More

    Пензиите растат: Новата методологија за пресметка на пензиите ги дава посакуваните резултати за највозрасните

    Најмалку за 1760 денари ќе е покачена најниската пензија за период од една година. Првото усогласување на пензијата согласно новата методологија за утврдување на износот беше извршено во март 2022-рата година. Тогаш пензиите се покачија за 2,9%, а наредното усогласување беше спроведено веќе во септември, кога зголемувањето изнесуваше 6,8%. За во март годинава е најавено ново усогласување што ќе доведе до раст на пензиите за нови 6%, што води до 16-процентно зголемување на пензиите за период од само една година.

    Новата методологија која стапи на сила во март минатата година предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Притоа, усогласувањето се врши двапати во годината, односно во март и септември, според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоци на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во однос на полугодието кое му претходи. Новата методологија беше направена низ дијалог на Министерството за труд и социјална политика со Сојузот на пензионери на Македонија и Партијата на пензионери. И од Сојузот и од Владата претходно истакнаа дека новата методологија обезбедува континуиран раст на пензиите.

    „За една година пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти. Такво зголемување немало. Навистина е задоволство кога гледаме дека новата методологија за пензии, којашто ја донесовме со Партијата на пензионерите, Сојузот на пензионерите, веќе дава резултати – со оглед на тоа што сега покачувањето на пензиите кои ќе го добијат пензионерите е од 6,8 проценти и заедно со 2,9 проценти, доаѓаме до зголемување на пензиите оваа година од ниво до 10 проценти. Дополнително, со новото зголемување во март, од март 2022 до март 2023 – а со оглед на тоа дека имаме методологија во којашто 50 проценти е раст на инфлација, а 50 проценти е раст на просечна плата, зголемувањето ќе биде сигурно исто како сега. Тоа никогаш не било. Тоа се факти коишто се важни за пензионерите“, кажа неодамна премиерот Димитар Ковачевски.

    Воедно, според проценките оваа мерка дава резултат и на краток, но особено на долг рок, а засега, обезбедени се над 73 милиони евра во буџетот за пензиите. Ова покачување на пензиите се врши независно од дополнителните средства кои легнуваат на сметките на пензионерите во рамки на антикризните мерки за социјално ранливите категории.

    Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари за четири месеци, односно по 1500 денари месечно има за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија, а тоа се над 91.600 пензионери. Исто така директна финансиска помош од вкупно три илјади денари е обезбедена за пензионерите кои земаат пензија до 14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За оваа мерка за пензионерите беа издвоени над 12,2 милиони евра.

    (Извор: Centar.mk)

    Exit mobile version