Во првата посета надвор од Украина по почетокот на руската инвазија, украинскиот претседател, Володимир Зеленски се сретна во Вашингтон со претседателот на САД, Џо Бајден. Зеленски одржа и говор на заедничка сесија на Претставничкиот дом и Сенатот во Капитол Хил, во кој се заблагодари за поддршката на САД.
„За мене е голема чест да бидам во Конгресот на САД и да зборувам со вас и со сите Американци. И покрај сите неприлики и „сценарија за судниот ден“, Украина не падна. Украина е жива и здрава“, потенцираше шефот на украинската држава.
„Вашите средства не се милостина, тие се инвестиција во глобалната безбедност и демократија, и Украина со нив ќе се однесува со најголема одговорност“, истакна Зеленски во своето обраќање.
Зеленски потенцираше дека руската армија е супериорна според количеството на опрема, но дека Украина дава отпор, и укажа дека американската поддршка е клучна во тоа. Тој додаде дека се надева дека Конгресот ќе продолжи да ѝ помага на Украина во наредната година, означувајќи ја како пресвртница.
Понатаму, Зеленски им се обрати на американските законодавци, изразувајќи надеж за поддршка на Украина и откако републиканците ќе го преземат мнозинството во Претставничкиот дом во јануари следната година. Зеленски рече оти се надева дека двете партии во Конгресот ќе продолжат со поддршката на Украина. Оваа борба ќе одлучи за светот во кој ќе живеат нашите деца и внуци, и нивните деца и внуци, рече Зеленски во обраќањето.
„Оваа битка не е само за територијата, за овој или друг дел од Европа. Битката не е само за животот, слободата и безбедноста на Украинците или која било друга нација што Русија се обидува да ја освои. Оваа борба ќе дефинира во каков свет нашите деца ќе живеат внуците, а потоа нивните деца и внуци“, нагласи Зеленски.
Зеленски на Конгресот му го подари знамето на својата земја, кое му беше врачено и потпишано завчера од бранителите на градот Бахмут, кој со месеци е под жестоки руски напади. Од претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, за возврат го доби американското знаме.
„Ќе победиме затоа што сме обединети. Украина, Америка и целиот слободен свет“, порача Зеленски со своето обраќање пред Конгресот.
Р.С