More

    И „Зелен хуман град“ со 15 предлози за намалување на аерозагадувањето во Скопје

    Од иницијативата „Зелен хуман град“, која што има и советници во Советот на Град Скопје, имаат 15 предлози за намалување на аерозагадувањето во Скопје. Од нив, шест мерки се за итно постапување. Притоа, од „Зелен хуман град“ најпрво бараат Советот на Град Скопје да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурните инверзии во Скопската котлина.

    Како предлог за итно постапување, тие предлагаат јавно да се објави регистарот со правни лица и локацијата каде се наоѓаат на територија на Град Скопје, кои според закон треба задолжително да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека ја немаат.

    „Важно е тој регистар да биде јавен, за да може граѓаните да го следат напредокот за секој случај поединечно, бидејќи доколку еден субјект е задолжен да почне процес за добивање Б-интегрирана дозвола, а не го испочитува рокот кој му е даден, задолжително мора да му се забрани вршење дејност додека не ја обезбеди дозволата во согласност со чл. 96 од Законот за инспекциски надзор“, велат од „Зелен хуман град“.

    Под итно од „Зелен хуман град“ бараат забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145 став (2) алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри, што е соодветно за ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h.

    „Ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секој 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално (за 1%) се зголемува бројот на автомобили, се доаѓа до неизбежниот заклучок колку повеќе и колку пошироки улици – толку повеќе автомобили“, ја појаснуваат од „Зелен хуман град“ мерката која што би довела до демотивирање на автомобилскиот сообраќај.

    Како предлози за итно спроведување, од иницијативата бараат да се забрани пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје; нови паркинг-места за велосипеди и заклучок за задолжителен велосипедски паркинг за сите нови објекти, но и измена и дополнување на Краткорочниот акциски план за заштита на амбиентниот воздух во Град Скопје и општините во Град Скопје со мерки кои се во склад со најновите научни сознанија за изворите на загадување во Скопје.

    Како среднорочни мерки што би се спровеле до крајот на мандатот (2025 година) на територијата на Град Скопје, од „Зелен хуман град“ предлагаат воведување на густа мрежа на мерни станици, и тоа по една на максимум 1.500 метри квадратни со приоретизирање на оние што би биле околу индустриските капацитети и погони.

    Исто така, како среднорочна мерка се предлага изведба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки/ленти со повисока минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, a со приоритет на велосипедски сообраќај, но и конечно воведување на систем за самоизнајмување велосипеди.

    Меѓу 15-те мерки што ги предлагаат од „Зелен хуман град“ се и отворање на 10 градски биокомпостари во секоја општина и работилница за преработка на отпадна пластика.

    До крајот на постојниот мандат на градското раководство, тие предлагаат сите објекти под надлежност на Град Скопје да имаат фотоволтаични системи, а да се доделуваат и субвенции за изведба на фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства. Исто така, од „Зелен хуман град“ предлагаат Градот Скопје да воведе и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување, а како последна мерка се предлага високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај.

    Предлозите од „Зелен хуман град“ за намалување на аерозагадувањето во Скопје доаѓаат откако претходно и СДСМ предложи свои седум мерки за борба против загадениот воздух во главниот град и побара итна седница од Советот на град Скопје за да се дискутира по нив.

    Извор: meta.mk

    Exit mobile version