More

    На повидок коалиција на сите проевропски политички сили. Што значи и дали е возможен Фронтот за ЕУ за кој говори Али Ахмети?

    НАЗМИ АБДУРАХМАНИ

    Најавата за проширување на парламентарното мнозинство со Алијансата за Албанците (АА), внатрепартиските во Демократската унија за интеграција (ДУИ), како и повиците Али Ахмети, за формирање на сојуз за обединета Европа, го окупираат вниманието на јавноста. Од сето тоа, сепак, се издвојува изјавата на Ахмети со која, се чини, на повидок е создавање на голема проевропска коалиција на сите партии за да се достигне потребната поддршка за уставни измени во Собранието.

    Ахмети: Да се ​​создаде сојуз за Европа, да се исполни домашната задача

    Претседателот на ДУИ Али Ахмети започна серија средби со граѓаните под мотото „Заедно за Европа“. Тој, меѓу другото, пред присутните рече дека без уставни измени не може да се отвори првото поглавје, затоа што скринингот е почнат и следната средба со ЕУ треба да започне во ноември.

    „Најдобар начин да ги решиме нашите проблеми е да создадеме сојуз за обединета Европа, и сите да ги смират малку суетите, за што е можно поскоро да ги исполниме обврските дома и барањата од Европа и САД, затоа што треба да работиме за нашата татковина“ – рече Ахмети.

    Ахмети, во едно од своите излагања деновиве, додека зборуваше за „Огнената група“ во неговата партија, повика на поширок проевропски фронт, кој ќе се занимава со процесот на интеграција.

    „Треба да размислиме и да се надминеме себеси, како да ги здружиме силите. Како да се направи многу посилен сојуз за да биде успешен во ова патување. Се разговара за Алијанса за Европа“, рече Ахмети во теливизиско гостување за Клан македонија.

    Алијанса за Албанците спремни за влез во Владата

    Од друга страна, Арбен Таравари од АА во телевизиско гостување за ТВ 21 изјави дека постои можност за вклучување во Владата, затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку тоа го бараат и граѓаните, во тој случај, Алијансата може да биде дел од Владата.

    „Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата“, изјави Арбен Таравари за ТВ21, додавајќи ако не станат дел од Владата, „тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот.“

    Што велат експертите за ЦивилМедиа?

    ЦивилМедиа го праша универзитетскиот професор Мурат Алиу од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, дали се реални најавите на политичките експоненти за проевропско политичко сојузништво, со конечна цел уставни измени и консолидација на европскиот пат против „деструктивните сили“.

    „Повиците за проевропска алијанса во принцип се позитивни повици за деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Македонија, процес кој многу се одолговлекува како резултат на споровите што ги имаше нашата земја со соседите. Но ако ја гледаме моменталната состојба во однос на бројките во собранието да се направат уставни измени, мислам дека ситуацијата не им оди во прилог на проевропските сили, со оглед на тоа што недостасуваат бројките потребни за такво нешто“, рече Алиу.

    Тој понатаму вели дека „ВМРО ДПМНЕ, од која зависи бројката од 80 пратеници потребни за уставните измени, не дава сигнали дека може да ги поддржи овие измени“.

    Здравицата кај Еди Рама

    Здравицата за Нова година кај албанскиот премиер Еди Рама со албанските лидери на Северна Македонија може да се прочита како проевропска коалиција, имајќи го предвид лансирањето на идејата на ДУИ за сојуз за Европа. Меѓутоа, со оваа констатација не се согласува главниот одговорен уредник на интернет порталот независен.мк, Љупчо Поповски.

    Тој за ЦивилМедиа изјави дека средбата во Тирана не беше воопшто за да се создава проевропска коалиција во Македонија.

    „Се знаеше дека сите партии во албанскиот блок  ја поддржуваат измената на Уставот. Таа повеќе му послужи пропагандно на Еди Рама, отколку на актерите од Македонија“.

    Во врска со најавата на Алијансата за Албанците за вклучување во Владата, тој истакна дека одговорот по ова прашање е покомплициран отколку што изгледа.

    „Алтернатива не сака да ги загуби веќе добиените ловишта, Али Ахмети е во дилема кого да го смени во владата, ако некој треба да си оди за да влезе човек на Алијансата. Ако тоа не биде Артан Груби, ќе навлече дополнителен гнев кај одметниците во партијата. Алијансата проба да кокетира со ВМРО-ДПМНЕ и тоа ѝ се удри од глава на локалните избори, особено во Тетово. Сфатија дека е премногу рано за ваква „нова љубов“. Сега сакаат да им се вратат на старите прегратки кои топлеа колку-толку“.

    Сите политички конфигурации водат кон ЕУ

    Сите политички конфигурации сега се насочени кон постигнување на конечната цел, која толку многу се прокламира, а тоа е – чекорењето на земјата по колосекот на Европската Унија. Во име на оваа кауза, според читањето меѓу редови, ќе се соберат сите проевропски сили во еден блок да започне и заврши маратонот наречен Европска Унија.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version