Последни написи

Инспектори од Агенцијата за храна ја затворија кујната во студентскиот дом „Пелагонија“

По случајот со труење со храна на студенти кои се станари во студентскиот дом „Пелагонија“, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство времено ја затвориле кујната во домот. Тие наредиле мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, а во меѓувреме се испитуваат земени мостри од храната за која има сомнеж дека го предизвикала труењето, јавува МЕТА.

„Инспекциските служби во соработка со Центарот за јавно здравје и претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, утрово, по добиено известување за можно труење со храна во студентскиот дом „Пелагонија“, извршија вонредна инспекциска контрола во кујната. За лабораториско испитување, земени се 6 мостри од храната која се послужувала и 8 брисеви од работните површини и опремата“, информираат оттаму.

Во АХВ појаснуваат дека кујната ќе биде повторно пуштена во употреба откако ќе добијат лабораториски наоди со кои ќе се потврди безбедноста и по контролата која ќе ја направат инспекторите и со која ќе се потврди дека се преземени сите наложени мерки за отстранување на констатираните недоследности.

Како што потврди и д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести, ноќеска, шестмина студенти со симптоми на труење со храна, дошле да побараат лекарска помош. И Рената Младеновска, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за Мета вели дека инспекторите ја затвориле кујната и дека ставиле лента со забрана за користење.

„Пријавите од затруените пациенти ги добивме од Центарот за јавно здравје. Излегоа на терен сите надлежни, ние имаме национален протокол за труење со храна согласно кој направен е увид. Во координиран вонреден инспекциски надзор ДСЗИ става лента и забрана за работење, додека не се добијат резултати од мострите“, вели Младеновска.

Откако Мета.мк објави за случајот, пристигнуваат реакции од студенти кои тврдат дека бројката на затруени станари е многу поголема. Агим Фејзулаху, директорот на студентскиот дом за Мета.мк кажа дека храната што била послужена вчера за ручек и за вечера, а за која има сомнежи дека не била безбедна за консумирање, ја јаделе вкупно 600 студенти. На мени за ручек имало грашок со свинско и телешко месо, а студентите вечерале виршли, јајца, сирење и јогурт.

Во врска со овој случај попладнево реагираа и од движењето Студентски отпор.

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај