Последни написи

Владина делегација во посета на „Пекабеско“: Компанијата користи субвенционирана струја, вработува 440 работници и ги намали цените на своите производи

Владина делегација составена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска беа во посета на фабриката за производство на месни производи „Пекабеско“.

По разгледувањето на капацитетите на компанијата премиерот Ковачевски во својата изјава за медиумите истакна дека на нашата економија ѝ требаат успешни компании каква што е и „Пекабеско“, иако во време на криза, каква што имавме во минатите години Владата водеше грижа и помагаше преку антикризните мерки за да им овозможи на компаниите да се зачуваат, и како што кажа премиерот, најважно од сé да ги зачуваат и вработените.

Компанијата „Пекабеско“ користи субвенционирано снабдување на струја и поради тоа месните производи од декември лани се намалени за 8%. Преку владина поддршка компанијата има инсталирано и соларни панели, со што задоволува дел од потребите за струја за нивните производствени капацитети, рече премиерот и истакна дека оваа компанија е пример за резултатот што го даваат владините мерки.

-Денеска со министрите Бектеши и Николовски го видовме производството на фабриката „Пекабеско“, една од важните движечки сили на домашната економија, позната компанија тука дома и во регионот како и промотор на традиционални месни специјалитети и производи. На сопствениците, целиот менаџерски тим и пред сé на работниците, во „Пекабеско“ им честитам на мисијата за квалитет, која ја држат во живот цели 44 години и кои создадоа препознатлив вкус преку месните производи кои освен на домашниот пазар, се извезуваат и во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, меѓутоа и во земјите од ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека со создавање новини во производството се создава и раст на компанијата, а тоа најдобро го чувствуваат вработените.

„Ние како Влада го цениме тоа и се грижиме во време на голема непредвидливост наметната од економската и енергетската криза, преку антикризните мерки и други политики, на компаниите да им обезбедиме да ги зачуваат своите бизниси, но најважно од сѐ да ги зачуваат и вработените. Од друга страна, преку мерките за компаниите го ублаживме растот на цените и ударот врз стандардот на граѓаните. Пример за ова е „Пекабеско“. Компанијата ја користи мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија и во декември минатата година цената на нивните производи е намалена во просек 8%“, посочи премиерот и истакна дека ваквите успешни компании ѝ требаат на нашата економија.

„Мерките кои ги донесовме се од голема важност за компаниите, бидејќи за нив обезбедивме стабилност, а крајниот бенефит од тоа го имаат граѓаните““, истакна Ковачевски.

„Пекабеско“ е дел од енергетска трансформација што ја поддржува владата. Со државна помош, преку Законот за поддршка на инвестиции, оваа фабрика инвестира во нови технологии, во нови машини. Во моментов „Пекабеско“ претставува најсовремена фабрика за производство на месни производи во регионот, а притоа веќе има инсталирано и фотоволтаични централа од половина мегават, со планови за нејзино неколкукратно проширување.

Премиерот му честиташе на менаџерскиот тим на компанијата за успешната работа и со надеж дека годишното производство од 9.000 тони месо ќе се зголемува низ годините, притоа и ќе ги зголемат своите производствени капацитети и тимот со нови вработувања.

Во „Пекабеско“ работат 440 работници и овде просечната плата е 36.000 денари, што е показател дека оваа компанија се залага за квалитетен живот на своите вработени.

Koн крајот на минатата година „Пекабеско“ доби сертификат на ОЕО сертификат со што стана 25. компанија која има воспоставено контрола над процесите на своето работење во Македонија.

Компанијата веќе ги користи зелените и брзи ленти на граничните премини и придобивките од „Отворен Балкан“.

Во „Пекабеско“ заедно со премиерот Ковачевски беа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за економија Крешик Бектеши.

А.Т.

(Извор: Brif.mk)

Latest Posts

Не пропуштај