Последни написи

Забрчанец: Отворен Балкан не може да биде замена за ЕУ, но е забрзувач на нашата евроинтеграција

„Отворен Балкан е еден вид пилотирање на нашето членство во ЕУ. Тоа што го правиме со Отворен Балкан – овозможувањето на повеќе соработка, слободен проток на трговски продукти, зголемен извоз како резултат на зелените ленти, тоа е ЕУ. ЕУ е настаната по основ на економска соработка. Отворен Балкан не може да биде замена за ЕУ, но е забрзувач на нашата евроинтеграција“ изјави националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец во „Утрински печат“.

Тој кажа дека и Отворен Балкан и Берлинскиот процес се иницијативи кои се потребни една на друга и кои носат европеизација на регионот преку поставување на европски стандарди, кртитериуми што резултира со подобар живот на граѓаните и поквалитетни институции.

„Поддршката за Отворен Балкан е во постојан раст. Скоро и да нема политичка партија во земјава која не го поддржува Отворен Балкан. Истото важи и во Србија и во Албанија, се разбира постојат исклучоци од овој тренд, но ако ги видиме и анкетите, од почетните 50-60 отсто, денес речиси 80 отсто од граѓаните ја поддржуваат иницијативата“ рече Забрчанец.

Тој додаде дека најголеми поддржувачи и најголема потреба од Отворен Балкан имаат компаниите и бизнисите кои се секогаш тука да ги поддржат, но и критикуваат владите доколку тие забават во својот перформанс на она што е ветено.

Забрчанец истакна дека се е подготвено за отстранување на работните дозволи меѓу земјите во Отворен Балкан.

„Се е подготвено за имплементација на проектот за отстранување на работните дозволи меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија. Софтверски се веќе вмрежени трите држави, тоа значи дека граѓанинот ќе треба да си извади ИД број, еден вид на идентификациски број и со тој број ќе биде препознаен во системите за вработување во било која од трите држави“ , вели Забрчанец.

Тој упати апел до пратениците што поскоро да го ратификуваат меѓународниот договор со што се елиминираат овие прашања, бидејќи се друго е подготвено.

„Ако вие имате ИТ компанија од Скопје и вашите вработени работат онлајн за Тирана или Белград, нема да има потреба од вадење на работни дозволи, тие ќе можат да работат и дејствуваат по правилата на двете други држави. Да си земаат плата од Србија или Албанија дури и да бидат пензиско и здрававствено осигурани во Србија и во Албанија“ објасни Забрчанец.

Тој кажа дека веќе има информации дека дел од големите компании на кои им треба работна сила го чекаат стартот на овој проект со цел да се привлечат работниците од сите земји.

„Стравот за одлевање на граѓани од државата не е оправдан, бидејќи ова е повеќенасочно. Ако некој отиде да работи во Србија, друго д Србија ќе дојде да работи тука“ рече Забрчанец.

Националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи потенцира дека Отворен Балкан го „пакува“ регионот како атрактивен за туризам, гастрономија, но и единствен пазар

„Една од иницијартивите на Отворен Балкан е „пакување“ на регионот како регион кој е атрактивен за туризам, за кастрономија, регион со убава храна и атрактивен по добро вино“ рече националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, додаде Марјан Забрчанец во „Утрински печат“.

Тој исто така кажа дека има поддршка од САД да се „пакува“ регионот како единствен пазар со цел да се привлечат поголем број на странски инвестиции.

„Мојата проценка за приклучување на нови држави кон Отворен Балкан ќе расте како што растат резултатите од проектите. Бидејќи кога ќе паднат работните дозволи, тоа ќе создаде економска дејност, забрзување на економската соработка меѓу трите држави. Кога тоа ќе се расчуе во Босна и Херцеговина, во Косово и во Црна Гора ќе се создаде притисок од оние кои треба да имаат бенефит, граѓаните и компаниите кон своите власти“ рече Забрчанец.

Тој кажа дека стопанските комори во овие земји веќе почнуваат да вршат притисок кон своите власти за зголемена економска соработка.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај