Последни написи

Последниот грчки крал

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Константинос Гликсбург, последниот грчки крал кој почина на 82 годишна возраст, во понеделникот во Атина беше погребан без државнички почести, како приватно лице, со одлука на грчката влада. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека Константинос не е погребан како владетел затоа што државата со која владееше „Кралството Грција“ веќе не постои.

 

И, навистина, времињата кога со Грција владееше режимот на „тројството“ – Палатата, војската и полицијата, одамна не постојат. Константинос беше синоним на тие времиња, а неговите „интервенции“ во политичкиот живот на Грција во средината на 60-тите години на минатиот век доведоа до соборување на владата на Јоргос Папандреу постариот, и инсталирање на еден од најцрните режими во Европа – хунтата на полковник Јоргос Пападопулос. По падот на хунтата во 1974-та Грците на референдум во големо мнозинство ја отрфлија монархијата како облик на владеење и ја инсталираа републиката. По падот на хунтата и палатата, а особено откако на власт дојде централно-левичарскиот ПАСОК на Андреас Папандреу во 1981-вата година, грчкото општество се демократизира. Престана прогонот врз комунистите и левичарите. Дури и весникот „Ризоспастис“ можеше да се купи во слободна продажба. Полека го снема стравот од униформите и тајната полиција. Во 1984-та година Папандреу ги рехабилитираше и борците на ДАГ, дотогаш ословувани како „листосимуритес“ (бандити), а многумина кои беа раселени низ социјалистичките земји низ светот, се вратија во Грција, каде што си го повратија имотите и одземеното грчко државјанство. Но, оваа одлука беше дискриминаторска затоа што се однесуваше само на Грците по род, а не и на Македонците.

И денес, модерна Грција одамна ослободена од темното минато на страховладеењето на униформите и палатата, го закопува Константинос како обичен граѓанин, со што јасно се дистанцира од времињата пред повеќе од половина век. Но, во однос на правата на етникумите кои не се изјаснуваат како Грци, води политика стара цел еден век!

Имено, Грција како држава официјално го признава само „муслиманското малцинство“ (станува збор главно за Турци и Помаци) – како и малите заедници на Евреите и Ерменците. За официјална Атина во Грција нема Македонци, нема Турци, нема Албанци… За оваа политика Атина се повикува на договорот од Лозана во 1926-та, со кој е официјализирана присилната размена на населението меѓу Грција и Турција, и со кој Грција признава само муслиманско малцинство, како и на Нејскиот договор од 1919, и договорот Молов-Кафандарис од 1927 со кој беше уредена размена на населението и финансиско обештетување на раселените меѓу Грција и Бугарија. Но, живееме во третата декада на 21-от век, кога се направени огромни чекори во однос на еманципацијата, индивидуалните и колективните човекови права, и односот кон малцинствата кој се оправдува со договори од пред цел еден век, е повеќе од анахронизам.

Кон крајот на минатата година во Лерин беше регистриран Центар за македонски јазик, со кој требаше да се овозможи слободно изучување на македонскиот јазик во Северна Грција. Но, окружната обвинителка ја оспори регистрацијата на судот, бидејќи смета дека ова претставува обид за создавање на македонско малцинство во Грција. Судски епилог на оваа постапка се очекува во февруари. Но, самото оспорување на регистрацијата и повикувањето на аргументот кој добива страшен призвук во Грција – а тоа е „обид да се создаде малцинство“, уште еднаш ја покажа ригидноста на грчката држава кон малцинските права на другите етнички заедници.

Се разбира, дури и ова прашање политичките партии во Македонија се обидоа да го искористат за политички ПР, па така по самата регистрација на здружението во Лерин, од владејачкиот СДСМ поитаа да излезат со манипулација дека патот кон регистрација на Здружението го отвори Преспанскиот договор. Противниците на Преспанскиот договор, пак, откако регистрацијата е оспорена, сега велат дека Грција ја спори регистрацијата, токму заради тоа што таа е спротивна на Преспанскиот договор. Вистината е дека Преспанскиот договор не задира во внатрешните прашања на Грција и односот кон другите етнички заедници на нејзина територија.

Проблемот не е во Преспанскиот договор, туку во модерна Грција, со страшни  предрасуди кои поинаквите, кои се влечкаат со години. Последниот пат кога се крена врева околу ова прашање беше во 2008-та кога специјалната преставничка за малцински прашања на Обединетите Нации Геј МекДугал ја посети Северна Грција, а во Воден имаше состанок и со организациите на етничките Македонци во Грција. Во нејзиниот извештај, таа напиша дека оствари средби со бројни лица во Грција кои се идентификуваат како етнички Македонци и препорача Грција да се повлече од расправата дали на нејзина територија постојат турско и македонско малцинство, а да се фокусира кон одбрана на правото на самоидентификација, слобода на изразување и слобода на здружување на овие заедници.

Борбата за правото на самоидентификација и изучување на мајчиниот јазик, си ја водат Македонците во Грција и нивните организации. Тие немаат никаква помош во таа битка од македонскиот политички естаблишмент, и од македонските политички партии. Грев е да се манипулира и на тоа да се ќаруваат ситни политички поени, со желбата на овие луѓе, слободно да си го изучуваат сопствениот мајчин јазик во Грција.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај