Последни написи

Започнува исплатата на финансиската помош, МТСП со апел до граѓаните да се проверат на списоците

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување објавија списоци со речиси двесте илјади граѓани на кои им следува финансиска помош, како дел од пакетот антикризни мерки наменети за социјално ранливи категории. Од МТСП соопштија дека паричните средства за корисниците на финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе бидат исплатени на 12-ти јануари.

На веб страницата на МТСП се објавени корисниците на правото на социјална сигурност на стари на лица, посебен додаток, надоместок заради попреченост, корисници на надоместок за помош и нега од друго лице со трајни промени во здравствената состојба без потреба од контролен преглед и не користат право на надоместок заради попреченост, како и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

На веб страницата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување се објавени корисниците на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување

На веб страницата на Агенцијата за вработување се објавени невработените лица, кои се корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

„Списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка, а најдоцна до 09.01.2023 година“, соопштија од Министерството.

Тренчевска, во ексклузивно интервју за ЦивилМедиа, појасни и како до помошта. Таа нагласи дека примателите на правата од социјална заштита се веќе во системот, а истото важи и за пензионерите.

„Примателите на правата од социјална заштита се веќе во системот на Министерството за труд и социјална политика односно во центрите за социјална работа во општините каде што овие лица приматели на некое од правото на социјална заштита живеат, така што нема да има аплицирање за правото, туку врз основа на состојбата од септември 2022 година, сите оние кои што се вклучени во правото ќе ја добијат финансиската поддршка на своите трансакциски сметки. Истото важи и на примателите на пензија за пензионерите до 14.000 денари во системот се со состојбата септември 2022 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ги има сите корисници, така да ќе бидат исплатени средствата преку Фондот на сметките на овие граѓани, и на правото согласно Законот за материјално обезбедување во системот на Агенцијата за вработување ги има сите оние кои што го остваруваат ова право“, рече Тренчевска во интервјуто.

Вкупниот фискален ефект од новиот сет мерки беше проценет на 22,2 милијарди денари, односно 360,2 милиони евра. Сите споменати категории на граѓани, освен пензионерите, е предвидено да добијат вкупна поддршка од 12.000 денари, односно ќе добиваат по 3.000 денари месечно, во период од 4 месеци, како поддршка во услови на енергетската и ценовната криза. Станува збор за 41.878 лица.

Вкупните фискални импликации за оваа мерка се проценети на 502.536.000 денари или 8.171.317 евра. Од друга страна, финансиска поддршка од државата се предвидува да добијат и корисниците на пензија, како мерка за заштита од прагот на сиромаштија во услови на енергетската и ценовната криза и тоа примателите на пензија до 11.500 денари, е предвидено да добијат финансиска поддршка во вкупен износ од 6.000 денари, односно по 1.500 денари месечно, во период од 4 месеци, а примателите на пензија од 11.500 денари до 14.000 денари, е предвидено да добијат финансиска поддршка во вкупен износ од 3.000 денари, односно по 750 денари месечно, во период од 4 месеци.

Со оваа мерка, според проценките, државна финансиска поддршка ќе добијат околу 153.000 пензионери или околу 45 проценти од вкупниот број пензионери во државава. Фискалните импликации се 12,2 милиони евра.

Премиерот Димитар Ковачевски, презентирајќи го новиот сет мерки, претходно кажа дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза.

„Оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно затоа што Владата одговорно и навремено интервенира со потребната поддршка за граѓаните и компаниите и продолжуваме будно да ја следиме состојбата. Во оваа насока се и неодамна донесениот нов пакет антикризни мерки во вредност од над 360,2 милиони евра. Со претходниот сет мерки кој се спроведуваше од првите месеци во годината вкупната вредност на таргетирани мерки до сега достигна над 760 милиони евра, кажа Ковачевски“ – рече Ковачевски во најавата на антикризните мерки.

Тој тогаш кажа дека новиот сет мерки е донесен по сериозни и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори со цел сите да бидат опфатени.

ЦивилМедиа објави и инфографик за средствата предвидени за справување со кризата, во пресрет на гласањето на буџетот.

Според министерката Јованка Тренчевска, пак, на креирањето на мерките претходел широк процес на консултации со граѓански организации, центри за социјални работи и министерствата.

„Оваа целна група на ранливи категории на граѓани кои ќе добијат финансиска поддршка како дел од пакетот на новите мерки за полесно справување со кризата е со опфат на околу 170.000 граѓани“, изјави Тренчевска.

Инаку, со обезбедувањето мерки за помош во вредност од над 750 милиони евра, Северна Македонија е со најголем обем на помош како процент од БДП споредено со останатите земји од Западен Балкан.

Дел од аналитичарите велат дека овој пакет е обид да се помогне, но дека треба да се следи состојбата и понатаму.

„Се работи за поголеми суми на средства, што им требаат на граѓаните особено во онаа најсиромашна категорија, каде што е најтенко и каде што најлесно се кине. Можно е да има потреба и од дополнително зголемување или вклучување на уште некоја категорија граѓани за премостување на оваа криза. Треба да се внимава на пензионерите, можеби да се засили оној пакет кој е веќе најавен и се разбира на социјалата категорија и овде треба да има повисоки суми на помош“, истакна универзитетскиот професор Павле Гацов во изјава за „Гласот на Америка“.

Владата пак, во новиот буџет, за 2023 година, одвои околу 250 милиони евра кои би биле насочени кон мерки за справување со енергетската и економската криза за компаниите и граѓаните.

(Извор: CIVILMEDIA)

Latest Posts

Не пропуштај