Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција посветена на реализација на капиталните инвестиции, информираше дека минатата година целосно беше завршена изградбата на експресниот пат Штип – Кочани. На неа тој наброи дел од главните капиталните инвестиции од ресорот транспорт и врски.
-Со пуштањето на делницата Крупиште – Кочани, во месец декември, сега го скратуваме времето на патување од еден до друг град на граѓаните од целиот источен регион на државата. Коридорот 8, експресниот пат кон Бугарија се гради со два нови изведувачи и тоа е сосема нова делница паралелна со постојниот пат којшто води до границата со Бугарија. Исто така, се работи на проширување на трета лента до границата, а комплетно е рехабилитиран патот Куманово – Ранковце. Министерството за транспорт и врски гради и рехабилитира 44 експресни, магистрални и регионални патишта, од кои работите во најголем дел се завршени, а некои сè уште се во тек, кажа Ковачевски.
Премиерот информира дека 75 локални улици и патишта се завршени или се во тек на рехабилитација преку првите три тендери во рамки на Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта, со средства обезбедени преку Светска Банка.
– Со 3 тендери се планира рехабилитација на уште 76 улици и патишта, со вкупна должина од околу 65 километри. Во овој момент активно тече изградбата на автопати во должина од 59 км. Динамиката на изградба на коридорот од Кичево до Охрид, кој е во должина од 57 км и во вредност од 598 милиони евра е навистина забрзана. Таму веќе 75 % од патот е завршен и се работи со забрзана динамика откако беа отстранети сите пречки , додаде премиерот.