Последни написи

(ИНТЕРВЈУ) Крсте Шајноски: Со задолжителното земјоделско осигурување државата ќе се вклучи и ќе биде сигурен партнер и за двете страни – земјоделците и осигурителните компании

Модерното, пазарно ориентирано земјоделство не може ни да се замисли без добро организирано и развиено осигурување. И во нашата земја земјоделското осигурување станува задолжително со закон, со што неговото учество во осигурителниот пазар значително ќе се зголеми. На оваа тема разговаравме со Крсте Шајноски, претседател на Совет на експерти на Агенција за супервизија на осигурување (АСО), независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Агротим: Законот за задолжително земјоделско осигурување треба да стапи на сила во 2024 година. Новиот концепт на земјоделско осигурување кој го работи МЗШВ предвидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. Како што информираат од МЗШВ, новиот закон е брзо и подобро системско решение преку кое земјоделците исплатата на настанатата штета ќе ја добиваат во текот на истата година кога е настаната штетата. Какво е вашето мислење?

Крсте Шајноски: Земјоделците се стратешки важна економска категорија којашто го храни општеството и целосно и безрезервно ја заслужуваат целата поддршка од сите системски фактори. Домашното производство на квалитетна храна е темел на општествената благосостојба и база на економскиот раст и развој.
Овој проект е стратешки важен затоа што нуди системско издржано решение за земјоделското осигурување. Големата и крајна цел на овој проект е за определен период земјоделското осигурување да стане самоодржливо, да има потенцијали за раст и развој така што да бидат задоволни трите вклучени страни односно партнери: земјоделците како корисници, осигурителните компании како даватели на услугите и државата како поддржувач.
Суштинската промена е во тоа што државата ќе се вклучи и ќе биде сигурен партнер и за двете страни: земјоделците и осигурителните компании. На едната страна ќе вложува во полисите за осигурување во партнерски однос со земјоделците кои ќе мора да издвојат и сопствени средства за земјоделско осигурување. Земјоделското осигурување ќе биде услов за земјоделците да добијат државна субвенција за земјоделско производство.
На другата страна државата преку Владата ќе стане партнер и ќе го дели ризикот заедно со осигурителните компании преку учеството во новоформираната осигурителна институција наречена Осигурителен пул.
Успешноста на овој проект сега е од особено и суштинско значење заради се поприсутното негативно влијание на климатските промени врз земјоделското производство. Оваа тема сега е „hot topic“ и глобално во светот на осигурувањето.
Ова прашање за нас од АСО како регулатори на пазарот за осигурување е особено важно затоа што нуди решение за масовност која ќе води во јакнење на културата на осигурување кај земјоделците кои се бројна популација.

Агротим: Во изготвувањето, освен земјоделци, учествуваа и осигурителни компании. Реакциите на земјоделците во најголема мера се позитивни. Каков е ставот на осигурителните компании ако се има предвид дека Законот за задолжително земјоделско осигурување ќе доведе до зголемување на бројот на осигуреници?

Шајноски: Сега поради малата застапеност на ова осигурување тарифите за земјоделско осигурување се високи, а полисите скапи. Ова земјоделското осигурување го прави неатрактивен продукт кој за осигурителните компании носи голем ризик од загуба. Тоа ќе го илустрирам со фактот што годинава помалку од пет од вкупно 11 компании за неживонто осигурување продаваа земјоделско осигурување.
Масовноста во земјоделското осигурување, која ќе се обезбеди преку условот пристап до субвенција само преку платена премија за осигурување, треба да придонесе за значајно зголемување на неговата атрактивност за осигурителните компании.
Голем и важен напредок треба да биде и тоа што државата ќе ја прекине повеќедецениската пракса пост – фестум да исплаќа неосигурени штети од временски непогоди врз земјоделските посеви и плодови. Тоа досега ги демотивираше и земјоделците и осигурителите. Оваа клучна промена треба да создаде нов квалитет односно пријатна бизнис клима во односите меѓу професионалните земјоделци и осигурителните компании.
Земјоделството е засебна економија со изразити специфичности и никаде не е и не може да биде класична пазарна категорија која е директно зависна од невидливата рака на пазарот изразена преку понудата и побарувачката. Па затоа и осигурувањето на земјоделските посеви и плодови треба да има државна поддршка макар и на определен период.
Земјоделскиот пул треба да донесе нов квалитет преку воведување стандардизирани производи кои досега често се менуваа во смисла на воведувања на исклучоци и менување на условите за осигурување.
Со новиот модел пријавата, обработката и исплатата на штети треба да станат потранспарентни и побрзи. Интенцијата е да се скрати и периодот од настанување на штетата до утврдување на износот за надомест и висина на исплатата на обештетувањето.
Пулот како потенцијално заедничко вложување на државата и на осигурителните компании ќе овозможи создавање основа сите осигурителни компании да продаваат стандардизирани покритија по унифицирани услови за осигурување. Масовноста во осигурувањето која е обезбедена преку задолжителноста треба да ги намали тарифите.

Државните субвенции во премијата треба да овозможат подигање на нивото на финансиска заштита на земјоделците и брза исплата на фер износи на штети. Осигурителниот пул во крајна линија треба да создаде масовно и функционално земјоделското осигурување отпорно на шокови.

Агротим: Дали имате сознанија за вакво законско решение во други држави и  какво е нивното искуство од реализацијата? Како очекувате да се развива процесот и кај нас?

Шајноски: Бројни се и разновидни искуствата со земјоделското осигурување ширум нашиот континент, но и во светски рамки. Бројните модалитети се развивале или произлегувале од спецификите на климата, почвата, поднебјето и географската позиција на државите што ги развивале земјоделските пулови. Во нашиот случај искуствата, во голема мерка, беа собирани од турскиот модел кој според спецификите е сличен на нашиот, а даде интернационално признати резултати.

Извор: agrotim.mk

 

Latest Posts

Не пропуштај