More

    Вистиномер: Старо видео манипулира дека жена се онесвестила поради ковид вакцината

    Жената што се онесвестува на видеото е Тања Ериксен, шеф во данската агенција за лекови, која на 14 април 2021 година заедно со Сорен Бростром, генералниот директор на данската здравствена управа, држи прес-конференција за да објават дека Данска го запира користењето на вакцината против ковид-19, АстраЗенека.  Иако во постот како виновник за оваа непријатна случка индиректно се посочува вакцината против ковид-19, сепак тоа не е вистина. Кога се случил инцидентот (во април 2021), Ериксен воопшто не била вакцинирана против ковид-19, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

    Текстот подолу го пренесуваме во целост:

    Видео од жена која се онесвестува на прес-конференција се споделува на социјалната мрежа Фејсбук, при што се манипулира дека онесвестувањето е предизвикано од ковид вакцините. Ова е неточно, а на објавата ѝ недостига контекст.

    Каде е ова, која е женава и зошто вака падна(ко тараба), а стручњаци, експерти, вистиномери, фактчекери… ???

    Зошто порано не паѓаа вака често, како сега, а стручњаци, експерти, вистиномери, фактчекери… ???

    Еве, повелете истражете !!!, пишува во постот.

    Инцидентот, снимен во видеоклип од 14 секунди, беше споделен на Фејсбук на почетокот на 2023 година, но видеото е многу постаро. Во самиот текст на објавата се инсинуира дека ова се случило како последица од вакцината против коронавирусот.

    Дека таа е пораката што сака да се испрати со споделување на видеото потврдуваат и коментарите под објавата кои велат: „Ваксинајс бустер доза“„Imunizirana“„Od mnogu vaksajns ke da e“.

    Но, за што всушност станува збор?

    Прво, со ова видео манипулира јавноста затоа што истото е од настан што се случил пред речиси две години, односно во април 2021 година. Што значи видеото е старо и не станува за нов инцидент.

    Жената што се онесвестува на видеото е Тања Ериксен, шеф на фармаковигиланца во данската агенција за лекови. Таа на видеото држи прес-конференција заедно со Сорен Бростром, генералниот директор на данската здравствена управа, на 14 април 2021 година, за да објават дека Данска го запира користењето на вакцината против ковид-19, АстраЗенека.

    Настанот беше привремено прекинат кога Ериксен се онесвести на подиумот.

    На социјалната мрежа Твитер, Данската агенција за лекови објави дека Ериксен е „во ред со оглед на околностите“, но била однесена во болница за да биде прегледана.

     

    На 19 април, пет дена по инцидентот, Ериксен објави фотографија на Твитер и напиша дека добила „тежок удар“ во главата, но дека „сега добро закрепнува“.

     

    Иако во постот како виновник за оваа непријатна случка индиректно се посочува имунизацијата против ковид-19, сепак тоа не е вистина. Кога се случил инцидентот (во април 2021), Екриксен воопшто не била вакцинирана против ковид-19, па така нејзиното онесвестување никако не може да е поврзано со вакцината.

    Данската веб-страница за проверка на факти Tjek Det, неколку дена по инцидентот, ја цитираше Данската агенција за лекови дека инцидентот не е поврзан со вакцината, бидејќи Ериксен тогаш (во април 2021) сè уште не примила вакцина против ковид-19.

    Покрај сите наведени факти, заклучуваме дека на објавата што ја рецензираме и недостига соодветен контекст за точно и реално да се прикаже ситуацијата. Без соодветниот контекст, и со инсинуирање на нешто што не е вистина, се создава лажна сликата во јавноста и се наведуваат корисниците на социјалните мрежи да поверуваат во нешто што не е вистина.

    Извор: Вистиномер

    Exit mobile version