Во Собранието треба да има групи кои го промовираат и подржуваат мултикултурализмот и интеркултурализмот на нашата земја. Меѓутоа, одредени политички субјекти со сите сили се обидуваат да го поткопаат она што несомнено оваа држава го постигна, а тоа е во делот на меѓуетничките односи, односно прифаќање на различностите.

„Јас не мислам дека работата на еден пратеник е да излегува на говорница и да навредува, но очигледно има колешки и колеги кои сметаат дека тоа е функцијата на пратениците“, рече пратеничката Санела Шкријељ на конференцијата на Цивил, „Различностите, благодат или проклетство“ во врска со говорот на омраза на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска.
Пратеничката Стојкова Серафимовска ги навреди Бошњаците од собраниската говорница (на седницата на 16.07.2022) обраќајќи и се Шкријељ рече дека има „збунет идентитет“ и „не знае што е“.
„Ќе добиете деца и младина и иднина со збунет идентитет, каков што е Вашиот идентитет колешке, очигледно Вие сакате да имате наследници како Вие што сте во моментов, и нашите поколенија и нашите генерации да не знаат што се, да не знаат што се како вие што не знаете што сте“, рече Стојкова Серафимовска од говорницата.
Кон осудувањето на ваквиот говор на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ се надоврза и Џабир Дерала од Цивил кој истакна дека ова е срамно и заслужува секаква осуда и отфрлање од сите граѓани и граѓанки.
Шкриjељ потенцира дека недостасува јавна осуда за говорот на омраза од сите во нашето општество, без разлика дали се пратеници, медиуми, активисти…
Таа истакна дека претходната власт промовираше национализам и поделби. Во самите учебници пишуваше дека „Македонците им дале дури и повеќе права на малцинствата од тоа што го бара меѓународната заедница, и тоа на своја штета. И ние не можеме да очекуваме од тие ученици да имаат висока толеранција и почитување на различностите. Ние имаме високо ниво на нетолеранција кон различностите.
Шкриjељ нагласи дека системски начин да се справиме со нетолеранцијата и почитување на различностите е токму образованитето.
Дехран Муратов
камера: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ангел Ангеловски
(Извор: CIVILMEDIA)