More

    Румен Радев и вокабуларот на Кремљ

    По откривањето на спасоносниот потег на премиерот Петков во стартот на војната на Русија против Украина, вредноста на Бугарија во очите на Кремљ скокнува, пред сѐ како израз на бес против „изгубениот сојузник“. Јасно, нашиот источен сосед е длабоко поделено општество, а прорускиот дел го предводи бугарскиот претседател Радев.

    ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

    Кога кон Балканот се гледа од московски ракурс, два настани секако привлекуваат поголемо внимание. Едниот е објавата на германскиот „Ди Велт“ од пред десеттина дена дека за судбината на Кијив во почетокот на агресијата на Русија врз Украина, решавачка била брзата испорака на нафта и муниција за армијата која ја бранеше својата земја. Да се потсетиме само дека борбените возила направени во советскиот период, значи и оние кои ги има украинската војска, користат нафта со специјален дестилациски код, а планерите во Москва сметале дека против себе би имале „замрзната“ украинска техника. Блокада на тешкото вооружување не се случи, а таа првична офанзива насочена кон главниот град на Украина доживеа дебакл. Клучен актер во оваа брза акција ја имал бугарскиот премиер Кирил Петков.

    Вториот момент е неодамнешното интервју на претседателот Радев за радиото Дарик, кое од некои аналитичари е проценето како користење на речник на интервјуираниииот што едноставно излегол, фигуративно да пренесеме, од под вербалниот шинел на кремљовските пропагатори!

    Една од контроверзните изјави на Радев во интервјуто е:

    „Гледајќи дека мора да има војна до целосен колапс на едната страна, неизбежно и постепено нè турка кон глобален конфликт со можност за нуклеарно самоуништување“.

    Ова го пренесува во своја колумна бугарскиот новинар Евгениј Дајнов во бугарското издание на „Дојче веле“ и додава дека таа реченица веднаш станала омилениот цитат на ТАСС и РИА-Новости, агенции кои конечно нашле, вели тој, нешто за да ги смират страстите по неколкудневните беснеења по веста дека Кирил Петков и Асен Василев ја спасиле Украина од руски погром во првите недели од војната. Дајнов оценува дека зад овој говор на Радев „јасно блескаат главните тези на руската пропаганда“.

    Како овој искусен новинар, Дајнов наоѓа паралели за своето тврдење во текстот „Моралниот пад на еден натовски генерал“. Низ сите пропагандни канали на Кремљ се оди кон тоа да се објасни дека оваа војна води кон колапс на Русија и дека оттаму, во критичен час, ќе биде оправдано користењето на нуклеарното оружје за спас на Русија. Ова го тврди на пример и Дмитриј Медведев, кој е заменик на Путин во Советот за безбедност, тврдејќи, на пример, дека „губењето на сила во конвенционална војна може да предизвика почеток на нуклеарна војна“. На ова потоа се надоврзал портпаролот на Путин кој веднаш дообјаснил дека станува збор за „правото“ на Русија да возврати со нуклеарен напад кога ќе процени дека ѝ се заканува пораз.

    Неколку часа подоцна, вели Дајнов, преносите на руските пропагандни телевизии буквално експлодираат. Па еден пропагандист во подем му се обратил на Западот:

    „Како не се плашите од нас? Треба да се плашите, секој ден да се плашите, бидејќи ние во секој момент можеме да одлучиме да ве бомбардираме со нуклеарни бомби!“

    Ветеранот пропагандист, Владимир Соловјов, бил уште појасен:

    „Време е да се избрише од лицето на земјата и да се претворат во радиоактивен пепел сите Полјаци, Германци, Французи и, се разбира, Бугари…“

    Е, ова последното, треба да биде вистинскиот одговор на она што го сторил Петков со кого, знаеме дека е на сосема спротивни страни со претседателот Радев во однос на надворешната политика, особено кон ЕУ и НАТО, а јасно и кон прашањето на војната во Украина, пред сѐ, кон мотивот на започнување на она што може да значи почеток на трета светска војна!

    Јасно е дека, после подлегнување на неутралната Србија под притисокот на западните интереси, расте вредноста на Бугарија во очите на Кремљ. Од истите причини ќе расте и „вредноста“ на нашата земја, а резултат на сето тоа е новото заострување на македонско-бугарските односи, секако, со користење на инструментите кои се апсолутно во рацете на претседателот Радев!

    Тој во споменатото интервју вели дека „треба да се знаат длабоките политички и историски корени на овој конфликт“ за да се разбере војната. А под шинелот на кремљовската пропаганда стои дека омразата на Украина кон Русија била стара 400 години и така дошло до 2014 година и секако до последната проширена агресија пред една година. Да се разбереме, тоа не е теза која не ја подржуваат и тукашните русофили а всушност само приврзаници на путинизмот и, реално, мразачи на вистинската руска култура и душа.

    Инаку, анализата на тој говор јасно посочува кој е виновникот за војната: „старата украинска омраза“ и сокривецот – „Западот и нивниот интерес да ја водат оваа војна“… Споменатиот новинар ја посочува и следната реченица на Радев – „Побогатите европски земји можат да си дозволат да дадат оружје и да ја продолжат оваа војна на социјално и економско трошење, бидејќи имаат резерви и како земја и како граѓани“.

    Тоа го кажува и еден генерал на НАТО, кој додава дека Петков и Василев, додека ја спасувале Украина, се нашле „во сферата на заткулисните зделки со странските партнери“. И сега би се запрашале – кои се, пак, партнерите на Радев, кој станува сѐ помоќен и пограмотен господар на Бугарија, особено со продолжувањето на политичката агонија на неговата земја, која оди од избори во избори и не може да добие парламентарно мнозинство и влада веќе втора година. А се знае – – во тие услови техничката влада на Бугарија е производ на волјата на Радев, вклучувајќи го тука и намуртеното лице на министерот Николај Милков, активно вклучен во последните собитија на релација Софија – Скопје.

    Добро би било да го прочита текстот на Дајнов и екс-министерката за надворешни работи Захариева, излезена од мемливите подруми на живковизмот, која за Пендаровски рече дека бил „просрпски и проруски“ актер. Е па што е тогаш Радев? И чиј играч е самата таа со својата политика, што ни малку не се совпаѓа со модерните европски вредности?

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version