More

    Нова година: Ќе ги разликуваме ли петардите од експлозиите на бомбите?

    Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

    Дали Белорусија ќе ја нападне Украина? – за сите оние кои новогодишните празници ги гледаат како една ведра воздишка во однос на секојдневните грижи, ова секако е последното прашање кое би сакале да го слушнат. Големата слика на светот се заматува, а полната маса со закуски и пијалоци е предоминантна за да остави некое делче од свеста и совеста за сите оние војници во рововите на зимскиот студ во украинските степи или за сите оние бегалци по метроата или подрумите кои се обидуваат да се препознаат меѓу себе во темнината која се повеќе ги опкружува.

    Ако сепак не ве обзела сосема славеничката деменција, можеби ќе слушнете во таа врева од петарди и звуци на отворање на шампањското дека токму овие денови некој од официјалните лица во Кијив вели дека Украина е подготвена за напад од Белорусија, или дека еден сојузник на нивниот непријател сега најотворено ќе се стави во кожата на отворен агресор.

    Оној од кого излегува овој став е украинскиот генерал-полковник Сергеј Најев кој во поширок контекст пред некој ден изјави дека неговата земја и армија се подготвени за можен напад од соседната Белорусија. Независно од празниците.

    „Украина презема мерки за да се осигура дека украинските војници се во соодветен број со потребното оружје, воена опрема и борбен потенцијал“, рече Најев.

    Како почна војната…

    Не треба да сметнеме од умот дека кога почна инвазијата на Украина, руските сили изведоа напад на Украина од белоруска територија.  Дали тоа не е директно вмешување? Практично, фронтот на кој е нападната Украина се прошири за илјада километри! Руските трупи, кои претходно долго беа на „важни маневри“ на територија на северниот сосед на Укриана секако беа поддржувани и од локалните хранители, сервисери, медицинари и како место од каде се вршени извидувачки опсервации кон противникот. Што е тоа тогаш спорно околу прашањето дали Украина се бори со еден или двајца непријатели?

    Вклучувањето на Белорусија, да се потсетиме, беше осудено во западните земји, при што Европската унија, САД, Обединетото Кралство, Канада и Јапонија воведоа санкции против Белорусија. Според Чатам хаус, учеството на Белорусија во воениот конфликт е непопуларно меѓу населението;  Стратешки од белоруската граница (прецизно долга 1.084 километри ) Кијив е многу блиска точка што е голема вредност за Путин . Затоа, во јануари и февруари 2022 година, руските трупи дојдоа во Белорусија за наводно да учествуваат во воени вежби. На 16 февруари, министерот за надворешни работи Владимир Макеи тврдеше дека руските војници ќе ја напуштат Белорусија по завршувањето на обуката (уште еден голем лажго), иако потоа некој излезе повнимателен Пинокио, министерот за одбрана Виктор Хренин, кој рече дека гостите во униформа „ќе останат непознат временски период“. Бројот на руски војници кои во тој миг беа стационирани во Белорусија се проценуваше на околу 30.000.. Исто така, се шпекулираше дека Белорусија би можела да биде домаќин на руско нуклеарно оружје.

    НАВИДУМ Правците од кои руската армија влезе во Украина на крајот на февруари

    Нема повеќе неутралност на Минск

    Поранешната верзија на Уставот на Белорусија пропишуваше дека земјата е неутрална. Сепак, Белорусија одржа набрзина уставен референдум на 27 февруари, кој беше прогласен за усвоен со 65% поддршка, ама во тоа малку кој верува. Со една од промените, Белорусија го укина својот неутрален и ненуклеарен статус. Лукашенко подоцна појасни дека ќе побара од Русија да донесе нуклеарно оружје доколку НАТО се пресели во Полска или Литванија, западните соседи на земјата.

    На денот на инвазијата, Државната гранична служба на Украина извести за руските трупи се обидуваат да ја пробијат границата меѓу Белорусија и Украина на граничниот премин Вилча, и дека хеликоптер без идентификациски знаци го нападнал мост кај Славутич. CNN објави видео на кое се гледа како тенкови влегуваат во Украина преку граничниот премин Сенкивка, на спојот на границите на трите земји. Исто така на тој ден, Чернобил, заедно со блиската поранешна нуклеарна централа, беше запленета нуклеарка откако руските трупи влегоа во Украина од Белорусија преку ненаселената зона на нуклеарката.

    Белорусија, исто така, и дозволи на Русија целосен пристап до нејзините воени воздушни бази за руските воени авиони да лансираат авиони и нејзините армиски инсталации за да стерелаат со артилерија и проектили од нејзината територија кон јужниот сосед, или да ја преминат границата одејќи кон југ.

    Веќе на 24 февруари, украинскиот врховен командант извести дека четири балистички ракети биле лансирани од Белорусија кон југозападна Украина. Два дена подоцна, Maxar Technologies објави сателитски снимки со 150 хеликоптери и стотици копнени возила стационирани во близина на Хојники, на околу 50 km од украинската граница, со 90 хеликоптери кои користат локален прав пат како привремена воздушна база.

    Белоруските медиуми и каналите на Телеграм, исто така, дистрибуираа бројни видеа и фотографии кои покажуваат движење на руски оклопни возила и хеликоптери во јужна Белорусија. Три дена подоцна, Украинскиот центар за стратешка комуникација објави дека аеродромот Житомир бил бомбардиран од проектили лансирани од територијата на Белорусија. На 8 март, ImageSat International објави сателитски снимки од три ракетни фрлачи (најверојатно руски 9K720 Iskander) на полето во близина на Калинкавичи (југоисточна Белорусија) и нови авиони (руски А-50 или А-100) и тешки хеликоптери Ми-26 во базата Баранавичи..

    Неодамна, за секој слулчај, како барање на можно алиби, белорускиот претседател Александар Лукашенко тврдеше дека Украина ги провоцирала, иако тие не сакале да војуваат. По ова, украинскиот претседател побара меѓународни набљудувачи на границата меѓу двете земји. Белорусија е една од ретките земји која, треба ли тоа да го кажеме, ја поддржува Русија во нејзиниот напад на нивниот јужен сосед, а сега сите западни опсервери согледале дека Белорусија започна да ја преместува воената опрема и дека изведува воени вежби под закрила на антитерористичка вежба, што доведе до тоа да постои вид на камуфлажа за Русија да може да изврши нов напад врз Украина од територијата на својот старо-нов сојузник.

    ИСКОПАНИ РОВОВИ  Има ли подготврност од двете страни на белоруско-украинската граница за меѓусебен судир?

    Ова со вежбите и официјално е потврдено од белорускиот Совет за безбедност, а пренесе државната новинска агенција БелТА. При овие вежби движењето на граѓаните и сообраќајот беа ограничени на одредени јавни патишта и површини, а предвидена била – официјално се вели – и употреба на „оружје за обука“.
    Путин ја напушти Русија!

    Впрочем, Владимир Путин дојде во Белорусија за време на празнувањето на Свети Никола што додатно влијаеше Кијив да стравува дека тој ќе се обиде да го притисне Лукашенко да се придружи на нова копнена офанзива и пак да отвори нов фронт кон Украина.

    ШТО ДОГОВАРААТ Путин ја посети белорусија прв пат од 2019 година и секако се говорело за ангажманот на Белорусија во „ограничената операција“

    Впрочем, пред посетата Путин рече дека ситуацијата во деловите на Украина кои се под негова контрола е тешка и компликувана што јасно означи дека му треба нов клулч за новата брава на војената ситуација. А дека позицијата на неговите трупи не е добра се покажа во последните 100 денови, откако армијата на Москва беше принудена на повлекување од северот, североистокот и југот на Украина, се премин на класична дефанзива која не даваше добри резултати  Дури природниот ѕид наречен Дњепар, во услови на непостоење на мостови во поголем дел од долниот тек стана пречка за несопирлиот налет на украинските воени сили.

    Формално посетата на Минск на 17 декември, која траеше покусо од очекувањата, дојде по средбата со руските воени лидери за да се информира за нивните идни чекори. Ова беше прва посета на Путин на Белорусија од 2019 година, односно пред да почне пандемијата на Ковид-19 (а знаеме за неговата параноја од болеста), но и по масовните протести против Александар Лукашенко, каде Путин беше „шумарот“.

     – За време на овие разговори ќе се дискутира за натамошна агресија на Украина и за поширокото вклучување на белоруските вооружени сили во операциите против Украина- изјави заповедникот на здружените украински сили Серхиј Наев.

    Началникот на генералштабот на украинската војска Валери Залужни минатата недела кажа дека Русија подготвува 200.000 свежи војници за нова голема офанзива, која би можела да почне во јануари, но поверојатно напролет. Една од опциите би бил и напад од правецот на Белорусија.

    Кијив едноставно смета  дека плановите за заедничка копнена офанзива од два правци се во тек. Тоа е само повторување на опробан модел. Иако белорускиот претседател Александар Лукашенко постојано изјавува дека нема намера да испраќа трупи на неговата земја во Украина, портпаролот на Стејт департментот на САД Нед Прајс рече дека Вашингтон ќе продолжи внимателно да следи дали Минск ќе му даде дополнителна поддршка на Путин и оти ќе одговори „соодветно“ доколку го направи тоа.

    Кремљ ја отфрли сугестијата дека Путин сака да ја турне Белорусија во поактивна улога во конфликтот. Новинската агенција РИА Новости го цитираше портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека таквите извештаи се „неосновани“ и „глупави“. Но колку само имаше такви оценки и пред февруарскиот атак на Украина во која предничеше портпаролката на Кремљ, Захарова која дури и се потсмеваше на оние кои укажуваа на точниот ден за палење на моторите на тенковите. Откако дојде до напад , Захарова продолжи да се појавува во јавноста со изјави, секако кога нема кој да и ги постави вистинските прашања.

    ПРЕД ВОЈНАТА Украинска патрола се движи по должината на грабницата со Белорусија

    Политиката на валкани дезинформации продолжи и помнатаму. На пример на пресот што го имаа Путин и Лукашенко пред две недели, по нивната затворена средба, ниту еден од новинарите присутни „на лице место“ не поставил прашања на политичарите за војната?!.

    Што велат западните сојузнички извори?

    Постојат индикации дека Русија би можела да ја нападне северна Украина од Белорусија, соопшти Американскиот институт за проучување на војната (ISW), една респектибилна институција. Експертите на ISW во извештајот велат дека таков напад е сè уште малку веројатен, но дека можната опасност мора да се сфати сериозно.

    Отворањето на полска болница во Белорусија беше земено како показател дека Русија може да нападне од тој правец.

    „Тернските болници не се неопходни за вежби и може да укажат на подготовки за борбени операции“, велат од ISW.

    Александар Лукашенко им нареди на припадниците на армијата да се распоредат заедно со руските сили во близина на украинската граница, наведувајќи ги заканите за Белорусија од дејствијата на Киев и Западот.

    ГОВОР ПРЕД СТАРЕШИНИТЕ Лукашенко неодамна им говори на старешините на неговата војска кои вежбаат близу Украина

    Што вели беклоруската опозиција?

    Наспроти трдењата на власта, веднаш по започнувањето на „ограничената воена операција“, уште на 28 февруари, белорускиот опозициски медиум Повелба 97 тврдеше дека некои белоруски војници се меѓу ранетите и убиените инвазивни трупи влезени во Украина.. На 1 март, висок украински воен функционер изјавил за јавниот радиодифузен сервис Суспилне дека белоруски војници биле забележани на теренот во Черниговската област од 27 февруари и дека се движеле од Хороднија кон Чернихив, главниот град на најсеверниот регион на Украина.

    На 6-ти март, советникот на украинскиот претседател, Олексиј Арестович, рече дека белоруската армија досега не учествувала во инвазијата, наведувајќи дека претходните тврдења за белоруска вмешаност се засновале на руските обиди да ја препроектира сликата на белоруската агресија. Но, руските војници – ранети во Украина, наводно, биле третирани од белоруски и руски лекари во болниците во Хомиел. Убиените во Украина биле сместени во мртовечници во истиот регион.

    На 13 март 2022 г., украинските медиуми објавија дека лекувањето на ранетите руски војници во белоруските болници довело до исцрпување на сите резерви на крв направени за потреби на воената операција, а лекарите почнале да користат резерви наменети за цивилното население на Белорусија. Исто така, било објавено дека Белорусите биле охрабрени да даруваат крв.

    Според информативниот канал „Повелба 97“, кој известуваше на 5 и 6 март 2022 година, повеќето ниско рангирани белоруски војници се противеле на учеството во инвазијата на Украина. Повелбата 97 и нејзиниот главен уредник, Наталија Радина, исто така изјавија дека белоруските офицери им пријавиле на своите постари старешини дека ќе ризикуваат бунт или масовно предавање доколку ги одведат своите единици во Украина.

    ОБЈЕКТИВЕН ПОГЛЕД Наталија Радина (лево) е добитник на меѓународно признание за своите ивестувања за белорускиот режом

    На 17 март 2022 г.  истражувачите со отворен код MotolkoHelp известија дека повеќе руски ракети Искандер биле распоредени во воздухопловната база Мачулишчи и биле забележани системи за воздушна одбрана на територијата на Белорусија, како што е Pantsir-S1 во регионот Минск и во близина на градот Мазир и С-400 во Баранавичи. Според MotolkoHelp, на белоруските војници им било наредено да ја вршат „валканата работа“ за руските сили, како што е поправка на оштетениот хардвер и чистење возила од нечистотија и човечки остатоци.

    Руските војници кои се вратиле во Белорусија се обиделе да ја продадат ограбената стока во Украина или да ја испратат во Русија. На 2 април 2022 година, украинското разузнавање објави дека руски војници направиле „чаршија“ во Нарулија за да ја продадат стоката (машини за перење, фрижидери, автомобили, велосипеди, садови, теписи, уметнички дела, накит, играчки, козметика, итн.).

    На 4 април годинава, белоруските новинари објавија 3-часовна снимка на руски војници кои подготвуваат документи за испраќање големо количество стока во поштенската служба во Мазир (еден од нив ја имал значката на 56-та гардиска воздушна бригада). Руските војници, исто така, се обиделе да продаваат стоки на Белорусите преку Интернет.

    На 10 октомври, Лукашенко им нареди на белоруските војници да им се придружат на руските трупи во близина на Украина, тврдејќи дека Кијив претставува јасна закана за Белорусија, и изјавил „ако се допрат еден метар од нашата територија, тогаш Кримскиот мост ќе им изгледа како одење во паркот“. Дали тој октомври може да стане – јануари?

    Извор: ЦИВИЛ Медиа

    Exit mobile version