More

    И ревизијата потврди: ТИРЗ покажа резултати со промената на концептот за работа после 2017 година

    ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

    Дали заради мамурлак или непрофесионална небрежност една девет години стара вест во деновите меѓу Нова Година и Божик стигна на „првите страници“ со наслови со коментари „неверојатно, но вистинито“ и со друг сличен вординг за привлекување кликови.
    Во изворниот текст за оваа информација под наслов „ ТИРЗ Тетово склучиле договор за јавно- приватно партнерство кој наместо 35 години, ќе трае 96 “, суштината на информацијата е „закопана“ длабоко во текстот, речиси, невидлива, а тоа е дека станува збор за договор потпишан во април 2013 година, од владата на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски .

    Таа, 2013, тогашната Влада За вкупно 157 милиони евра му го довери стопанисувањето со технолошко индустриската развојна зона Тетово на конзорциумот од две државни и три приватни норвешки компании, Нормак Инвестмент Груп. По принципот на јавно-приватно партнерство инвеститорот Нормак Инвестмент Груп доби договор на 96 години со цел да привлече инвеститори во зоната за да одстварат поголема соработка на деловните субјекти во регионот на Тетово.

    Она што останува мистерија е зошто оваа бајата информација доби централно и единствено место во новинарски текст кој е направен овие денови врз основа на ревизорскиот извештај Државниот завод за ревизија за работата на Технолошко-индустриските зони за последните десет години?!?

    Ова е легитимно прашање затоа што така како што е уреден и пласиран текстот неминовно се „врзува“ за работата на актуелниот менаџерски тим на Дирекцијата за трговско-индустриските зони (ДТИРЗ), што воопшто не одговара на реалноста, на што, врпочем, укажува и самиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на зоните.

    Наспроти оваа издвоена наведувачка информација ревизијата истакнува дека странските инвестиции во ТИРЗ донесуваат за повеќе придобивки со позитивно влијание за Северна Македонија.

    Извозот достигна 3 милијарди евра, а приходите во државниот буџет се четирикратно поголеми во однос на 2016 година.

    Државниот завод за ревизија утврдил дека иако обемот на производство, односно услугите остварени во ТИРЗ, квантитативно и вредносно се намалени во 2021 и 2020 година, споредени со истите во 2019 година. Тоа е логично ако се земе предвид дека 2020 и 2021 беа пикот на ковид и следствено економската криза.

    Сепак ревизорите утврдиле дека вредноста и количината на извршената надворешно – трговска размена, односно вкупниот увоз и извоз на компаниите во ТРИЗ-овите во 2021 година, после двете кризни, го надминува нивото од 2019 година.

    Прогрес во овие вредности е остварен и во 2022 година кога во октомври е надмината и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година, вели за МИА директорот на ДТИРЗ Јован Деспотовски.

    Успешната работа на компаниите основани во ТИРЗ-овите значително учествуваат во полнењето на државниот Буџет, пари кои потоа, по разни основи се насочуваат кон граѓаните како дел од кризните мерки или за поддршка на новите инвестиции.

    Буџетот на државата во досегашниот период остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ. Најголем годишен пораст на приходите во Буџетот е регистриран во 2017 година, и тоа за 327% во однос на предходната. Во 2020, компаниите во ТИРЗ уплатиле над 2,4 милијарди денари во државната каса на име придонеси од задолжително социјално осигурување, трошоци за даноци на плати и надоместоци на плата и данок на добивка.

    Тоа е речиси четирикратно зголемување во однос на 2016 година.

    Ревизијата истакнува дека странските инвестиции во ТИРЗ придонесуваат за повеќе користи кои не можат да се квантифицираат, но имаат позитивно влијание за РСМ и тоа:

    – Воведени се нови производства и бизниси кои можат да привлечат и други компании во ТИРЗ;

    – Се врши пренесување на знаење во нови технологии во производството, корпоративното управување, финансиите, што доведува до унапредување на стручноста и капацитетите на работната сила за тие технологии, кои подоцна може тие знаења да ги пренесат на други компании, со што домашниот пазар би можел да биде поконкурентен;

    – Се врши промоција на извозот на национално ниво, од причина што компаниите во ТИРЗ исклучиво своето производство го пласираат на извозните пазари;

    – Партнерството со домашните компании има влијание врз зголемување на трговијата и профитот кај нив, и

    – Се создава потенцијал за брзо преструктуирање на индустриите во регионот и трансформирање на економијата во извозник на стоки и услуги.

    Од 2017 до 2021 година е постигната двојно поголема вработеност во однос на 2016 Само бројот на вработените во Технолошко индустриски развојни зони во однос на 2016 година е повеќе од двојно поголем само како резултат на новите рекордни инвестиции.

    Во 2016 година во ТИРЗ биле вработени 6.282 лица, а во декември 2021 година нивниот број изнесува 14.206 вработени.

    „Она што посебно ме радува е тоа што само во изминативе две години се отворени над 3 500 нови работни места, а од 2017 година до денес бројката е + 10.000. Тоа се 160 проценти повеќе работни места од оствареното во периодот 2007 – 2016 година. Тоа се 10 000 наши сограѓани, семејства, соседи, пријатели кои добиле можност да остварат пристојна живеачка дома. Платите растат и прв пат во 2021 ги надминаа просечните во целата економија. Оваа година, иако податоците треба да се сумираат со завршните сметки, очекувам раст на нето платата од најмалку 15 отсто, а многу веројатно дека растот е и поголем“, вели Деспотовски во интервју за МИА.

    Во 2022 година во октомври бројот на вработени во ТИРЗ ја достигна бројката од 15.328 лица.

    Просечната плата во ТИРЗ во 2016 изнесувала 19.758, во 2020 година 29.462 денари, а во мај 2022 година за прв пат во изминатите 15 години просечната плата во зоните ја надмина просечната плата во националната економија, што е нешто повеќе од 32.000 денари.

    Освен платите, грижата за вработените во ТИРЗ компаниите опфаќа и пренесување на знаење и стручно усовршување на вработените преку континуирани обуки во земјата и странство со цел да се обезбеди високо квалификувана работна сила, а работниот процес се одвива во современи ергономски услови и се почитуваат мерките за подобрување на безбедноста и здравјето при работа, нотираат ревизорите.

    Дополнителни се нудат голем број поволности и се води сметка за задоволството на вработените преку обезбедување на приватно здравствено осигурување за вработените и членовите на нивните семејства, исплаќање на бонуси за успешност, обезбеден превоз и топол оброк, користат и одредени бенефиции за попусти во големите трговски маркети, спорт и рекреација.

    Позитивните трендови продолжуваат и во 2023 година.

    Директорот Деспотовски во интервјуто за МИА најави нова инвестиција од Северна Америка, која ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип за нови 2 000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано за крајот на 2023 година.

    Преку законот за стратегиски инвестиции се финишираат преговорите за најавената инвестиција на грчки „Митилинеос“ во делот на енергетиката вредна нешто повеќе од 200 милиони евра.

    Тој уште открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3 со светски позната јапонска компанија во областа на електрониката и додава дека значително е зголемен и интересот на домашните инвеститори со кои се во тек понапредни преговори за инвестиции од над 500 милиони евра.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version