Бегството на затвореникот Бесим Мемети (36) при неговиот транспорт во болница е кулминација на состојбата во затворските установи каде врие од незадоволство, како на вработените, така и на затворениците.
Неофицијално, командирот и полицајците кои го спроведуваа Мемети се суспенирани, а истрага за бегството ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Дека корупцијата е голем проблем во затворите е фактот што суспендираниот командир веќе бил осуден за примање мито.
Затворскиот полицаец И.Х во моментов е на лекување во КАРИЛ и засега нема информации за неговата здравствена состојба, откако беше застрелан од Мемети, кој му го зел пиштолот додека го возел затворското комбе за да го транспортираат во болница. Откако го застрелал чуварот, Мемети избегал со автомобил „ауди“ без таблички, кој на автопатот кон Скопје кај бензиската пумпа на Лукоил претходно го пресекол патот на службеното возило.
Ваквото бегство отвара дузина прашања кои Управата за санкции мора да ги одговори, независно што се во тек разговори за изготвување на новиот Закон за извршување на санкции, пред се во делот на барањата на затворскиот персонал- корекција на бодирањето на платите, регулирање на пензионирањето и зголемување на надоместоците при нивното пензионирање, регулирање и прецизирање на овластувањето на Затворската полиција, зголемување на процентот на некои ставки од компонентата дополнителна плата, 100% покриена боледувае и други барања.
Како е можно затвореник од висок ризик, што Мемети секако е, пред се затоа што е осуден за убиство и има долгогодишна казна затвор, а не му е прво бегство од затвор да биде транспортиран без полициска придружба? Кој оценил дека нема ризик за такво негово транспортирање?
Понатаму, како на Мемети му бил дозволен транспорт во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ поради повреда на десната раката, а за која нема детали од каква природа е и дали имало потреба од болнички третман, и тоа безмалку на полноќ. Дали имало лекар што дал таква дозвола или немало дежурен лекар во КПД „Идризово“ па персоналот донел такваа одлука. Тоа отвора многу прашања ако се знае дека има голем број на поплаки од затвореници, здрави но и хронично болни што се жалат дека не можат да добијат соодветен лекарски третман.
Затворската управа треба да одговори како Мемети, доколку навистина имал болки во раката или бил повреден, практично со една рака го разоружал возачот што значи дека не бил во лисици или седел до или зад него што е недозволиво. Тоа го отвора прашањето што правеле другите тројца чувари, кои според МВР, биле во затворскиот „форд транзит“.
На крајот, Мемети секако го организирал бегството со помош од надвор, што укажува дека имал комуникација со помагачите, односно поред дозволените повици најверојатно користел мобилен телефон, кои се забранети за затворениците.
Управата за извршување на санкции најави дека ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Воедно. ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан.
Затворската полиција од КПД„Идризово“ летово пред затворот организираа протест на кој побараа надлежните од Министерството за правда да им ги слушнат маките и заедно да изнајдат решение за наталожените проблеми за кои досега ниту една влада не презела нешто.
Нивниот протест уследи по палењето на автомобилот на командирот на службениот паркинг во најголемиот затвор во Македонија, но и по полициската акција во „Идризово“ кога од затвореници беа запленети 50-ина мобилни телефони, ножеви, дрога, па дури и оружје.
Во текот на 2022 година имало вкупно 256 бегства од казнено-поправните установи. Притоа, 73 лица избегале така што се оддалечиле од кругот на затворите, додека најголемиот дел од бегствата поточно 183 биле извршени со злоупотреба на доделена погодност надвор од казнено-поправната установа.
(Извор: 24инфо)