Последни написи

Политичарите, особено оние на власт, да се воздржат од етикетирање и оценување на медиумите и новинарите!

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Политичарите, особено оние што се на власт, не смеат да етикетираат медиуми и новинари и да изнесуваат оценки за нивната работа! Напротив, токму политичарите, особено оние што се платени од народни пари, се тие чија работа подлежи на судот и опсервацијата на медиумите и јавноста!

 

Секако, има медиуми што известуваат професионално, има и такви што известуваат непрофесионално и тенденциозно за работата на политичарите. Но, судот за работата на медиумите не го носат политичарите, туку, пред сè, публиката!

Освен тоа, за прекршувања на законите или професионалните правила од страна на медиумите постојат законски и саморегулаторни механизми, кои може да ги искористи секој граѓанин, па и политичар, доколку смета дека некој медиум или новинар му ги повредил правата.

Но, дури и во такви случаи, политичарите кои се на власт треба да знаат дека тие треба да бидат далеку порезервирани во користење на овие механизми, да бидат поиздржливи и да бидат поотворени кон критиката од медиумите.

Она што треба да го разберат политичарите, особено оние на власт, е дека нивна работа, меѓу другото, е да ја слушаат критиката на медиумите и јавноста, дури и во случај да е претерана и тенденциозна, да извлечат поуки и да сторат сè што е во нивна моќ да работат подобро и да ги оправдаат очекувањата на граѓаните кои има дале доверба на избори.

Така е тоа во една вистинска демократија.

Но, власта, дури и во една демократија, знае да ги опие политичарите.  Се сеќаваме на едни други времиња, од пред неколку години, кога ја изгубивме демократијата и станавме заробена држава и хибриден режим, кога опиената власт ги контролираше речиси сите медиуми и ги етикетираше, оцрнуваше, напаѓаше па и затвораше оние што ја критикуваа.

Знаеме и како заврши таа приказна – со пораз на авторитарната власт и победа на демократијата. Оти, така завршува секоја власт, која ќе ги заборави овие постулати и ќе влезе во битка со медиумите и јавноста.

Веќе неколку години, по падот на режимот на Груевски, земјава бележи напредок на сите релевантни светски индекси за мерење на слободата на медиумите. Би било огромна штета за сите нас овие постигнувања да бидат нарушени поради непромислени постапки на политичарите. Целата јавност, особено од власта, очекува продолжување на напредокот, а не назадување на ова поле!

Latest Posts

Не пропуштај