More

    Бабовски на првиот Управен комитет на ЕУ проектот за развој на капацитетите на ветеринарните служби на Западен Балкан

    Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски со тим експерти од институцијата денеска во Будва, Република Црна Гора, учествува на првиот Управен комитет на регионалниот проект „Capacity building of veterinary and plant health services in the Western Balkans – Lot 1 – Animal Health” – ADEWB II, финансиран од Европската Комисија.

    Како што соопшти АХВ, на денешниот состанок на Управниот комитет се дискутира за активностите на проектот што почна да се реализира на 19 јули 2022 година, со времетраење од 36 месеци, чија цел е обезбедување соработка и размена на податоци во приоритетни области за регионот. Од областа на здравствена заштита на животните и на други теми на кои е таргетиран проектот, учесниците ќе имаат повеќе презентации, дел и за статусот на одредени болести во земјите од регионот.

    Состанокот на Управниот комитет на проектот е дел од Третиот форум на директорите на ветеринарните служби од регионот на Западен Балкан и на него покрај претставниците на регионалните ветеринарни служби, присутни се претставници од Европската Комисија, високи претставници од Директоратите за здравствена заштита на животните и за здравје и безбедност на храна од Европската унија DG SANTE, претставници на делегациите на ЕУ во земјите од регионот и претседателот на Канцеларијата за Европа на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), Будимир Плавшиќ.

    Северна Македонија беше домакин на Вториот форум што се одржа во Охрид минатата година, кога директорот Бабовски го презема претседателството во период од шест месеци, а кое траеше до денеска. Новото претседателство директорот Бабовски денес ќе му го предаде на Владимир Џаковиќ, директор на Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни прашања на Република Црна Гора.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version