More

    Ковачевски: Со грижата за нашето културно наследство го штитиме и афирмираме нашиот посебен македонски национален идентитет

    „И оваа, 2023 година е обезбеден континуитет на реализацијата на програмите и проектите во културните установи, на платите на вработените во културата и на заштитата на културно-историското наследство. Направивме структурни измени во буџетот за 2023 година, со што се предвидени 1 милион евра повеќе за плати во културата за разлика од минатата година, додека се зголемени и блок-дотациите за општините од 6 на 6 и пол милиони евра поради зголемување на платите на вработените и на материјалните трошоци во локалните установи од областа на културата, како и капиталните дотации за општините од 1 на 20 милиони денари. Реализацијата на вкупниот буџет на Министерството за култура за 2022 година, е со над 95% и сите финансиски обврски за 2022 година се реализирани и се платени”, истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратенички прашања на денешната собраниска седница. Тој додаде дека како последица на зголемувањето на цената на енергенсите на светските берзи, се предвидени 6,85% од вкупниот буџет за културата да биде наменет за комунални услуги за установите од областа на културата за разлика од лани кога за тоа биле одвоени 3,93 %. Во 2023 година, според премиерот Ковачевски, средствата за субвенции и трансфери ќе изнесуваат 12,5 милиони евра до општините.

    Премиерот Димитар Ковачевски рече дека како што оваа Влада делува одговорно во другите области, така е и со делот на културата.

    „Продолжуваме во насока на заштита и грижа за културното и историското наследство, како и поддршка на реализација на програми и проекти од областа на културата. Иако сме притиснати од предизвиците на светската економска криза, сепак, успеавме не само да го одржиме трендот на успешно спроведување на зацртаните области и активности на културата, туку и да планираме повеќе средства во одделни проекти на културата”, потенцираше премиерот Ковачевски.

    Зборувајќи за зацртаните проекти во културата за годинава, премиерот Димитар Ковачевски најави дека старото училиште „Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик, а ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство.

    „Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик и дома и во светот. Продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет”, порача премиерот Ковачевски.

    Според него, со буџетот е предвидена реконструкција на сите споменици и спомен-обележја од Народноослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани што се случиле во НОБ.

    „Во делот на грижата за постојното културно-историско наследство, односно за реконструкција на сите споменици и спомен-обележја од НОБ, Владата обезбеди пари од Буџетот на државата иако, во согласност со Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата на спомен-обележје се надлежни општините, односно Градот Скопје. Министерството за култура е задолжено да склучи договори, меморандуми за соработка со општините за санација на спомен-обележјата и да достави информација до Владата во којашто ќе бидат утврдени потребните мерки и средства за оваа цел. Се со цел, повторувам уште еднаш, сите споменици од НОБ да бидат реконструирани”, додаде премиерот.

    Од позначајните проекти планирани за 2023 година, премиерот Димитар Ковачевски наведе дека годинава започнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Република Северна Македонија, каде што се наоѓаат етнолошката, археолошката и историската поставка на државата и бесценетата галерија на икони.

    Во однос на реализираното минатата година, премиерот ги наведе капиталните инвестиции реализирани во повеќе сектори, споменувајќи дека споредено со 2014 година, кога капиталните инвестиции биле во вредност од 286 милиони евра, лани тие се искачиле и достигнале вредност од 465 милиони евра, што е зголемување за 179 милиони евра или за повеќе од 60 %. Додека, само во последните три години, во услови на пандемија и светска економска криза, како што кажа премиерот, Владата успеала да реализира капитални инвестиции во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version