Последни написи

Пендаровски бара Џамбаски да се стави на „црната листа“ на Македонија (ВИДЕО)

Претседателот Стево Пендаровски на седницата на Советот на безбедност што се одржа попладнево им предложил на институциите, односно Владата и МНР, да го прогласат бугарскиот пратеник Ангел Џамбаски за персона „нон-грата“, што би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, забрана, шефот на државата предлага и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.

 

 

„На вакви антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начини. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега, при што  тој круг на провокации што предизвикува насилство сигурно нема да заврши. Второ, со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е, согласно одредбите на Законот за странци, да му забранат влез во земјата  на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеја и  порано и се уште постојат. Тоа се: закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека, ако лицата се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон-грата“, кажа Пендаровски.

Дел од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе од претходно имале мерки и биле протерувани.

 

 

„Поводот за седницата на Советот за безбедност не беше само немилиот настан во Охрид, бидејќи тоа е само мал дел во мозаикот. Според достапните анализи и сознанија, се работи за организирани активности од страна на структури во Бугарија, кои се активирани по усвојувањето на преговарачката рамка во јули минатата година. Овие структури се мобилизирани, логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица на 4. февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат да бидат неми набљудувачи на тоа што се случува“, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека, според неговите надлежности, може само да предложи ваква мерка, но најави дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки – од границата, сѐ до гробот на Гоце Делчев во скопската црква Свети Спас.

Најавите за ваква можна нова бугарска провокација пред еден ден дојде и од Тодор Петров кој преку социјалните мрежи ги повика Македонците масовно да присуствуваат на гробот на Гоце Делчев а МВР да им забрани на бугарските националисти кои најавуваат дека ќе дојдат таму организирано со автобуси (како да немаат свои споменици на Гоце Делчев во Бугарија).
„Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ги осудува милитантните најави, со закани за физички пресметки и ликвидации -“Ќе дојдеме илјадници, кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без раката!“- упатени од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на таканаречената фондација “Македонија“ од Бугарија, заради масовна прослава на 151-годишнина од раѓањето на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, на 4 февруари, во македонската православна црква “Свети Спас“ во 12 часот, со обезбеден превоз во автобуси и возила од Софија.
СМК апелира на масовно присуство на Македонците на 4 февруари во македонската православна црква “Свети Спас“. СМК ги поддржува сите Македонци кои околу македонската православна црква “Свети Спас“ до Калето ќе се собираат од 3 февруари! Поради најави за нарушување на јавниот ред и мир, СМК бара МВР да ги преземе сите мерки до забрана за влез во Македонија на организаторите – бугарската фондација “Македонија“, имајќи предвид дека Виктор Стојанов јавно се фали по социјалните мрежи дека во Скопје организирал воена обука, дека дава по 30 евра на деца во Македонија да учат бугарски јазик, литература и историја на он-лајн училишта, дека низ Скопје негови членови залепиле 10.000 налепници на кои пишува дека сме биле еден народ со Бугарите, дека упатуваше закани за физичка ликвидација на претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
Фондацијата “Македонија“ е основана во април 2021 година, како што е објавено на официјалната страница, од Бугари во Бугарија, Македонија и Албанија, со цел “населението во Бугарија и Македонија да биде едно општество во две држави“!
Со цел заштита на достоинството и суверенитетот на Македонскиот народ и државата Македонија, СМК бара македонската Влада да ги прогласи за персона нон грата и да им забрани влез во државата Македонија на Виктор Стојанов, претседател на нео-фашистичката фондација “Македонија“, Милен Врабески претседател на антимакедонската фондација “Бугарска памет“, Костадин Костадинов претседател на нео-фашистичката партија “Преродба“ и пратеник во Народното собрание на Бугарија, Ангел Џамбаски европратеник и потпретседател на нео-фашистичката партија ВМРО-БНД, Красимир Кракачанов претседател на антимакедонската партија ВМРО-БНД и Андреј Ковачев, европратеник на ГЕРБ!“-стои во најавата на Петров.

Latest Posts

Не пропуштај