More

    Полиграф: Дезинформации се нападите на Кремљ дека Османи во Украина шпекулирал за жртви на руската агресија

    На 17.01.2023 Амбасадата на Русија во Северна Македонија на својата фб. страница објави дека „Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за „жртви на руската агресија“, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев.“

    Нападите на руската амбасада кон актуелниот претседавач со ОБСЕ беа објавени во повеќе македонски медиуми.

    Како претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи најостро ја осуди „постојаната руска агресија против Украина“, но изразите „руска агресија против Украина“ и „жртви на руската агресија“ не се негови шпекулации, туку изрази кои ги користат и други организации.

    Изразите „руската агресија против Украина“ и „агресијата на Руската федерација против Украина“ се користат и од страна на Обединетите нации, и од страна на ЕУ, и од Советот на Европа, и од страна на меѓународни организации за човекови права, и од страна на ОБСЕ, и од Европскиот парламент.

    На пример, Резолуцијата на Европскиот парламент од 6 октомври 2022 ја осудува „неоправданата, неиспровоцирана и нелегална војна на агресија против Украина од страна на Русија“ како и „масивните и тешки прекршувања на човековите права и воени злосторства извршени од страна на вооружените сили на Русија, нејзините помошници, и окупациските власти инсталирани од Русија во Украина“.

    Притоа, кога Османи апелира дека „Човечките страдања мора да запрат“, тој се повика на јануарскиот извештај на Високиот Комесар за човекови права на ОН наведувајќи дека „документира над 18 000 жртви од почетокот на агресијата“ и укажувајќи дека „вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем.“

    Навистина, во извештајот на Високиот Комесар за човекови права на ОН од 16.01.2022 се тврди дека „Од 24 февруари 2022, кога започна вооружениот напад на Руската федерација против Украина, до 15 јануари 2023“, се документирани „18,358 цивилни жртви во земјата: 7.031 убиени и 11.327 ранети.“

    Како што соопштија повеќе медиуми кои се повикаа на извештајот на ОН, „Повеќето од регистрираните цивилни смртни случаи се случиле во областите под контрола на Владата во Украина“.

    Османи не е единствен политичар кој укажувал на жртвите на Руската воена агресија или инвазија врз Украина. И генералниот секретар на ОН „шест месеци по Руската инвазија на Украина на 24 февруари“ потенцираше дека „за време на овој уништувачки период, илјадници на цивили беа убиени и повредени, вклучувајќи стотици деца.“

    Затоа, неосновани се нападите на Кремљ дека Османи во Украина шпекулирал „за „жртви на руската агресија“, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“. Ваквите напади ги оценуваме како дезинформации кои ја дефокусираат јавноста од фактите за илјадниците жртви од „агресијата на Руската федерација против Украина“.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version