More

    Мета факт: Ги нема ветените униформи и таблети за штипските ученици, проектори има, но само во некои училници

    Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, во својата предизборна програма насловена како „За Штип гарантираме, создади нова иднина“, има ветено дека до крајот на 2022 година ќе набави нови компјутери/таблети за секое дете. Освен тоа, Јорданов до крајот на 2022 има ветено и дека ќе набави и униформи за учениците од основното образование, како и дека ќе набави проектори за во секоја училница во градот. Во овој момент, набавката на комјутери за секое дете не е реализирана, униформи засега исто така нема набавено за учениците, а само дел од проекторите се набавени и поставени во училници, па затоа две од ветувањата ги оценуваме како неисполнети и едно, го оценуваме како делумно исполнето.

    Во предизборната кампања, во програмата за работа, во делот „Еднакви можности за образование за сите“, Јорданов на страница 29 напишал:

    „Со пандемијата ковид-19 сфативме дека комуникацијата преку Интернет може понекогаш да биде единствена алатка за учење и социјализација на учениците. Затоа сме должни, за секое дете да обезбедиме техничка алатка преку која не само што ќе се следи наставата, туку и ќе се изработуваат проектните задачи за во училиште.
    Начин на финансирање: Буџет на Општина Штип, бизнис сектор. Рок на реализација: 2022 година.“

    Исто така, токму во делот за образование, во програмата на истата 29 страница е наведено:

    „Со цел да се намалат разликите меѓу децата и фокусот да биде насочен кон воспитно – образовниот процес, општината ќе обезбеди униформи за сите ученици од основното образование во Општина Штип. Начин на финансирање Буџет на Општина Штип, бизнис сектор. Рок на реализација: 2022 година“.

    На страница 30, пак, стои:

    „Во 21 век кога технологијата бележи нагорна линија на напредок, доколку сакаме учениците да бидат подготвени за модерните текови на пазарот на трудот, должни сме да им создадеме современи услови за следење на наставата, преку набавка на проектори. Проектот ќе се финансира од општинскиот буџет, а рокот на реализација е 2022 година“.

    Откако Мета.мк не доби одговори на поставените прашања на електронската адреса на општината, го побаравме телефонски лично градоначалникот Јорданов. Во врска со ветените проектори, тој информира дека дел од уредите се набавени и поставени во училниците. Што се однесува, пак, до набавката на униформи за учениците, веќе ги ставиле во буџетот за 2023 година и тој рече дека очекува овие месеци да се спроведе постапката и да се набават.

    „Учениците до петто одделение ќе имаат униформи. Што се однесува до таблетите за сите деца, немаме набавено. Лани имавме набавка на таблет-компјутери во одредени училишта, но не беа за сите деца. Со оглед на враќањето на училиште со физичко присуство, немаше потреба од набавка на овие уреди, така што тоа засега е во мирување. Се фокусиравме на униформите и на проекторите кои ќе бидат набавени во првата половина на оваа година“, изјави градоначалникот Јорданов.

    За набавката на проекторите за секоја училница, објавено е и на веб-страницата „Нова иднина за Штип“. Инаку, за во 2023 година, градоначалникот во програмата ветил и дека за во секое училиште ќе набави и смарт табли бидејќи, како што напишал, учениците тоа го заслужуваат. Дали ќе го исполни ветувањето, останува да видиме.

    Врз основа на одговорите до кои дојде Мета, можеме да заклучиме дека ветувањето за набавка на таблети за секој ученик не е исполнето, ветувањето за набавка на униформи не е исполнето во зададениот рок до крајот на 2022 година, а дека ветувањето за набавка на проектори за секоја училница е делумно исполнето.

    ИЗВОРИ:

    Изборна програма „За Штип гарантираме, создади нова иднина“, проверено на 17.01.2023 година;

    Веб-страница „Нова иднина за Штип“, проверено на 17.01.2023 година

    Телефонска изјава од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

     

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version