More

    Воздухот во Скопје енормно загаден, Министерството за животна средина трет ден не објавува податоци

    Магливо време и енормно загадување на воздухот во Скопје има веќе трет ден по ред, а Државниот автоматски мониторинг систем за загадувањето со ПМ-10 честички има последни податоци само за 20 декември. Во меѓувреме, на светската мапа на аерозагадување Скопје се наоѓа на петтата позиција, заедно со Лахоре, Њу Делхи, Сараево и Мумбаи.

    На специјализираната веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање веќе трет ден нема најнови дневни податоци за загадувањето на воздухот во Скопје. Последните податоци за надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен се објавени на 20 декември. Тогаш на сите мерни станици во Скопје имало поголемо загадување од дозволеното и се движело од 61 до 102 микрограми на метар кубен за 20 декември.

    Горјан Јовановски, креатор на апликацијата AirCare која го мери загадувањето на воздухот, веќе втор ден по ред алармира за енормното загадување на воздухот во Скопје, додавајќи дека на Министерството за животна средина и просторно планирање во најзагадените периоди им текнало серверската опрема на мерните станици да ја менуваат, а со тоа да оневозможат граѓаните да знаат што дишат.

    Притоа, податоците за квалитетот на воздухот на AirCare во моментов покажуваат дека најголемо е загадувањето со ПМ-10 честички на мерните места во Скопската котлина.

    Во отсуство на официјални податоци од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот, Јовановски препорачува граѓаните да не вежбаат на отворено.

    „Јогирање, трчање, баскет, фудбал, дури и велосипед на вакво загадување не смее да се прави зошто дишеме многу повеќе воздух кога сме заморени, а со тоа и повеќе ПМ честички вдишуваме“, препорачува Јовановски.

    Тој додава дека дома граѓаните треба да затворат прозорци и врати, а во кола да го вклучат модот на климата што го циркулира воздухот во колата и не влече воздух од надвор.

    Неговата препорака е и граѓаните да ги користат прочистувачите на воздух доколку ги имаат, и ако се во можност да излезат надвор од Скопската котлина, на околните повисоки места.
    Веб-страницата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот нуди единствено препораки до граѓаните без податоци од мерењата на ПМ-10 честичките во Скопје.

    Во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри ПМ10, односно два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 µg/m3, тие препорачуваат до граѓаните да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време.

    Покрај препораките во транспортот, се препорачува граѓаните да не користат за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, но и правилно да се користат печките за дрва.

    Истовремено, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version