓани да го изразат својот револт и да дадат поддршка на вработените во МКЦ.

    А. Василевска

    Извор: novatv.mk

    Exit mobile version