Последни написи

Контраспин: Апасиев без аргумент спинува дека народот е проруски

Резултатите од истражувањата на јавното мислење, колку и да се со стапици, сепак остануваат еден од најрелевантните аргументи кога се искажуваат ставови за мислењата или ориентираноста на граѓаните. Од неколку анкети може да се констатира дека постојат проруски чувства во РСМ , тие не се за занемарување, но исто така, факт е дека мнозинството од граѓаните сепак се прозападно и про ЕУ ориентирани, со силна нагласка на Германија и САД како на најпосакувани поединечни партнери, на кои, според последната анкета на ИРИ, опасно им се наметнаува Турција 

 Пишува:Теофил Блажевски

 

Претседателот на Левица и пратеник во Собранието на РСМ, Димитар Апасиев во тв гостување, спинувајќи ја вистината, меѓу другото, кажа дека кај нас „народот е проруски“ ориентиран:

Спин: Тие (власта-н.з) мислат дека ни прават штета, а во суштина Левица го артикулира тоа што народот го мисли. Во ситуација кога народот е проруски расположен, Левица тоа го кажува и тие викаат – еј вие сте проруски. Не, народот е проруски, а не Левица. Зборуваме за овој глобален судир прозапад апропо судирот во Украина и Русија како на една од светските сили

[Извор: 24 ТВ/Аргумент плус – Д. Апасиев (36.мин.); Датум – 19.12.2022]

Контраспин: Лидерот на парламентарната партија Левица, Димитар Апасиев, без никаков наведен аргумент искомуницира во јавноста со тврдење дека народот е проруски и дека Левица само го артикулира тоа што народот го мисли, со што ја извртува вистината и прави спин.

Апасиев ова го кажа во контекст на прашањето дали на Левица и на нејзините симпатизери им пречи тоа што власта и СДСМ сè почесто ги квалификуваат како партија што е со некакви подлабоки врски со Русија, дека ги застапуваат нивните ставови, генерално дека се руски играчи и проруска партија.

Но, без оглед што намерата беше да покаже дека таквите етикетирања не само што не ѝ пречат на партијата, туку спротивното, спинот е очигледен поради две суштински нешта што ги кажа Апасиев. Прво, тој генерализира дека целиот народ е проруски, без да наведе аргумент, и второ, повторно не наведувајќи аргумент, не прецизираше дали и во кој сегмент народот е проруски – генерално или специфично за одредени прашања, јазична блискост, славјанство, религија… Иако, појасни дека мисли на глобалниот судир на Запад со Русија поврзан со војната во Украина. Но,  и да мислел само околу инвазијата на Русија врз Украина, без аргументи, таквата изјава на Апасиев може да се смета за спин.

За да се изрече такво тврдење, сепак треба да се поткрепи со некои факти кои не можат да бидат факти базирани на чувства од разговори со околината, со колегите, со пријателите, итн. Први по релевантност факти на коишто е упатно да се поткрепат ваквите тврдења би биле анкетите на мислењето на јавноста.

А токму кога Апасиев го изрече овој спин, во јавноста веќе беше објавено опсежното и сериозно  истражување на американскиот Меѓународен републикански институт – IRI, кое се спроведува двапати годишно во земјава и во кое има детални сегменти за надворешната политика што ја води Владата, но и за мислењата на граѓаните дали и кои земји во светот се компатибилни со националните интереси на Македонија.

Според оваа анкета(види стр 66-69) Русија е на претпоследно место, заедно со Кина во одговор на прашањето „кои од овие земји (вклучувајќи ја и ЕУ) најмногу им помагаат на македонските национални интереси“. Русија и Кина ги добија гласовите на по 4 отсто од испитаниците. На први место изби Турција со 22 отсто, на второ ЕУ во целина со 21 отсто, на трето Германија и на четврто се САД, по што следат Русија и Кина, па одговорт ниту една, итн… Исто се случува и со малку преформулираното прашање за тоа со кои земји треба да се одржуваат односи во насока на служење на интересите на земјата, а сосема јасни се и одговорите на прашањето каква треба да биде надворешнаа политика на земјата – 47 отсто само насочена кон ЕУ и Западот, наспроти 26 отсто прозападна, но да се задржат односите и со Русија, 9 отсто проруска, но да се задржат односите ос ЕУ и со Западот и само 4 отсто, исклучиво само со Русија.

                                      Дел од анкетата на ИРИ. Фото: принтскрин

Во исто време Дојче Веле објави анкета на Галуп интернешнл спроведена во период август-октомври во над 60 земји, меѓу кои и во РСМ, при што’ исто така, најпосакувани партнери во земјава се ЕУ и САД. ЕУ од економски аспект, а од безбедносен, 28 отсто ЕУ, а 29 отсто САД. Во истата анкета се наведува дека од економски аспект Русија ја гледале како посакуван партнер 19 отсто, а од безбедносен 23 отсто од испитаниците.

Според резултатите од истражуваното јавно мислење за колективниот Запад (САД и ЕУ заедно), високи 52% од испитаниците во РСМ нив ги преферираат како економски партнери, а 57% и како партнери во сферата на безбедноста. За Русија и Кина (заедно) како за посакувани економски партнери се изјасниле 31%, а како за посакувани партнери во сферата на безбедноста 29%“, пишува Дојче Веле.

Во однос на второто прашање, појаснувањето на Апасиев за мислењата на граѓаните околу односите меѓу Западот и Русија во контекст на Украина, тука ќе наведеме уште една анкета што ја изработи меѓународната компанија ИПСОС за потребите на ВМРО-ДПМНЕ во средината на април, значи околу два месеца откако почна руската агресија врз Украина, а која беше објавена во средината на мај 2022 г. На прашањето „Која страна ја поддржувате во војната со Украина?“, одговрите биле следни:

Според анкетата, 29 проценти од испитаниците одговориле дека ја поддржуваат Украина, 13 проценти Русија, а 10 проценти двете страниНајголем број од испитаниците, сепак одговориле дека не поддржуваат ниту една од двете завојувани страни, а 10 проценти одговориле дека не знаат за кого се.

И за да бидеме коректни кон анкетите, на крајот од минатиот месец МКД,мк објави анкета на домашната агенција Маркет вижн, според која, сепак, поголемиoт дел од граѓаните не се согласуваат со санкциите кон Русија што ги спроведува Владата, како и со испораките на оружје за Украина од арсеналот на АРМ.

Сепак, дури и постари анкети да се консултираат, од 2020 година две години пред војната во Украина, како што е истражувањето на ИДСЦС, каде е наведено дека иако пораснала поддршката кон Русија, мнозинството се за ЕУ и за Западот:

Додека поддршката за Русија сѐ уште останува далеку под степенот на одобрување на Европската унија или перципираната поддршка добиена од САД, имањето добра четвртина од испитаниците кои го сметаат членството во Евроазиската унија како изводлива алтернатива за членството во ЕУ треба да испрати силен сигнал во Брисел (или Париз, кога сме на темата(стр.8).

***

Резултатите од истражувањата на јавното мислење, колку и да се со стапици, сепак остануваат еден од најрелевантните аргументи кога се искажуваат ставови за мислењата или ориентираноста на граѓаните. А од повеќето анкети што ги наведовме тука, но и генерално, може да се констатира дека проруски чувства во РСМ постојат, тие не се за занемарување, но и дека мнозинството од граѓаните сепак се прозападно и проЕУ оринетирани, со силна нагласка на Германија и САД како на најпосакувани поединечни партнери, на кои опасно им се наметна Турција во последната анкета на ИРИ. Оттука, тврдењето на Апасиев дека „народот е проруски“, е извртување на вистината, т.е. спин.

Извор: vistinomer.mk

Latest Posts

Не пропуштај