More

    „Полиграф“: Погрешни информации во учебникот по „Историја и општество за V одделение“

    Непроверувањето на факти во учебници предизвикува голема финансиска и општествена штета. Пример за тоа е учебникот „Историја и општество за V одделение“, за кој медиумите обелоденија повеќе погрешни информации.

    На 15.12.2022 повеќе медиумски наслови укажаа на грешка во учебникот за височината на Монт Еверест од 29.305 метри, по реакции на родители на социјални мрежи.

    На 16.12.2022, Слободен Печат извести: „Во учебникот, најверојатно како техничка грешка која никој од потпишаните автори и рецензенти не ја забележал е наведено дека источен сосед на Република Северна Македонија е Албанија, а западен сосед е Бугарија. За Монт Еверест исто така најверојатно се работи за пропуст, затоа што во мерната единица стапки врвот навистина е висок 29.305 стапки, а во метри тој е висок 8.848 метри.“

    На 16.12.2022, и порталот Независен посочи уште две грешки, дека „Мртвото Море на Блискиот исток е најниска точка во светот – 1.400 метри под морското ниво“ и дека „Нил, најголемата река во светот, која тече низ Африка, „се протега од Судан до Средоземното Море“.

    На 16.12.2022 јавно се обратија авторките на учебникот, кои се правдаа тврдејќи дека очигледно станува збор за „технички грешки“. Истиот ден, МОН упати апел до сите автори и рецензенти, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, „да ја подигнат личната одговорност и посветеност“.

    На 19.12.2022 Здружението на историчари наведе 13 крупни грешки во овој учебник, укажувајќи дека доколку се употребува, ќе нанесе непроценлива штета.

    На 12.2022 професорот Минов посочи уште две други грешки во учебникот.„На страна 88 стои дека  „Бразил е најголема соседна територија во САД“, иако Бразил не граничи со САД. „На стр. 86 стои дека територијата на САД се наоѓа зад Бразил и Кина со што е петта земја по големина на планетата“, иако САД има поголема територија од Бразил.

    На 12.2022 МОН ги повика граѓаните и здруженијата да ги пријават грешките во новоотпечатените учебници на eлектронска адреса books@mon.gov.mk.

    Во учебникот има и други грешки и пропусти. Прво, се тврди дека „земјотресот во Токио во 1928 година земал 140.000 жртви“ (на страница 80) што не точно, затоа земјотрес со толку жртви во Токио не се случил во 1928, туку во 1923 година.

    Исто така, во учебникот на 87-мата страница пишува дека Кина е „најнаселена држава во целиот свет со повеќе од 1.250.000.000 жители“, што не се совпаѓа со напишаното на страница 84, дека Кина има 1,448 милијарди проценет број жители.

    За двете бројки во учебникот не се наведува извор.

    Но, според извештај на ОН, Кина има 1.426 милијарди жители во 2022, и се проценува дека во 2023 година, Индија ќе ја надмине Кина како најнаселена земја во светот.

    Сите примери потврдуваат дека фактите изнесени во овој учебник не биле проверени пред печатењето, што е обврска на повеќе чинители, не само на авторите и рецензентитеАко фактите беа проверени навреме, ќе немаше штета за учениците, а и ќе се заштедеа и многу пари на граѓаните потрошени за печатење на погрешни информации.

    Exit mobile version