Последни написи

Откриено е што треба да направат македонските граѓани за да бидат фини како Финците, најсреќниот народ на светот во 2022 година

ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Во 2011 година, Обединетите нации (ОН) ја прифатија филозофијата на бруто националната среќа како „фундаментална цел на човештвото“ и како „нова економска парадигма“.

Оттогаш, под покровителство на ОН се мери степенот на среќа во одделни земји преку „Извештајот за светската среќа“ (World Happiness Report), а 20 март е одреден како Меѓународен ден на среќата. Извештајот се објавува секоја година, како резултат на тригодишна последователна опсервација на  државите опфатени во него.

Во извештајот за 2022 година, Северна Македонија е на 92-то место од вкупно 146 земји со Авганистан на последното. Од земјите во регионот пред нас е Албанија (91), на којашто ѝ претходат Бугарија (86), Црна Гора (71), Грција (67), Босна и Херцеговина (63), Хрватска (59), Србија (47) и како најдобро пласирана Словенија (29).

На врвот на оваа листа на најсреќни се Финска по четври пат по ред, Данска, Швајцарија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шведска, Луксембург…

Среќата во овој извештај се мери според шест критериуми: бруто домашниот производ по жител; социјалната политика; здравиот (очекуваниот) животен век; слободата во донесување на животните избори; дарежливоста на општеството (generosity of the general population); како и перцепцијата и нивото на корупцијата.

Во толкувањето за овие критериуми, познатиот економист, професот на Универзитетот Колумбија и директор на Центарот на одржлив развој при овој универзитет Џефри Сакс, како еден од членовите на бордот на „Извештајот за светската среќа“, се осврнува на последниот критериум посебно и вели дека „луѓето се посреќни кога се дарежливи и кога како такво го доживуваат и општеството“.

„Луѓето сакаат да живеат во општество со чесна власт“, и додава дека „тоа влијае на нивната среќа зашто ако преовладува корупцијата тогаш општеството е несреќно“.

Ако го земеме тоа во нашиот случај, тогаш Северна Македонија со право ја постави борбата против корупцијата како врвен приоритет.

Како таква ја најави вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска кога на Регионална конференција за борба против корупцијата, која ја организира во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на Владата на Велика Британија и Регионалната Антикорупциска Иницијатива, рече дека „граѓаните бараат резултати во борбата против корупцијата, а не декларативни заложби“.

„Или сериозно ќе се зафатиме со отстранување на дефектите и вирусите од системот или истите ќе нé изедат самите како трули јаболка. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како досега,  едноставно веќе не може. Мора да го подобриме и зајакнеме ударот кон организираниот криминал и корупцијата, на кој начин можеме да ја подобриме регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансиски текови во регионот“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Сега останува оваа декларативна позиција да се преточи во ефикасни и сеопфатни мерки за ефикасна борба со корупцијата. Тоа треба да биде првиот чекор доколку Северна Македонија посака да се искачи повисоко на индексот на среќните народи.

И кога сме повторно на темата „Извештајот за светската среќа“ куриозитетен е фактот е дека ова истражување и индексот на среќата се инспирирани од една земја, којашто, иако е членка на Обединетите нации, не е оценета ниту истражувана во оваа смисла, бидејќи ги надминува сите останати. Станува збор за Кралството Бутан. Оваа земја е прогласена за најзелена земја во светот, земја без загадување со јаглеродни гасови. Бутан е единствена земја којашто во својот Устав како уставна категорија ја внесе токму бруто националната среќа и којашто својот раст не го мери преку растот на бруто домашниот производ, туку преку растот на бруто домашната среќа.

Нема ништо лошо во тоа Северна Македонија да го следи примерот на Бутан, земја со којашто, барем како декларација, имаме сличности во изборот на критериуми за среќно општество и луѓе.

Добро, и тука е важен економскиот раст, но останатите три елементи како што се културната разноликост, екологијата и ….. охххх, повторно тоа – доброто владеење, односно општество без корупција, ни се блиски и заеднички.

Извор:civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај