Последни написи

(ФОТО) Насер од Тетово на фармата има 4080 овци и 50 коњи: „Јас сум четврта генерација што се занимавам со сточарство и решен сум да продолжам да ја развивам фармата“

Насер Џемаили од Тетово, по струка технички ветеринар, а наскоро и правник, со сточарство се занимава од мали нозе.

„Сточарството ни е фамилијарен бизнис, јас сум четврта генерација што се занимавам со сточарство и решен сум и покрај големите препреки да продолжам да ја развивам фармата. Пред четири години почнавме да се занимаваме и со рурален туризам, отворивме коњички клуб и организираме тури со коњи низ цела Шара“, рече Насер.

Фармата на Насер и неговото семејство, „Биофарма 1 Мај“, брои 4080 овци и повеќе од 50 коњи и, како што вели Насер, е единствена во Македонија што има толкав број овци. На фармата, освен членовите на семејството, имаат и 25 вработени.

Го прашавме Насер со какви проблеми и искушенија се соочува при одгледувањето на овците.

„За жал трлата во коишто ги чуваме изградени се од поодамна и полека со текот на времето ја губат својата можност максимално да можеме да ги употребуваме. Токму овде државата треба да обрне поголемо внимание со помош. Ги храниме со органска храна, но бидејќи не успеавме да земеме државна земја, храната за овците ни излегува многу скапа“, вели Насер.

Насер, кој од неодамна е секретар на здружението „Млад сточар“, смета дека во Македонија сѐ уште има многу млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство.

„Се зачленив во здружението „Млад сточар“ за да докажеме дека уште има млади што сакаат да се занимават со сточарство иако ни се лоши условите. Пласманот за јагнињата е кој како се снајде и кланиците здружено ги поставуваат цените на јагнињата и секако се ниски, токму затоа ни е потребно организирање. Секогаш заедно можеме повеќе да работиме, ќе имаме разни совети што ќе ни помогнат да го развиеме сточарството. Чекаме повеќе можности за проекти кои ќе ни овозможат полесно да функционираме.“

Насер ги повикува сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство да не се двоумат и да почнат веднаш, бидејќи, како што вели, сите сме почнале од некаде, а сточарството сега ни е профитабилен бизнис.

Извор:agrotim.mk

 

Latest Posts

Не пропуштај