Последни написи

Инфраструктурата во 2022: Многу отпочнати проекти, малку од нив завршени навреме

Значителна е бројката на проекти од патната, железничката и гасоводната инфраструктура кои се започнати со реализација на терен, но во изминатава година остана проблемот со непочитувањето на роковите за изведба и доцнењата со пуштање во употреба на инфраструктурните објекти. Како завршени проекти од власта во 2022 година може да се сметаат изведбата на втората фаза од експресниот пат Штип-Кочани и изградбата на магистралниот гасовод од Неготино до Битола, пишува МЕТА.

Затоа пак, има мноштво на инфраструктурни проекти кои доцнат со реализација. Првенствено тука може да се наведат првите два километри од автопатот Скопје-Блаце, кои доцнат заедно со изборот на изведувач и почетокот на изведбата на втората фаза од овој автопат, на потегот од Блаце до скопската обиколница со должина од 10 километри. Бидејќи состојбата со постојниот пат кон Косово е катастрофална, очекувањата се во 2023 година да се даде приоритет на што поскоро пуштање во употреба на првите два километри од овој автопат.

Автопатот Скопје-Блаце почна да се гради во 2020 година, а првичните ветувања на властите беа дека двата километра од границата со Косово до селото Блаце ќе се возат веќе во 2021 година. Паралелно на ова, за годинава беше ветено дека ќе биде распишан меѓународниот тендер за избор на изведувач што ќе ја гради втората фаза од овој проект, но и тука касни процедурата од страна на надлежните власти за избор на градежна компанија што ќе ја гради делницата.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид продолжи и во текот на 2022 година, но завршувањето на овој проект од патниот Коридор 8 веќе подолг период е предмет на потсмев и критики кај граѓаните. Делницата долга 57 километри се гради веќе деветта година по ред, а владините очекувања се дека по една деценија изградба, по новиот автопат ќе може да се вози најдоцна до 31 декември 2023 година. Кинеската компанија „Синохидро“ со својата оператива се вклучи директно во изведбата на градежните работи, а состојбата на терен покажува дека во втората половина на 2022 година се интензивирани градежните активности.

И премиерот Димитар Ковачевски, но и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во своите јавни настапи посочуваат дека до крајот на 2023 година треба да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Очекувањата се дека во 2023 година ќе започне фазно пуштање во сообраќај на делници од овој автопат, при што кон крајот на годинава најинтензивни градежни работи имаше на делот од селото Ботун кон Охрид.

Во делот на патната инфраструктура, 2022 година ја одбележа завршувањето на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани. Втората фаза од Крупиште до Кочани долга 13,75 километри е комплетирана како ретко кој друг проект, во рамките на планираниот рок за изведба. Вкупната должина на експресниот пат е 28 километри, а првата фаза од проектот беше пуштена во употреба во 2020 година.

По експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе се вози со максимална брзина од 110 километри на час. Со неговата финализација, заедно со веќе пуштените експресен пат Штип-Радовиш и автопатот Скопје-Штип, источниот дел на Македонија во изминативе години доби нова патна инфраструктура, со која патувањето од било кое населено место на Истокот до Скопје и обратно е значително забрзано.

Единствен проект од патната инфраструктура којшто доцни со реализација на Истокот е експресниот пат Ранковце-Крива Паланка на Коридорот 8. Овој патен правец е со вкупна должина од 24,5 километри и е поделен на две делници од Длабочица до Чатал и од Длабочица до Крива Паланка. Првичното ветување на владата беше овој експресен пат да биде пуштен во употреба во 2021 година, но актуелните изјави на владините функционери говорат дека новиот експресен пат треба да биде комплетиран токму во 2023 година.

Инаку, доцнењето на проектите од патната инфраструктура годинава стигнаа и до Извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок на Северна Македонија кон ЕУ.

„Патниот коридор X е функционален, но работите долж Коридорот X-d остануваат одложени“, критикуваше Европската комисија во Извештајот за 2022 година и побара од државата да го зајакне оперативниот и техничкиот капацитет на сите засегнати институции вклучени во развојот на Транс-европската транспортна мрежа (ТЕН-Т).

Станува збор за експресниот пат Градско-Прилеп, кој веќе полни седум години се изведува на терен. Првичниот рок за пуштање во употреба на овој експресен пат беше крајот на 2022 година, но и овој рок беше пробиен. Годинава Јавното претпријатие за државни патишта ја заврши рехабилитацијата на патот од Фариш до Прилеп преку превојот „Плетвар“, којшто беше ветен од власта како трета фаза од проектот.

Сепак, изградбата и во наредните месеци ќе треба да продолжи на експресниот пат од Градско до Дреново, како и од Дреново до Фариш, а власта во 2023 година ќе треба да го испочитува рокот и конечно да го стави во функција овој експресен пат.

За Коридорот 10-д наредната година ќе биде значајна, бидејќи македонската влада веќе го најави почетокот на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, којшто треба да се надоврзе на експресниот пат Градско-Прилеп. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во месецов најави дека во 2023 година треба да започне изградбата на автопатот Прилеп-Битола, заедно со автопатските делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требениште-Струга-Ќафасан.

Ваквото ветување на Бочварски практично значи дека догодина американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ ќе треба да ги отпочне со реализација на терен автопатските делници на Коридорите 8 и 10-д. Бочварски најави дека во 2023 година само за изградба на автопатите на патниот Коридор 8 од државниот буџет ќе се издвојат 244 милиони евра. Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми на 14 декември годинава за телевизија „Алсат“ најави дека надзорот над градежните работи за автопатите што ќе ги гради „Бехтел-Енка“ веќе е избран, а догодина треба да заврши процесот на договорање на владата со турско-американскиот конзорциум за условите за изведба на овие автопати. Прв што ќе почне да се гради е автопатот Кичево-Гостивар, но се очекува токму овој автопат и најдолго да се гради, бидејќи минува низ планински терен и за неговата изведба ќе бидат потребни најмногу финансии и време.

Од аспект на железничката инфраструктура, 2022 година беше одбележана со новиот почеток на изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Го разбирам скептицизмот на граѓаните, но ќе работиме напорно, рече премиерот Димитар Ковачевски на 29 октомври годинава, кога отпочнаа градежните работи на првите две фази од пругата од Куманово до Крива Паланка.

Железничкиот Коридор 8 до Крива Паланка ќе се гради до 2025 година, а на изведбата се ангажирани австриската компанија „Штрабаг“ и турската компанија „Ѓулемарк“. Токму наредните 12 месеци од годинава ќе бидат клучни, бидејќи ќе покажат со кое темпо на реализација на терен ќе се одвиваат градежните работи, а со цел да се испочитува барем еднаш зададениот рок за изведба на пругата кон Бугарија, која се гради уште од 1994 година. Проектот е во вредност од 155 милиони евра во однос на актуелните две фази на изградба.

Сепак, 2023 е клучна година за пругата кон Бугарија и од аспект на третата фаза, која воедно е и најскапа и најсложена за изградба. Проектната вредност на оваа делница е 406 милиони евра, но крајната сума која што ќе треба да ја платиме ќе се знае идната година, бидејќи токму наредниве месеци треба да се распише меѓународниот тендер и да се избере најповолен понудувач што ќе ги гради последните 24 километри со 25 тунели и 51 мост од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Како и во првите две фази, Европската Унија останува клучниот поддржувач на земјава во изградбата на железничкиот Коридор 8. За пругата од Куманово до Крива Паланка ЕУ обезбеди неповратни 75 милиони евра. Дополнително, за секцијата од Крива Паланка до Деве Баир се најавени вкупни неповратни средства од 210 милиони евра од ЕУ, а најголемиот дел од нив ќе дојдат преку испораката на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан. На македонската влада во 2023 година ќе ѝ остане да ја заокружи во целост финансиската конструкција за третата фаза од пругата кон Бугарија, како би можело самата изведба на капиталниот проект да може да заврши во ветениот рок – 2027 година.

Конечно, не помалку значајно за енергетската сигурност на Северна Македонија ќе биде завршувањето на магистралната гасоводна мрежа во 2023 година. Годинава во ноември, владата на чело со премиерот Димитар Ковачевски го пушти во употреба магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола во должина од 92 километри. Овој магистрален гасовод е исклучително значаен за нашата земја, доколку македонската влада планира да го искористи природниот гас за енергетска трансформација на РЕК „Битола“ во идна гасна електрана.

За да се случат било какви позначајни поместувања во гасниот сектор, во 2023 година владата ќе мора да го заврши со изведба и магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри, чиешто пуштање во употреба се одолговлекува веќе подолг период. Сепак, клучно за гасификацијата на земјата е изведбата на гасниот интеконектор со Грција, односно изведбата на гасоводната линија од Неготино до македонско-грчката граница и поврзувањето со грчкиот гасоводен систем.

Должината на гасниот интерконектор со Грција е 68 километри, договорот за изградба меѓу двете земји беше потпишан во јули 2021 година, но она што во моментов се чека е практичната изведба на градежните работи на терен. Директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи кон крајот на годинава најави дека гасоводната врска со Грција ќе биде изградена во 2023 година. Но, за да се реализира ваквото ветување, неопходно е распишување на тендерска постапка и избор на изведувач што ќе го гради гасоводот.

Северна Македонија во моментов има гасоводна врска изградено единствено со Бугарија, од каде пак досега увезувавме природен гас од руски „Газпром“. Поради руската воена агресија во Украина, постојаните заострувања на санкциите на ЕУ, САД и останатите земји-членки на Г-7 кон официјална Москва и континуираното користење на снабдувањето со гас како политичко оружје на Русија, сосема неизвесно е колку македонското општество може во иднина да се потпира на рускиот гас. За да се обезбеди енергетска независност, клучно за земјава е да се изгради гасниот интерконектор со Грција и да се обезбедат други, посигурни снабдувачи со природен гас во текот на 2023 година.

Накратко речено, во 2023 има сериозни инфраструктурни проекти коишто не трпат натамошни одложувања на роковите за изведба. За ова директно критикуваше и Европската комисија во поглед на железничкиот Коридор 8, а огромно предупредување има и за потребата од диверзификација на снабдувањето со природен гас во земјава. Од брзината на реализација на инфраструктурните проекти, зависи сигурноста на снабдувањето со гас на македонската економија, обезбедувањето на централно парно греење во Скопје, осигурувањето на дополнителни неповратни средства од ЕУ за инфраструктурните проекти, но и самиот рејтинг на актуелната влада.

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај