Последни написи

„Титаник 2“: Мијалков не се појави на судење, Кривичниот суд вели уредно го поканил, струшкиот затвор негира, Минстерството за правда најави вонреден надзор и санкции

обвинетиот Сашо Мијалков не бил спроведен од затворот во Струга на денешното рочиште за предметот „Титаник 2“.

Од Основниот кривичен суд потврдуваат дека Мијалков не се појавил и покрај тоа што бил уредно поканет на судењето, што било потврдено од судијата кој пред странките ја покажал испратницата со наредба за спроведување, јави МИА.

Од оваа новинска агенција се обиделе да стапат во контакт со затворот во Струга, за да ја дознае причината за неспроведувањето, меѓутоа оттаму не добиле одговор.

Од друга страна, директорот на струшкиот затвор Ваљон Ќуља за А1он тврди дека обвинетиот Мијалков не бил спроведен од струшкиот затвор на рочиштето за „Титаник 2“ бидејќи судот издал наредба за спровод на 12 декември, а не за 22 декември. Според Ќуља, грешката е во Кривичниот суд, односно судијата Огнен Ставрев, кој ја издава наредбата. Од Кривичниот суд тврдат дека нема грешка, а наредбата која ја издале е за денешното рочиште.

Министерството за правда, пак, информираше дека ќе бидат преземени сите активности и ќе се направи вонреден надзор во затворот во Струга за утврдување на фактичката состојба околу неспроведувањето на Сашо Мијалков во судница.

-Управата за извршување на санкции ќе утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, соопштија од Министерството за правда.

Кривичниот суд во 2019 го осуди екс-директорот на УБК, Мијалков за примање награда за противзаконито влијание. Според обвинението на СЈО, тој преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Р.С

 

Latest Posts

Не пропуштај