More

    Спасовски: Хибридните напади не ја заобиколија земјава, потребен е поагресивен заеднички одговор

    Денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одржа новогодишен брифинг со новинарите, на кој ја оцени оваа година како позитивна во однос на посветеноста на МВР и полицијата кон создавање отворена, отчетна и транспарентна институција пред граѓаните, јавува Центар.мк

    Според него, преку активна соработка со медиумите и  граѓанските организации, постигната е 76.10% исполнетост на индикаторите за отвореност.

    Спасовски зборуваше за предизвиците со кои изминатава година се соочува светот, кои не ја одминаа ниту нашата држава.

     

    – Кризата со Ковид-19 се трансформираше во друга глобална криза која не нѐ одмина, по отпочнување на агресијата на Русија во Украина, со оглед на фактот што живееме во времето на брзи промени како ‘новото нормално за светот’.

    Тој посочи дека околината се менува, технологијата брзо се развива и го обликува светот, кој се базира на комуникации, размена на информации, употреба на вештачка интелигенција, климатски промени, миграции.

    – Сето тоа, влијае врз националната и глобалната безбедност, па аналогно на тоа и врз креирањето на нашите и на светските политики, барајќи брза размена на податоци и прецизен одговор од сите. И, со тоа сме согласни сите – како во регионот, така и на ниво на ЕУ и пошироко, изјави Спасовски.

    Спасовски потенцираше дека последните месеци од годината бевме сведоци на еден современ феномен на хибридни напади, кои покрај државите во регионот, други земји од Европа, вклучувајќи ги тука и САД, Канада, Нов Зеланд, не ја заобиколија ни нашата држава… Еволуцијата на криминалот, кој сега доаѓа без лице и без идентитет, ги брише границите и има способност во исто време да е на повеќе места, бара поагресивен заеднички одговор.

    Лажни дојави на бомби
    Спасовски, во врска со резултатите од истрагата за секојдневното пријавување на лажни дојави на бомби во училишта, трговски центри, објекти, рече дека станува збор за исклучително комплексни истражни дејства поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка, како и со барања за мeѓународна правна помош.

    Спасовски ги пофали и медиумите, кои заедно со граѓаните создадоа широк фронт во кој сите се партнери, па креаторите на оваа хибридна војна не успеваат во целта – да создадат паника, страв и крах на системот.

    Почетокот на пристапните преговори со ЕУ и ФРОНТЕКС ако успешни приказни

    – По 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјава ги почна пристапните преговори со Европската Унија, со отпочнување на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, кој и МВР го започна и засега успешно го реализира.  И во Извештајот за напредок на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е Министерството за внатрешни работи, на мое задоволство, се бележи напредок особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, се бележи напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка, изјави министерот Спасовски.

    Тој исто така кажа дека годинава ја имал честа да го потпишам и договорот ФРОНТЕКС со еврокомесарката Јохансон, на 26 октомври, тука во Скопје, на македонски јазик без фусноти, кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу нашата држава и ЕУ по започнувањето на преговорите, а овој месец со еврокомесарката Јохансон, го потпишал и вториот документ со Европската Комисија поврзан токму со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.

    Македонија најбезбедна држава во Западен Балкан

    – Сега можеме да зборуваме за висока доверба кон полицијата од 50% отсто од испитаните во анкетата спроведена од Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани. Ако на ова се додаде и рангирањето на државата според Глобалниот индекс за мир во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, а како најбезбедна држава во Западен Балкан, тогаш можеме со задоволство да го потврдиме континуираниот напредок, истакна министерот за внатрешни работи.

    (Извор: Centar.mk)

    Exit mobile version