Последни написи

Производителите на тутун брутално искрени: И покрај поскапените репроматеријали, годинава поминавме добро, нè плаши неизвесноста

Кризата поради војната во Украина предизвика раст на цените насекаде во светот, особено на цените за горивата, енергенсите и храната. Во такви услови тутунопроизводителите, кои цела година работеа, не знаеја што ги очекува, но пред самиот крај на откупот годинава, тие велат дека нивниот вложен труд им се исплатил. Зголемени цени, недостаток на работна сила, зголемени трошоци за живот, околностите, искуството од минатите години се уште ги плашат но, како што велат, наредната година повторно ќе садат тутун и ќе склучуваат договори. Тие очекуваат исти услови како и сега и ако може малку подобри. Повторно се надеваат на помошта од државата и доколку има големи зголемувања на цените, ќе бараат и зголемена субвенција за тутун.

За килограм тутун продаден во откупен пункт годинава им следува 80 денари субвенција за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа. Најголем дел од продадениот тутун се откупува по проценка во прва класа, што значи дека за 20.000 тони од прва класа на нивните сметки државата ќе исплати 1.600.000.000 денари за прва класа и во зависност од количината за втора, по 70 денари и за килограм тутун од втора класа и 60 денари за трета.

Во очекување на конечните бројки колку тутун е откупен годинава, од која класа, колку ќе добијат субвенци и колку пари ќе им стигнат на сметките на тутунопроизводителите од откупот, веќе се продаваат и последните килограми, разговараме со двајца производители на тутун од скопско Студеничани, како и двајца од Прилеп, но и со претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија – Менде Стомнарски.

Сите се согласни дека годинава е добро, но ако може следната година да биде уште малку подобро или барем како годинава.

Со оглед на тоа што производството на тутун кај нас е регулирано со закон и со претходно потпишани договори со откупувачот, при што семето го добиваат од комбинатот, на земјоделците останува вкупното производство од сеење, одгледувањето на тутунот, нижењето, берењето, сушењето на тутунот и на крај диплењето или подготовката за продажба.

„Произведов осум тона тутун годинава. Во споредба со другите години, оваа година е добра, не е лош откупот, на почеток малку беше послабо, а потоа се бараше повеќе тутун, па започнаа да го проценуваат како прва класа и тука е ќарот на земјоделците“, рече за Агротим тутунопроизводител од скопско Студеничани. Тој потврди дека семето го добил гратис, но вели дека за да ја произведе оваа количина, му требале и сезонски работници кои дошле од Радовиш и за нивниот труд потрошил 12.000 евра. Им плаќал и кирија додека биле овде да работат.

-Нафтата е зголемена, губривата, сè е покачено, нагласува тој, но заклучува дека кога оваа година е добро. За неговиот труд и количина од 8 тона за прва класа тој ќе добие нешто повеќе од 600.000 денари субвенции.

Друг земјоделец кој работи и произведува помала количина на тутун, околу 1 тон, вели дека е задоволен од тоа што ќе го добие за тутунот, но околностите се неизвесни и промената на цените на останатите производи.

„Оваа година сме задоволни со тутунот, со проценката сме задоволни. Значи, ова не било никогаш. Младите не сакаат многу да го работат тутунот, не поради работата, туку поради искуството од минатите години. Но, ако биде како годинава сигурно повторно ќе садиме и повеќе. И оваа година не очекувавме дека ќе биде вака, ама се оправија работите. Другата година, ако е вака, ќе садиме повеќе тутун“, изјави за Агротим задоволен производител на тутун.

Тој вели дека годинава нагло пораснале цените за ѓубрива, како и за горива, зејтин, храна, и се плаши дека ако така растат цените, оваа цена од 380 денари за килограм нема да биде доволна.

-Една кутија цигари е најмалку 120 денари, зејтинот 150, иако го намалија пак, не знаеме какви ќе бидат околностите, вели тој.

Во разговор со тутунопроизводителка од Канталарци, која произвела и продала 1090 килограми тутун, заедно со сопругот, таа вели дека вака никогаш не било, начекале да го продадат тутунот без нервози.

Нејзиниот тутун е проценет како прва класа, а многу мал дел, како втора.

-Годинава ни се случи нешто неочекувано, го продадовме тутунот без да се нервираме. Иако има трошоци и се работи со многу труд, сепак и догодина повторно ќе садиме тутун, вели таа.

Во разговорот таа исто така напомена дека во нејзиното село, со тутун се занимаваат повозрасните и тие што се уште можат да работат.

„Младите одат на работа и не можат многу да му се посветат на тутунот. Останавме само ние повозрасните“, вели таа. Тутунот го ниже на машина, а за берење користи возило и приколка. Таа вели дека сè работат сами со сопругот.

-Поголемиот дел од тутунот ни помина во прва класа, мал дел во втора. Задоволни сме, особено што на овие пари ќе добиеме и 80 денари субвенции од државата – изјави Костоска во телефонски разовор. „Горивото е поскапено, се е поскапено, но ако биде вака како годинава, мислам дека ќе биде добро“, порача таа.

Друг тутунопроизводител, Стеван Вељаноски од прилепско Галичани, заедно со неговото четиричлено семејство работат тутун на околу 20 декари. Целото производство или околу 5 тона е веќе откупен и е проценет како прва класа.

-Одлично поминавме со откупот годинава, ни се исплати маката. Цената ќе нè мотивира и следната година да продолжиме со производството на тутун и повторно да ги насадиме нивите – вели Вељаноски, кој исто така плаќа и закуп за нивите и ги има сите останати трошоци за производство како и другите тутунопроизводители.

Откупот на тутун од реколтата 2022 година тече интензивно во сите 200 откупни пунктови, кои се уште се отворени на целата територија, велат од МЗШВ.

За годинешната реколта откуп вршат вкупно 10 регистрирани откупни претпријатија на 200 откупни пунктови со 223 ваги и 216 мостри тутун. Според информациите од ДИЗ, се очекува откупот да биде целосно завршен пред Нова Година, со што за прв пат во историјата сите тутунопроизводители на своите сметки ќе ги добијат парите пред новогодишните празници.

Аналогно на рекордно високата откупна цена која зборува за квалитетен тутун од годинешната реколта и субвенциите по класи на тутун ќе бидат најголеми до сега.

Според податоците на МЗШВ, склучени се вкупно 29.653 договори за производство и откуп на тутун што претставува зголемување од 7 % во однос на реколта 2021 година. Зголемување има и на површините со тутун за 14% повеќе споредено со лани.

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи има големо економско и социјално значење со учество од 3,8% во бруто домашниот производ. Тутунот е застапен со високи 80% од вкупната површината под индустриски култури и претставува еден од најзначајните извезувани земјоделски производи со 18% учество во домашниот извоз.

Според тутунските компании земјава има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 140 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува над 20 илјади семејства.

Субвенциите не се единствениот начин на поддршка, туку и другите мерки на министерството. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун“, со финасиска поддршка по корисник која изнесува 4.5 милиони денари.

Со новата рурална програма, тутунопроизводителите ќе можат да аплицираат за новата мерка за бизнис план, што ќе стартува од 2023 година. Со оваа мерка предвивена е финансиска поддршка до 10.000 евра по корисник. Тутунопроизводителите имаат доволно време да направат бизнис план и со поддршка на државата да набават нови машини за садење и нижење на тутунот, како и нови сушари или друга опрема која ќе им го олесни производството, најави МЗШВ.

YouTube player

Извор: brief.mk

 

Latest Posts

Не пропуштај