Последни написи

Цената на гасот како пред војната во Украина, зависноста на Европа од 40 падна на девет отсто

Цената на природниот гас на берзите падна на 73 евра за мегават час. Оваа цена е пониска и од цената по која гасот се продаваше и пред војната во Украина. Северна Македонија пак за јануари преку јавен оглас набави гас по цена од 115,9 евра, но и покрај бројните коментари дел од експертите велат дека кога е криза со енергенси најчесто се одбира понуда која е стабилна и сигурна, особено во најкритичниот месец во годината, но и со земја како Бугарија која склучи договор со Турција која станува голем регионален центар за складирање и испорака на природен гас.

Сепак како што појаснија надлежните договорот со Бугарија е рамковен и може да се менува, а оваа цена е само за месец јануари, за февруари се очекува нова понуда.

Токму затоа со претставниците на турската државна компанија БОТАШ, чија примарна дејност е продажба, испорака и складирање на природен гас, разменети беа информации и искуства од работењето на двете компании, и во текот на јануари ќе биде одржана посебна средба меѓу АД ЕСМ и БОТАШ во однос на снабдувањето со природен гас, на која средба ќе се разговара и за енергетските капацитети, можностите за снабдување со енергенси и другите опции за помош и поддршка од Турција во делот на енергетиката.

.Инаку претходно во декември на тендерот за набавка на гас учествуваше и Макпетрол, компанија која досега го имаше бизнисот за снабдување со гас во земјава, но поради понудена повисока цена, властите решија договор да потпишат со странската компанија. Потоа Макпетрол излезе со серија на забелешки на договорот.

Од компанијата обвинуваа дека од склучениот договор со фиксна цена државата ќе трпи фиансиски загуби. Набавката на гас на ЕСМ е за производство на топлинска енергија која ја користат топланите.

Енормниот раст на цената на природниот гас која достигнуваше и над 400 евра за 1000 метри кубни, беше причината по која БЕГ се откажа од бизнисот со топлинска енергија. Истото се случи и со топланата Скопје Север, па државата реши системот за парно греење да го земе под своја надлежност.

Складиштата со природен гас се полни

Европската комисија објави дека складиштата за природен гас во ЕУ се полни речиси 84 отсто, и покрај наводните обиди на Русија да го спречи снабдувањето со овој енергенс за време на војната против Украина.

Нивото на искористеност на заедничките складишта за природен гас во ЕУ во декември беше за 13 проценти повисоко од просекот за периодот 2016-2018 година. година, соопшти Европската комисија.

Поради страв од недостиг во текот на зимата, 27-те земји-членки на ЕУ почнаа да складираат гас минатата година.

Нивото на заеднички резерви на гас се искачи на 82 отсто до септември, што е далеку пред зацртаната цел да има капацитети за складирање 80 отсто полни до ноември.

За тоа придонесе и падот на потрошувачката на гас од 20 отсто од август до ноември поради растот на цените.

Налутена од санкциите воведени од ЕУ поради нападот врз Украина, Русија минатата година значително ја намали испораката на гас за земјите од ЕУ. Пред почетокот на инвазијата на Украина, Европа набавуваше 40 отсто од вкупното количество гас од Русија, а сега само околу девет отсто.

Течен гас пристигна од САД

Првата редовна испорака на течен природен гас од САД вчера пристигна во Германија, како дел од напорите на земјите од ЕУ да најдат нови, посигурни добавувачи и да ги заменат ресурсите што претходно ги купиле од Русија.

Топлото време на почетокот на зимската сезона продолжува да ја притиска цената на природниот гас на холандската берза ТТФ, а во утринската сесија стоката се тргуваше под 70 евра за мегават час, што е најниско ниво од крајот на јануари 2022-ра година.

Во вторник (3-ти јануари) тргувањето беше затворено по цена од 72 евра за мегават час, што е намалување од 6 отсто во однос на претходната седница.

Расположението на пазарите го даваат и податоците за намалената екстракција од складиштата на гас низ Европа. Поради високите температури, топланите, кои се меѓу најголемите потрошувачи во зима, ги намалуваат барањата за природен гас. Во исто време, производството на електрична енергија од турбини на ветер е рекорд во Германија, со што се заштедува и дел од гасот. Германија веќе го доби својот прв товар течен гас во својата историја.

Слична е ситуацијата во големи делови од Европа – само Франција, Романија, Италија и Холандија користеа гас од резервите. Според податоците на „Gas Infrastructure Europe“, од 3-ти јануари складиштата за гас во ЕУ се полни до 83,5% од нивниот капацитет. Ова е многу над просекот од последните пет години. обично во овој период од годината е околу 70% од капацитетот.

Во Украина, исто така, во ограничен обем се црпи гас, складиштата за гас се полни со нешто помалку од 25% од нивниот капацитет. Сепак, Украина е земја со еден од најголемите капацитети за складирање гас во Европа, над 30 милијарди кубни метри, што беше поврзано со нејзината улога како транзитен центар за рускиот природен гас во Европа.

Причината за заштеда на резервите на гас низ Европа не е само повисоката цена на суровината во складиштата за гас, кои се полнеа во текот на летото, кога цената достигна и рекордни вредности (до 350 евра на крајот на август). Многу европски земји успеаја да испумпуваат доволно гас за оваа зима благодарение на испораките на гас од Русија, иако тие се значително ограничени.

Сепак, стравувањата се дека оваа година слична комбинација на околности, намалена побарувачка во Кина и постоечки залихи од Русија, веројатно нема да се повтори и фокусот е веќе на следната зимска сезона. Доколку поволните температури опстојат, тоа ќе биде дочекано многу посмирено, што ќе влијае и на цените на природниот гас на пазарот.

Договор меѓу Бугарија и Турција

Бугарската компанија „Булгаргаз“ и турската државна компанија „Боташ“ потпишаа договор за гас со кој се обезбедува пристап до терминалите и гасоводната мрежа на турската компанија.

Официјалната церемонија на потпишување на договорот се одржа во зградата на бугарската влада во присуство на министрите за енергетика на двете земји Росен Христов и Фатих Донмез.

– Договорот е потпишан на 13 години и ќе обезбеди транзит на 1,5 милијарди кубни метри гас годишно. Безбедноста на испораките во Европа и Бугарија во голема мера ќе биде загарантирана. Благодарение на заедничките напори ќе се обезбеди таа количина на гас, а можеби и ќе се зголеми обемот – рече Донмез.

Како што додаде тој, благодарение на договорот со Бугарија, Турција е чекор поблиску да стане центар за транспорт на гас.

Бугарскиот министер истакна дека минатата година „имаше потешкотии со испораката на гас, но тој проблем сега се решава заедно со колегите од Турција“.

– Деталите од договорот беа договорени на 24-25 Декември 2022 година, а денес, со неговото потпишување, започнуваме голема соработка во енергетскиот сектор. Бугарија добива можност да купува природен гас од сите светски производители и да го растовари во Турција, што ни е многу погодно. Благодарение на договорот, решен е проблемот со недостигот на инфраструктура за истовар на течен гас – изјави Христов по потпишувањето на договорот.

На крајот на април „Газпром“ ја информираше бугарската страна за прекинот на испораката на гас поради одбивањето на Софија да плати според новата шема во рубли. Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, по прекинот на испораките, успеа со американска компанија да договори испорака на две цистерни течен природен гас во јуни, а на крајот на јули за уште седум, иако поради немањето бесплатен терминали, новата влада можеше да обезбеди само еден. Азербејџан ја снабдува Бугарија со една третина од потребната количина гас.

Соња Танеска

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај