More

    За власта стратешките процеси не може да бидат предмет на уцени, разговори за мнозинство за уставните измени по Нова година

    Премиерот Димитар Ковачевски смета дека процеси коишто се од стратешко значење за државата, како уставните измени, не можат да бидат предмет на уцени, туку тие се прашање на принципи – дали некој го поддржува или не го поддржува европскиот пат. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, најави дека од следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, за старт на процесот за промена на Уставот.

    Премиерот Ковачевски оцени дека прашањето за уставите измени е сериозно, државничко прашање и во услови кога земјава започна преговори со ЕУ, преку скрининг процесот, сега се зависи од нас околу натамошното движење по европскиот пат.

    – Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи. Наместо тоа, јас повикувам, повикував и ќе повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата, нагласи Ковачевски, во одговор на новинарско прашање околу најавата на лидерот на Беса, Билал Касами дека партијата ќе ги поддржи уставните измени, доколку властa се согласи на одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.

    Коментирајќи го ваквото барање премиерот Ковачевски истакна дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање.

    – Не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени, истакна Ковачевски.

    Тој посочи дека уставните измени нема да бидат последната одлука што ќе треба да ја донесе земјава на патот до зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека пристапувањето кон ЕУ е неповратен процес и единствено може да биде закочен од страна на оние коишто се противат на членството на земјава во Унијата.

    – Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ и јас не сакам да верувам дека господинот Касами се има, исто така, ставено во позиција да бидеш заложник на партијата Левица, изјави Ковачевски.

    Премиерот нагласи дека нема уценување за такви процеси, посочувајќи дека се друго може да биде предмет на политичка борба, на политички натпревар, се може да биде предмет на дневна политика, меѓутоа вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени тоа не е фер спрема граѓаните.

    Во реакција на изјавата на премиерот Ковачевски, лидерот на Беса, Касами изјави дека барањето за предвремени парламентарни избори е „барање на мнозинството граѓани, бидејќи оваа Влада не произлегува од легитимитетот добиен од последните парламентарни избори“.

    – Затоа премиерот не треба да меша тези за уставни измени и предвремени избори, реагираше Касами, додавајќи дека кога станува збор за уставните измени Беса уште еднаш го потврдува својот став дека бара од Уставот да се отстрани терминот „20 проценти“ и да се замени со терминот „албански јазик“.

    И покрај, најновиот став на Беса, министерот за надворешни работи Османи вчера изрази уверување дека следната година ќе бидат донесени уставните измени, нагласувајќи оти нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот, оценувајќи дека „забелешките на одредени политички субјекти се дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен“. Османи најави дека следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, кое е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот.

    Тој нагласи дека е крајно нечесно едно од најважните прашања за граѓаните – членството во ЕУ, да се става во дневно-политилките препукувања, додавајќи дека смета оти во текот на следната година тоа ќе го увидат сите политички актери.

    Според него, ниту една партија не е на линија на ставот дека не треба да се почитуваат правата на етничките заедници, додавајќи дека и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излегол со став дека нема „ништо против бугарскиот народ, туку против бугарските уцени“.

    Османи нагласи дека очекува поддршка, бидејќи, како што посочи никој нема ништо против содржината на измените и дека сите се свесни дека тој процес е веќе вграден во процесот на преговори со ЕУ и нема друга алтернатива.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version