More

    Нова публикација на ИМА: „Руски и проруски дезинформации во Северна Македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА ја издаде новата публикација: „Руски и проруски дезинформации во Северна Македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“, во авторство на Жарко Трајаноски.

    Во публикацијата се укажува дека руската пропаганда со дезинформации не запре ни по зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО: „Блокирањето на почетокот на долгоочекуваните преговори со ЕУ, прво од страна на Франција во 2019, а потоа и од страна на Бугарија во 2020 година, и овозможи на руската пропаганда нов комуникациски пробив во Северна Македонија. За тоа придонесоа драстичното намалување на довербата во ЕУ, чие влијание на Балканот забележително се намали за време на КОВИД-пандемијата, но и проруските кампањи со дезинформации и теории на заговори во врска со вакцинацијата и мерките против пандемијата. По воената инвазија на Руската федерација во Украина во 2022, забележливо е уште позасилено влијание на руската пропагандна мрежа во земјата, како и на Балканот, што беше констатирано и од највисоки политички претставници од Северна Македонија.“

    Исто така, во публикацијата се посочува дека руските дезинформациски наративи повторно беа синхронизирани со наративите на локалните политички актери за време на политичките протести по прифаќањето на „францускиот предлог“, кој овозможи отстранување на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство на земјата во ЕУ: „Условот што го доби Република Северна Македонија по започнување на преговорите со ЕУ – уставни измени за кое е потребно двотретинско мнозинство – ѝ овозможува на руската пропаганда повторно да се мобилизира и да шири дезинформации и теории на заговори во Северна Македонија. Речиси истите пропагандни мрежи, канали на комуникација и дезинформациски наративи за загрозеност на македонскиот идентитет, јазик и народ, кои беа користени во 2018 година за време на Договорот од Преспа и референдумот, се активни и во 2022 и 2023 година. Целта на руското пропагандно влијание во Македонија не е само сеење на конфузија, туку спречување на продолжувањето на преговорите со ЕУ, натамошно поткопување на довербата во ЕУ, НАТО, Западот, и демократските институции, како и засилување на руското влијание во Северна Македонија.“

    Публикацијата беше претставена на панел-дискусијата на тема: „Руските дезинформации во Северна Македонија“, која се одржа во Скопје на 26.01.2023 година, во „Бруталиск“.

    Публикацијата може да се преземе на следниот линк:

    РУСКИ И ПРОРУСКИ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: АНАЛИЗА НА ПРОПАГАНДНИ НАРАТИВИ И СТУДИИ НА СЛУЧАЈ

     

    Exit mobile version