Последни написи

Полиграф: Тврдењата дека осуденикот Даравелски не останува во затвор, и дека му „застарело извршувањето на казната“ се неосновани

Повикувајќи се на „доброупатени извори“ порталот Плусинфо на 10.01.2023 објави сензационалистички наслов НА ДАРАВЕЛСКИ МУ ЗАСТАРЕЛО ИЗВРШУВАЊЕТО НА КАЗНАТА Во „Идризово” само ќе се прошета.

Според овие неименувани извори, „Даравелски решил да влезе во Македонија откако преку неговите адвокати се уверил дека неговите дела се застарени и не може да биде задржан на издржување на затворската казна која му е досудена во 2007 година“.

И други портали тврдеа дека Даравелски не останува во затвор, затоа што „Застарело извршувањето на казната“.

Но, Основниот суд Куманово, на 11.01.2023 соопшти дека застареноста на извршувањето на казната не настапила: „Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“.

Истиот ден, и Основниот кривичен суд Скопје реагираше на шпекулациите за евентуалното застарување на извршувањето на санкцијата односно застарувањето на кривичниот прогон: „Ја известуваме јавноста дека застарувањето на извршувањето го утврдува судот според местото на последно живеалиште на осуденикот, односно Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка.“, се вели во соопштението на Судот.

Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите на Советот за етика се вели дека „Во известувањето за истражни и судски постапки, онлајн медиумите ќе се повикуваат на информации од официјални истражни и правосудни институции, без сензационалистички пристап во информирањето.“ Објавувањето на непроверени информации за случајот Даравелски е показател за непочитување на овие насоки.

Тврдењата дека осуденикот не останува во затвор, и дека му „Застарело извршувањето на казната“ се покажаа како неосновани. Но, судските постапки и натаму продолжуваат. Затоа, порталите треба да се придржуваат до етичките насоки, кои велат дека „Онлајн медиумите нема да известуваат со предрасуди и да донесуваат избрзани судови за вината на осомничените лица, ниту пак ќе го прејудицираат исходот од судските постапки, за да не влијаат врз судските органи и врз текот на постапките.“

Latest Posts

Не пропуштај