Последни написи

Признавањето на МПЦ: Должината на времето покренува камења

Vitiate lapidem longum tempus – оваа погоре цитирана изрека на папата Франциск добро го отсликува резултатот од долгото и трпеливо очекување на МПЦ – Охридска архиепископија да биде признаена и официјално од другите православни цркви. Освен трпението тука помогна и дипломатијата, а пред се синхроницитетот на настаните – Преспанскиот договор и руско-украинската војна која го забрза затворањето на отворените црковни прашања.

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во анализите и проценките што вообичаено се прават околу прославата на Нова година влегува и истакнувањето на настаните кои се од посебно значење за светот, регионот, а секако и пред се за земјата каде таа селектираност на вестите се прави.

Во актуелните премрежија во земјава каде вжештените односи меѓу партиите на опозицијата и во власта е традиционално обележје на политичкиот плурализам и секако најкрупниот настан, без сомнение историски едноставно беше веднаш ставен „под тепих“: актуелната опозиција, која со најголемите медиуми е како „двоглава ламја“ реши да го занемари настанот, за да не излезе дека во атмосферата на хистерично боење на секојдневието во црна боја падне нешто што внесува голема светлина и тоа, веднаш да се истакне дека нема само теистичка димензија.

Тоа беше само прв чин, а кога дојде моментот на заокружување на процесот за кој ќе говориме подолу, кога не можеше целосно да се побегне од поблиското минато (кое веќе стана минато свршено време!) опортунистите најдоа форма преку која ќе се побара присвојување на заслугите. Се работи, да не должиме, за комплетно разбивање на арматурата на непризнавање на автокефалноста на МПЦ од страна на поголем дел од сосетските цркви, меѓу себе врзани со претходно признавање, но и залепени со политички опортунитет кон македонската државност и самостојност!

Процесот за признавање на МПЦ-ОА анестезиран од македонските медиуми

Тој настан на признавање на автокефалијата на МПЦ се случи среде годината, за медиумски да биде веднаш анестезиран во колективната меморија, не дозволувајќи барем во еден сериозен обид јасно да се признаат дострелите на овој процес.

Ама темата повторно беше подгреана пред Нова година, темпирано секако, со споменатото присвојување на „заслугите“. За тоа да се направи беше потребен да се извлече лик кој бесрамно ќе си прогласи „и за војвода и за сердар“ во контекстот на црковната архитектура на Балканот. Тоа е Оливер Андонов, професор на Воената академија, познат по тоа што си дозволи еднаш, од тактички причини, а во корист на својата партија (ВМРО ДПМНЕ) да биде министер за внатрешни работи; му пресметаа дека траењето на мандатот бил 11.000 секунди, а кога се готвеше пучот, како нов придонес во обидот од 27 април 2017 година, тој се нафати да го расчистува стариот, од времето на ЈНА, команден центар во забранетата зона на националниот парк Јасен.

„Во повеќе наврати, при своите гостувања во медиумите, Оливер Андонов изнесува разни информации за текот на преговорите меѓу Српската и Македонската православна црква во однос на нашето црковно прашање, потенцирајќи ја својата наводна улога во целиот процес. Сакаме во целост да ги демантираме овие наводи за неговата целосна вклученост во процесот, сметајќи ја за пренагласена и непостоечка решавачката улога што самиот ја истакнува за себе, се наведува во демантот на Кабинетот на поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан“.

Ова е коментарот, официјален, (http://religija.mk/kabinetot-na-arhiepiskopot-go-demantira-oliver-andonov-vo-mpc-oa-nema-dvojni-igri-so-negovite-stavovi-shiri-omraza-protiv-mpc-oa/) со кој беше отфрлена самопрогласената ролја на преговарач на споменатиот Андонов (за да не губиме време на детали) но неговиот обид секако токму во некои медиуми си доби свој простор, сосема неприкладен во однос на поводот кој требаше да биде издвоен во последниве години.

Но, зошто е овој настан што се случи на 24 мај годинава толку значаен? Според историчарот кој се бави со прашањата на религијата, д-р Драган Зајковски, со затворањето на црковното прашање целосно се затвора и националното прашање. Или кажано поинаку – зад сите противници на македонската национална особеност и посебност сега дефинитивно стои голема точка. Да го објасниме сега тоа и од лаичка страна – оние кои долго се опираа на признавањето на самостојноста на Македонија беа токму црковните кругови и во Србија и во Грција и во Бугарија! И тие, како што ќе подвлече во својата анализа една од најдобрите познавачи на историјата на религијата од САД, д-р Инес Мурзаку е еден од клучните покренувачи на балканските национализми од кои ние како нација си страдавме! (https://bigorski.org.mk/vesti/svet/vistinsko-vreme-e-avtokefalnosta-na-mpc-oa-da-bide-priznaena-od-site)

Афтокефалија е сложена материја и тешка е за рзбирање

За читателите да кажеме дека се работи за научник со врвен авторитет. Таа е професор по црковна историја, Оддел за религија на Универзитетот Сетон Хол во Њу Џерси, а до јуни 2016 година била основач на Одделот за католички студии. Истата напиша опширна анализа за македонското црковно прашање во „Крисис Магазин“, анализирајќи го прашањето од сите аспекти. Професорката заклучува дека нема никакви пречки, ниту пак причини православните цркви да не ја признаат автокефалноста на МПЦ-ОА.

Историски, автокефалијата е сложена материја во животот на источните цркви. Тие мораа да чекаат со децении, за да бидат признаени како автокефални. Таа го споменува случајот со Бугарската црква, која била признаена како автокефална дури во 1945 година, 72 години откако се прогласила за автокефална. Романската црква добила признание во 1885 година, дваесет години по прогласувањето на автокефалија а Црквата на Грција во 1850 година, седумнаесет години подоцна. Или Албанската православна црква која чекала 15 години по објавувањето на автокефалијата пред признавањето од Константинопол.

Прашањето на автокефалијата или доделувањето и признавањето на автокефалноста од мајките Цркви постојано предизвикуваа црковни проблеми во православието, од четвртиот век до денес. Мурзаку го цитира Александар Шмеман, кој самиот поим за автокефалност или јурисдикција, како што во моментов е прифатен во православието, го нема во канонската традиција што сите ја прифаќаат како нормативна во Православната црква, па, би додале создава конфузија во главите и на теистите и на атеистите.

Кои се битните синхроницитети?

Охридската архиепископија е укината од „вториот Рим“ – да ја наречеме така втората „православната централа“ во Константиниопол во 1763 лето, како што кажува онаа песна која често се изведува. Од тој датум не делат 260 години. Потоа доаѓаат комунистите, локалните и југословенските, како што опишува Миразаку, кои ги туркаат работите во враќањето на самостојноста на МПЦ (а за што поопширно пишува токму рускиот историчар Михаил Виталевич Шкаровски, кој во таа насока промовираше зборник на текстови во земјава пред пет години). Навидум оваа апсурдност кај интересот на комунистите за црковни прашања можат и треба да се разберат пред се како силен обид да се отстранат од општествениот развој истркалните камења на патот, поставени од силните национализми, кои му нанесуваа сериозно зло на населението.

Не ни треба историско сеќавање на она што се случи ниту во 1967 г. на т.н. црквено-народен собир на Плаошник и она што се случуваше потоа, Ако се мери од тој, последен датум, МПЦ чека на нејзино (повторно) признание повеќе од половина век.

Кои се оние битни синхроницитети кои како камењата во изреката на папата Франциск конечно довеле нешто да се докрајчи на добро на Балканот?

Да прецизираме – два моменти се тука клучни во однос на развојот на настаните околу признавањето на МПЦ-ОА.

Најпрвин, потпишувањето на Преспанскиот договор (17 јуни 2018 г.) со кого се откочија грчко-македонските односи и покрај огромниот наплив на националистичка разгоропаденост кај јужниот сосед (обилно подржувана од Путиновата пропаганда!). Секако како и сите оние луњи што ги предизвикуваа домашните националисти и кои и сега постојано го рушат рејтингот на власта.

Вториот настан е секако сепарацијата на Украинската православна црква од Московската, во предвечерието на војната, која сега е во тек и брзото признание на нивната самостојност од „вториот Рим“ – Цариградската патријаршија. Ова секако направи ситуација во која и оној кој чека на тој чин, чека подолго и мора да се почитува, и тоа бргу, заради принципелноста. (Ова може да се спореди со брзото дозволување на апликациај за членство на Украина за ЕУ, што пак веднаш отвори пат за апликацијата на БиХ).

Претпазлива игра и од МПЦ-ОА и од македонската дипломатија

Ситуацијата во православието беше драматично зовриена последниве години, судирот меѓу црквите кои претендираат да бидат мајки-цркви, онаа во Москва и Станбол, ја следеа геополитиката која пак беше од една страна доста поволна за автокефалијата на МПЦ-ОА, заради односот на државата кон тие глобални прашања, наоѓањето на клучот на помирување со соседите, да прецизираме.

Покрај потпишаниот Преспански договор, претходно Договорот за добрососедство со Бугарија и конечно подобрувањата на односите Србија – Македонија во контекстот на процесот Отворен Балкан, сигурно направи клима да дојде до радикални промени на ставот на СПЦ; ова пак го стави „третиот Рим“ односно рускиот патријарх Кирил во ситуација да нема простор за одење надвор од она што јасно го поставија другите фигури на православната шаховска табла во мигот.

Притоа македонската дипломатија никогаш, со ниту еден збор не говореше за оваа тема последните години, без да сака да наштети на процесот кој полека се движеше во поволен правец. Најмалку да го прави тоа на начин на кој го стори Оливер Андонов.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај