More

    Држете го крадецот… повика ВМРО-ДПМНЕ ишкајќи си ја мувата од капата

    ДРАГАН МИШЕВ

    Сејачите на магла од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на шпицниот градоначалник Мицкоски со полни раце работа… како да го пренасочат вниманието на граѓаните од хаосот кој владее во Скопје поради нивното мнозинство во советот на Град Скопје, како и поради нивната кандидатка и сегашна нај(не)успешна градоначалничка Данела Арсовска. И како за сето тоа секако да ги обвинат другите. Да беше маглата волна, можеби и ќе успееја да исткаат неколку метри платно, со кое ќе можеа да покријат барем мал дел од својот арамилак (за цело покривање нема да им се доволни ниту километри од таквото платно). Вака, остана само бламирањето и немуштиот обид да се сокријат уцапаните рачиња во медот.

    Драмолетката со караниците помеѓу партијата на шпицниот градоачалник со „октроисаната“, а сега божем одметната градоначалничка, во која се фрлаа дрва и камења, меѓусебно се обвинуваа кој украл повеќе, кој бил по неспособен, по патетичните жалопојки и каењето за дадената поддршка, блокадите на градот од страна на партиско-русофилските измеќари, до обвинувањата за божемна коалиција помеѓу нивната доскоро обожувана „мајка на градот“ и СДСМ, сето тоа одеднаш, преку ноќ, како да имаат меморија на златна рипка, сé заборавија за што побрзо заеднички да го изгласаат Буџетот за Град Скопје за 2023 година…

    Зошто влогот со неизгласување на Буџетот, во внатрепартиските „математички прецизните“ калкулации, секако беше поголем од тоа кај во овој момент ќе ги лапне тендерите, чии партиски војници ќе бидат вработени, и кој ќе зафати поголем волумен од теглата со мед… а тоа беа предвремените избори за советници на Град Скопје, кој и се закануваа на вмровски-левичарско-данеловска братија доколку не успеат да го изгласаат Буџетот.

    А од предвремени избори во главниот град ВМРО-ДПМНЕ бега како ѓавол од крст, без разлика на тирадите кои ги верглаат на секое излегување во јавноста дека биле во водство на анкетите, и ќе победеле на предвремени избори.

    На првата кривина излетаа од патот…омамени од загадениот воздух, и ограничената видливост поради густата магла.

    А мувата џабе си ја ишкаат, медот е силно кохезивно средство помеѓу летечкиот инсект и вмровската капа… а и мувите не се лепат само на мед.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version