More

    Мисајловски: Неминовни се предвремени избори, Ковачевски: Уцени не прифаќам

    Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање како го оценува предлогот на Билал Касами прво да има предвремени парламентарни избори, а потоа уставни измени, изјави дека поддржува секаква искрена иницијатива која е во насока на рушење на оваа власт која, според него, е рекордер по инфлација, сиромаштија и криминал – соопштија од опозициската партија.

    Тој истакна дека неминовно е да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи состојбата во државата станува се по алармантна и подраматична

    „За секое подетално сценарио кое би било во таа насока во овие моменти би се воздржале од јавно коментирање затоа што тоа содржи детали околу кои сите политички чинители кои посакуваат промени и треба сите да се согласни за ова да се случува“, рече Мисајловски.

    Од друга страна, СДСМ соопшти дека во одговор на новинарско прашање за предлогот на Касами,  премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, ги оцени ваквите прелози како уцени.

    „Јас потврдив досега, барем вие знаете, дека под уцени не функционирам, ниту под притисоци. Тоа беше така од првиот ден така е и денеска. Изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за уставните измени е сериозно, државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во започнатиот процес за преговори со ЕУ“, нагласи Ковачевски.

    Наместо тоа,  тој повика на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата.

    „Ова не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Се уште ќе има тешки одлуки на тој пат. Следуваат реформи. Тие реформи ги поминале сите членки на унијата се до нивното полноправно членство. Тоа е процес којшто ќе трае до 2030 година, според она што ние сме го зацртале како цел. Во тој процес ќе има учесници кои во моментов учествуваат, и на ниво на експерти и на ниво на политичка одлука, и на членови на Парламент, кои нема да бидат истите до крајот. Ние во 2024 година ќе имаме парламентарни избори. Нема 120 пратеници да бидат исти во Парламентот ниту пак членовите на Влада по име и презиме ќе бидат исти до 2023 година. Меѓутоа, сите треба да работат за остварување на целта, полноправно членство во ЕУ. Тоа е неповратен процес. Тој процес отпочна и од него враќање назад нема“, изјави Ковачевски.

    Р.С

    Exit mobile version