More

    (ВИДЕО) Интервју со Бочварски: За само пет години изградивме и рехабилитиравме 1.300 км. патишта

    „Оваа година имаме 25 милијарди денари капитални инвестиции и ова е најголемото ниво капитални инвестиции од независноста на државата наваму. Само за споредба кога во 2014, 2015, 2016 најмногу се зборуваше за некакви големи инвестиции, тие капитални инвестиции биле меѓу 17 и 18 милијарди денари, што значи ние сме го зголемиле нивото на капитални инвестиции за преку 40 проценти“, вели во интервју за Фронтлајн министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

    YouTube player

    Со изградените патишта се смени сликата на целиот источен регион, вели Бочварски.

    „Пред само неколку денови беше пуштен во употреба експресниот пат Штип- Кочани, пред тоа беше пуштен во употреба патот Штип-Радовиш. За една година два експресни патишта вредни 110 милиони евра“, потсетува Бочварски.

    Како споредба, Бочварски споменува дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа изградени и рехабилитирани 650 км патишта за десет години, додека оваа Влада за пет години рехабилитирала и изградила 1.300 км.

    „Превојот Плетвар е во функција, а не беше рехабилитиран дваесет години. Патот кон Прилеп со децении само се зборуваше, денеска се гради со одлична динамика. Тоа е третиот експресен пат што го работиме. Првиот тунел е пробиен и се работи на пробивање на вториот.

    Четвртиот експресен пат е оној од Ранковце кон Крива Паланка по нова делница и траса.

    Се работи и на магистрални правци како што е делницата од Куманово кон Страцин, заедно со обиколницата кај Куманово, како и делницата од Крива Палнака кон границата со Бугарија.

    Завршивме со патниот правец Маврови Анови-Жировница, а работиме на нов патен правец Извор-Гарски мост со што ќе се поврзат Дебар со Кичево.

    Она што е исто така важно е што работиме на рехабилитација на патиштата кон граничните премини како на пример Битола -Меџитлија и кон Албанија.

    За локалните патишта кои се под ингеренции на Локалната самоуправа имаме издвоено 70 милиони евра. Досега имаме реализирано преку 130 локални патишта во 61 општина.“, истакна Бочварски.

    За наредната година министерот Благој Бочварски најавува уште позасилено темпо на градба во должина од 110 км автопати од коридорот 8 и коридорот 10. Во нив спаѓа делницата Прилеп-Битола од коридорот десет и од коридорот осум Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требеништа-Струга-Ќафасан.

    „Како партнерски држави заедно со Албанија, Бугарија и Италија успеавме пред Брисел коридорот осум да го доведеме на ниво на главен Паневропски коридор кој досега беше третиран како спореден. Со тоа сега можеме да очекуваме и повеќе средства од ЕУ и за пругата од тој коридор“, вели Бочварски.

    Што се однесува до автопатот Кичево -Охрид како дел од истиот коридор, според министерот за транспорт и врски, расчистени се сите постапки што беа произлезени од лошото проектирање а во тие рамки се допроектираа клучките и косините, се реши експропријацијата речиси 95 отсто, направена е пренаменета на земјиштето исто така, градежната оператива е на терен и се заврши асфалтирањето на најдолгиот тунел во државата од два километри.

    Љубиша Николовски

    Камера и фотографии: Александар Ризински

    Монтажа: Ариан Мехмети

    Извор: frontline.mk

    Exit mobile version