More

    Со лажна наградна игра на Фејсбук се злоупотребува брендот на „Кока Кола“

    Страницата од која се споделува невистинитата наградна игра нема други постови, нема официјални податоци за „Кока Кола“, нема други содржини, нема контакт адреса, ниту вообичаените маркетинг активности коишто „Кока Кола“ ги има на своите официјални комуникациски канали на социјалните мрежи. На официјалната Фејсбук страница на „Кока Кола“ која може да се погледне на следниот линк и таму нема никаква наградна игра којашто асоцира на оваа што е споделена во постот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

    Текстот подолу го пренесуваме во целост:

    Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува наводна наградна игра на „Кока Кола“. Наградната игра е лажна и креирана од лажна страница која не е на никаков начин поврзана со Кока Кола. Целите за оваа манипулација се најверојатно да се приберат личните податоци од корисниците на Фејсбук, бидејќи од нив се бара да ги остават своите податоци со невистинито ветување дека ќе добијат награда.

    Во постот се тврди дека тимот на „Кока Кола“ прави нешто посебно во последно време и дека корисниците на Фејсбук треба да го изберат нивниот месец на раѓање и врз основа на избраниот месец ќе добијат подароци.

    Како мамка за да се поверува во оваа измислица, поставени се фотографии од нови фрижидери коишто наводно би им се доделувале на наградените. Во постот има граматички и јазични нелогичности, како на пример пораката на крајот од објавата:

    Не го сфаќајте лесно. Можеби ти е редот. Вашето време започнува сега.

    Што пак, сугерира дека можеби постот е преведуван од друг јазик.

    Потоа во коментарите под лажната наградна игра се остава линк со дополнителни инструкции, а кога ќе се кликне на линкот пишува:

    Честитки, освоивте сет фрижидер, што прозвучува чудно, нелогично.

    На тој линк се упатуваат корисниците на Фејсбук да остават свое име и презиме и мејл адреса за наводно да добијат известување како да им стигне фрижидерот на домашната адреса. Страницата од која се споделува овој повик за невистинита наградна игра нема други постови, нема официјални податоци за „Кока Кола“, нема други содржини, нема адреса контакт ниту вообичаените маркетинг активности коишто Кока Кола ги има на своите официјални комуникациски канали на социјалните мрежи. Тоа е дополнителен индикатор дека станува збор за лажна наградна игра. Сепак, постот е вирален со 129 споделувања од граѓани коишто не ни насетуваат дека станува збор за лажна наградна игра и се вклучуват следејќи ги инструкциите.

    И во јуни 2021 година брендот на „Кока Кола“ беше злоупотребен со креирање на лажна наградна игра којашто се ширеше на социјалните мрежи. Тогаш „Кока Кола“ извести дека за сите свои активности граѓаните треба да се информираат официјално на страницата Кока Кола.мк.

    Официјалната Фејсбук страница на „Кока Кола“ може да се погледне на следниот линк и таму нема никаква наградна игра којашто асоцира на онаа што е споделена во постот што го рецензираме.

    „Кока Кола“ во ноември годинава спроведе своја наградна игра на поинаков принцип од оној прикажан во постот. Стануваше збор за наградна игра поврзана со фудбалски натпревари и кодови коишто требаше да се скенираат во посебни апликации дизајнирани за таа цел. Доделените награди беа телевизор, проектори, фудбалска топка, ваучери од Техномаркет и од Спорт М.

    За таа официјална наградна игра има и официјален документ објавен на страницата на „Кока Кола“. Од него може да се види како изгледа веродостоен опис на веродостојна наградна игра.

    Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

    Извор:meta.mk

    Exit mobile version