Последни написи

Немаме целосен увид во аерозагадувањето поради старите сервери на министерството

Министерството за животна средина ги следи податоците од мерните станици за мониторинг на загадувањето на воздухот и препорачува мерки, иако граѓаните деновиве немаат целосен увид во моменталната состојба преку веб страницата air.moepp.gov.mk, информираше денеска министерот Насер Нуредини.

Причина за тоа се застарените сервери на министерството, кои во моментов се менуваат, а не опремата во мониторинг станиците, за која минитстерот вели дека функционира и покажува точни резултати за состојбата со квалитетот на воздухот во земјата.

„Им се извинуваме на граѓаните што немаат увид во состојбата со квалитетот на воздухот деновиве кога има зголемени концентрациои на ПМ 10. Причина за тоа е миграцијата на податоците од застарен сервер на нов што треба да заврши за десетина денови. Сепак, вработените мануелно ги отчитуваат мерните станици и ги изработуваат извештаите врз основа на кои и ги дадовме препораките во случај на надминување на дозволениот праг“, рече Нуредини.

И денеска, 13 од вкупно 21 мониторинг станица не покажуваа резултати. Од пет мерни места во Скопје, може да се видат податоци само за едно, Гази Баба, кое покажува дека во изминатото деноноќие концентрациите на ПМ 10 биле од 80 до 140 микрограми на кубен метар, што е повисоко од максималниот дозволен лимит.

Екстремно високите концентрации на ПМ 10 честички за време на викендот од над 150 mg/m3 во текот на два последователни денови, беа причина министерството во саботата да алармира дека за Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а потоа и за Гостивар, стапуват на сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за високи концентрации на ПМ 10. Денеска овие препораки се укинаа за Кичево, Кавадарци и Гостивар, а остануваат да важат за Скопје и Струмица.

Градските власти во Скопје, пак, веќе трет ден не информираат дали и кои мерки се во сила, по препораката на министерството. Министерот Нуредини вели дека локалните самоуправи се тие кои треба да ги соопштат мерките и да ги информираат своите граѓани.

Вообичаено во Скопје во минатото кога беше надминат прагот на алармирање се воведуваше бесплатен градски превоз и се ограничуваше работата на градилиштата, а инспекциските служби вршеа вонредни контроли на индустриските капацитети. Имаше и забрани за палење огнови на отворено и апели до граѓаните да ги пријавуваат доколку сретнат ваква појава.

Најголем удел во загадувањето на воздухот во Скопје, според студијата која ја изработи тим од Универзитетот „Гоце Делчев“, има био масата, односно затоплувањето на домовите и јавните објекти со фосилни горива. На второ место е сообраќајот, па градежните активности и индустријата.

„Според мене мора да се заврши гасоводот и да им се даде можност за поинакво затоплување на граѓаните и институциите, а старите возила да се тргнат од улиците“, вели Нуредини за можните решенија за оваа состојба со загадувањето на воздухот во земјава.

 

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај