More

    Данок на екстра профит за екстра солидарност и јасно изразена општествена одговорност

    ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

    Владата на Северна Македонија најави закон за нова, еднократна даночна обврска за компаниите. Кога ќе биде допрецизиран и усвоен, неколку стотици компании ќе треба да платат данок за екстра добивка за 2022 година. Освен банките и трговски друштва, со кризниот данок од 30 отсто ќе  бидат опфатени и поголеми компании кои оствариле профит од над 10 милиони евра.

    Станува збор за еднократен данок кој се однесува само за профитот остварен во 2022 година и е поголем од четиригодишниот просек. Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса.

    На прес конференцијата на којашто пошироко ја образложи оваа нова мерка, односно кризниот данок, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, презентираше детали од симулациите за придобивките од оваа мерка и потенцираше дека кај некои големи компании овој данок нема многу да влијае на нивното работење и профит.

    „Ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра кои ќе бидат платени на име на данок на добивка. Може да претпоставиме дека станува збор за неколку илјади компании“, рече Битиќи.

    Со овој данок ќе бидат опфатени банки, компании кои тргуваат со нафтени деривати, трговци на мало, како и компании од енергетскиот сектор и други компании. Собраните пари од овој данок ќе се користат за справување со кризата со фокус на ранливите категории граѓани, а дел од тие средства можно е да се искористат за поддршка на компании за излез од кризата.

    Добредојдено искуство токму во таа насока е фактот дека во 2022 година биле исплатени рекордни 45 милиони евра државна поддршка кон компании, за инвестиции од скоро 200 милиони евра, по основ на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и по основ на Законот за контрола на државна помош.

    Само по основ на Законот за финансиска поддршка на инвестициите споредбено со минатата година, во 2022 година беше постигнато зголемување од 79 проценти, односно ако во 2021 година беа исплатени 12,9 милиони евра, а во година 23 милиони евра,

    Во 2018 година биле исплатени 3,2 милиони евра, а во 2019 6,8 милиони евра.

    Време е компаниите да покажат солидарност и поголема општествена одговорност

    Во реакцијата на Стопанската комора на Северна Македонија се предупредува дека „со предложениот концепт со вонредниот данок на дополнителна добивка за 2022 година ќе се оданочуваат сите компании, независно од дејноста која ја вршат и дали дополнителната добивка која ја оствариле компаниите се должи на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и слично“.

    Од тој аспект од комората укажуваат дека со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година, „во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените“.

    Од друга страна, заговорниците на праведната и правичната даночна политика, особено во време на долгогодишна кризна состојба гласно го поставуваат прашањето „дали сте чуле за данок на екстра профит?“.

    Во таа насока искусниот новинар и темелен аналитичар Ерол Ризаов истакнува дека „во Македонија е непознаница данокот на екстра профит. Не се оданочуваат приходите со посебна висока стапка кога се трупаат огромни добивки поради привилегирана положба на пазарот, или кога во вонредни ситуации се стекнува големо богатство“.

    Ризаов го наведува искуството од големите „големите добивки на лабораториите и на приватните болници за време на светската пандемија. Тој потсетува дека „за две години овие компании направија баснословни профити кои не се оданочија со посебни високи ставки“.

    Според економскиот аналитичар од Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ, данокот на екстра профит нема да направи никаква штета, а ќе донесе повеќе пари во буџетот.

    Во коментар во врска со ново најавениот еднократен данок на екстра добивка остварена во 2022 година Јовановиќ смета дека станува збор за „правилен потег“, иако изразува мислење дека оваа мерка Владата требаше да ја донесе „уште пред неколку месеци требало да донесе закон за да може да го наплати овој данок“. Тој исто така укажува на потребата Владата точно да каже за што би се искористиле парите собрани од екстра профитот приходот во Буџетот по овој основ треба наменски да отиде кај најранливите категории граѓани.

    Не е точно дека соседните или другите држави во регионот немаат воведено данок на екстра профит

    Инаку, не е точно дека соседните или другите држави во регионот немаат воведено таков данок. Вонредните даноци се пракса во повеќе земји во светот кои во услови на вонредни состојби воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Во економската теорија и политика, логиката на ваквите даноци се базира на редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради конјуктурите во пазарот или други вонредни состојби.

    Во светот низ историјата има повеќе примери за такви решенија. Слични иницијативи има и сега за време на енергетската криза, при што во некои земји се предлага т.н. Данок на екстра профит.

    Новата Влада на Велика Британија најави дополнителен данок на екстра добивка во висина од 35% за период 2023-2028 година за компаниите во енергетскиот сектор. Унгарија во мај 2022 година најави оданочување на екстра профитите во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65%. На крајот на декември минатата година во Хрватска беше усвоен законот за данок на екстра профит од 33% за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20% од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година. Минатата недела Италија најави данок на екстра профит во висина од 50% за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10% од просекот 2018-2021 година и ќе се примени во 2023 година.

    „Тјунирање“ на даночен систем во пресрет на фискалната реформа

    Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна колумна, овој пат насловена „Праведен даночен систем за одржлив, инклузивен и забрзан економски раст“, потсетува дека според економската теорија, принципите на оптимален даночен систем се праведност и еднаквост; стабилност, предвидливост и правна извесност; неутралност; финансиска покриеност на потребите за спроведување на јавните функции и услуги; едноставност и јасност на правилата и економичност, односно позитивен сооднос помеѓу собраните давачки и административните трошоци за нивно прибирање.

    Оттука, најавениот ад-хок, односно еднократен данок на екстра добивка треба да се гледа како на „тјунирање“, односно како на тестирање на даночниот систем во пресрет на најавените даночни реформи.

    Данокот е жива материја и соодветно на тоа, тој низ времето треба да се менува за да одговори на современите услови и потреби и на креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

    Ако Владата го задржи курсот на реформи поставен со Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, тој би требало да стигне до целта со којашто ќе се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем базиран на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето.

    Во рамки на Стратегијата дефинирани се пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите кои ги администрираат јавните приходи.

    Првиот се однесува на поголема праведност во оданочувањето, преку кој треба да се обезбеди секој да го плаќа својот праведен удел од данокот.

    Вториот приоритет е да се постигне поголема ефикасност и ефективност при наплатата.

    Третиот приоритет ја утврдува зголемената даночна транспарентност, во насока на  подобрувањето на правната рамка за транспарентност и размена на информации, соработката меѓу финансиските институции и даночната администрација во Република Северна Македонија со финансиските институции и даночни администрации од другите земји и поголем поттик на даночните обврзници да ги пријавуваат сите релевантни информации.

    Четврти приоритет е подобрување на квалитетот на услугите, односно поедноставување и забрзување на постапките и намалување на административниот товар.

    Петтиот е еколошкото или „зелено“ оданочување преку кое ќе се поттикнат даночните обврзници да го намалат своето однесување или активностите кои придонесуваат за загадување, како и стимулирање на даночните обврзници за користење обновливи извори на енергија, заштита на природните ресурси, одржлив економски развој и подобрување на квалитетот на животот.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version