Последни написи

Годишната инфлација лани достигнала 14,2 отсто, трошоците за храна повисоки за над 20 отсто

Инфлацијата во 2022 година во Македонија изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 отсто во споредба со 2021 година. Зголемувањето на индексот на трошоците на животот лани бил најголем токму кај храната и безалкохолните пијалоци, кои за една година поскапеле за 20,9 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Индексот на трошоците на животот за транспорт во 2022 година бил зголемен за 19,5 отсто, додека кај рестораните и хотелите зголемувањето е за 15,5 отсто. Раст е забележан и кај трошоците за живот за Домување, вода, електрика, гас и други горива за 13,3 отсто, Разновидни стоки и услуги за 8,9 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 8,6 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7,5 отсто, Рекреација и култура за 4,9 отсто, Здравје за 4 отсто, Облека и обувки за 1,8 отсто, Комуникации за 0,4 отсто и Образование за 0,3 отсто.

Сепак, она што се забележува од статистичките податоци е дека конечно во декември 2022 година се забележува мало зауздување на индексот на трошоците на живот, кој бележи намалување од 0,2 отсто во споредба со претходниот месец, додека индексот на цените на мало е зголемен за 0,7 отсто. На овој начин, последниот месец од минатата година е единствениот во изминативе 12 месеци, во кој се бележи намалување на индексот на трошоците на животот.

Статистичарите пресметале дека намалувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 11,4 отсто, свежото и разладеното овошје за 5,6 отсто, маслото и маснотиите за 3,9 отсто, сирењето и урдата за 2,1 отсто и на млекото 2 отсто. Поевтинувањето на другите прехранбени производи е помало од 1 отсто.

Според податоците на ДЗС, во декември е регистрирано намалување на индексите на трошоците на животот и кај течните горива за домаќинствата за 13,3 отсто, како и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 11,6 отсто.

Наспроти ова, во декември споредено со ноември 2022 година, позначителен пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај воздухопловниот патнички транспорт за 80,8 отсто, туристичките аранжмани за 9,4 отсто, собирањето смет за 8,2 отсто, парамедицинските услуги за 8,1 отсто, снабдувањето со вода за 4,7 отсто и фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 4,5 отсто. Поскапувањата кај другите производи и услуги во декември биле помали од 4 отсто.

Инаку, рекордниот раст на годишната инфлација во 2022 година следи откако истата во Македонија една година претходно изнесувала 3,2 отсто.

(Извор: Мета)

Latest Posts

Не пропуштај