More

    „Втора шанса“ за завршување на средно стручно образование на невработените лица

    Агенцијата за вработување ги повика сите невработени лица да го дооформат своето средно стручно образование преку новата пилот програма „Втора шанса“. Преку оваа програма, 200 граѓани од земјава ќе имаат можност да го завршат своето средно стручно образование и истата ќе се спроведе од средни стручни училишта за машинска, електротехничка, угостителска и градежна струка.

    „Врз основа на податоците со кои располагаме и со намера да им се помогне на невработените лица со пониски квалификации и пониско ниво на образование, оваа пилот програма беше конципирана и отворена како можност за невработени лица со незавршено средно стручно образование – 3-та година од стручното образование за занимања (тригодишно образование) или 4-та година од техничкото образование (четиригодишно образование). Заинтересираните лица при пријавувањето треба да приложат оригинал од свидетелствата кои ги имаат. Сите лица кои ќе бидат селектирани и ќе учествуваат во програмата „Втора шанса“ ќе добијат диплома за завршено средно стручно образование, која не ја стекнале додека биле вклучени во редовниот образовен процес“, вели Наташа Здравковска, координаторка на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ во чии рамки се спроведува програмата.

    ОД Агенцијата за вработување информираат дека огласот е во тек и ќе биде отворен за пријавување сѐ до исполнување на предвидениот опфат од 200 учесници. За проектот може да се пријават невработени лица кои немаат завршено средно стручно образование и спаѓаат во ранливите целни групи на проектот – корисници на гарантирана минимална помош, млади лица до 29 години, Роми, жени, лица со попреченост и долгорочно невработени лица.

    Заинтересираните кандидати треба да се пријават во Центрите за вработување.

     

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version