More

    Не си играјте со оган, држете ги подалеку децата од говорот на омраза

    ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

    Во македонското општество и политичка пракса има доволно пукнатини во кои може плодно да се вметнат клинови на говор на омраза или на национализам, кои често пати се „спакувани“ како дезинформации.

    Студијата на Европскиот парламент, „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them, („Мапирање на говорот на омраза на Западен Балкан и идентификување на начините за ефективно справување со нив“) од 2021 година, е своевидна дијагностиката на точките за напад со дезинформации и говор на омраза за да се храни национализмот и нетрпеливоста кон другите, поинаквите.

    Кампањите со говор на омраза и дезинформација каталогизирани за оваа студија, покажуваат дека тие имаат за цел, во приближно еднаква мерка, да ги влошат внатрешните конфликти меѓу заедниците на етничките Македонци и етничките Албанци, да им наштетат на меѓународните односи на Северна Македонија, особено со соседите, и да ги нарушат или да влијаат на клучните или критични процеси во земјата како што беа референдумот од септември 2018.

    Два од такви клинови на говор на омраза беа активирани или интензивирани во последните месеци од минатата година и го поттикнаа овој текст и насловот кој апелира да не се игра со огнот на национализмот и да се држат децата подалеку од говорот на омраза.

    Заканите за подметнати бомби охрабрија коментари дека се таргетираат само училишта во чисти етнички, македонски училишта и токму на таа теза еден пријател прво инсистираше дека „во Тетово нема дојави за бомби“ и дека е „ептен очигледно“ дека овие закани доаѓаат од Албанци.

    Кога се случи и дојава за бомба токму во Тетово, пријателот ми вели „тоа е колку да замачкаат очи“.

    Ќе поминеше ова како наива и изолиран случај, но кога на засилувањето на интензитетот на оваа теза на социјалните мрежи им се придружи градоначалничката на Скопје со сомнеж достоен на теориите на заговор дека „некој има дијаболичен план да посегне по децата“, сфатив дека ѓаволот сериозно ја презел работата под свое.

    Втората сериозна појава за грижа е ширењето на еден стар видео клип од времето на војната во Босна и Херцеговина со наслов „Ми смо муслимани, Алахови робови“. Тоа што е особено распространет на социјалните мрежи на кои се во мнозински број младите тинејџери и адолесценти ја прави јасна намерата на дистрибутерите на оваа содржина која без соодветен контекст и толкување само го поттикнува и засилува говорот на омраза.

    Интересни се коментарите во врска со ова видео, од кои заслужуваат внимание оние што застапуваат и наметнуваат став дека силна и авторитетна држава би знаела да се справи со „овие“, алудирајќи на ликовите што се појавуваат во видеото.

    На оваа појава предупредува изјавата на Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам за медиумскиот настан „Перспективи 2023“ на ЦИВИЛ, во којашто тој укажува дека „од аспект на сите кризи со кои се соочивме, се наметна една нова ситуација, повторно се разгоре национализмот, повторно се подели народот на оние што се за западните вредности и на оние што сѐ уште мислат дека вредности може да генерираат диктаторски режими“.

    На два аспекта укажуваат овие појави: Прво, колку е уште чувствително и ранливо македонското општество во однос на меѓуетничките односи и дека токму затоа е неопходна постојана алертираност и грижа да се предупредува на секоја закана по овие односи.

    Второ, треба сериозно да го прифатиме фактот дека препознавањето, пријавувањето и санкционирањето на говорот на омраза и делата од омраза не е соодветно на растечкиот говор на омраза во последните две и повеќе години, во кои доминира политичкиот говор на омраза како резултат на континуираната политичка криза која го поларизираше целокупното општество.

    Со политичките говори набиени со говор на омраза, кој првенствено доаѓа од опозицијата, се поттикнуваат делбите меѓу граѓаните, политичарите, активистите и медиумите на патриоти и предавници, а интензитетот на навредувачки содржини полни со омраза се зголемуваше и во медиумите и на социјалните мрежи.

    Оттаму, време е да се прифати дека концептот „едно општество за сите“ не е само политички проект на само една партија, туку општествена стратегија за да ги одржи во постојан живот вредностите како што се еднаквоста, единството во различностите, недискриминацијата, остварувањето и унапредувањето на правата на сите заедници и подобрување на интеркултурниот дијалог, а со тоа и подобрување на кохезијата на заедниците.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version