More

    Реакции по обраќањето на претседателот: За СДСМ Пендаровски стои цврсто зад европските политики, за Мицкоски тој е срам за функцијата

    Денеска, во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на државата, Стево Пендаровски го одржа своето годишно обраќање пред пратениците.

    Обраќањето, во кое тој ги изнесе своите ставови во врска со моменталните и актуелни случувања во земјата и светот, предизвика повеќе реакции на политичките субјекти.

    Владеачката СДСМ го поздрави тоа што „претседателот Пендаровски цврсто стои зад политиките кои значат европски вредности дома, кои го јакнат стратешкото партнерство со САД и водат до полноправно членство во ЕУ“.

    Според СДСМ, претседателот Пендаровски го потенцираше значењето на почетокот на преговорите со ЕУ, што се случи оваа година по државничките одлуки на премиерот Ковачевски, коалициската Влада и мнозинството во Собранието.

    „После 17 години стоење во место конечно започнавме преговори со ЕУ, скринингот е во тек. Уште поважно, започнавме преговори со заштитен македонски јазик и идентитет. Потврда за тоа е потпишувањето на договорот Фронтекс. Пратениците од СДСМ и парламентарното мнозинство се особено горди што беа дел од овој процес. За разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои хистерично ширеа лаги и невистини за наводна асимилација и бугаризација кои паднаа во вода“, соопштија од СДСМ.

    Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите денеска нагласи дека Стево Пендаровски е, како што рече „срам за функцијата која ја врши“ и дека е „ништо повеќе од партиски полтрон на позицијата претседател на Македонија“.

    „Државата тоне во инфлација, криминал и корупција, здравството е катастрофа, учениците немаат учебници, дојави на бомби секој ден, а тој се иззема од одговорност иако има цела агенција за разузнавање под негова ингеренција. Не сум слушнал никаков коментар, освен што ја следат опозицијата и мене лично дали воопшто прават нешто за да ја обезбедат безбедноста на граѓаните и Македонија, неговите кадри поставени во агенцијата за разузнавање“, изјави Мицкоски.

    Р.С

    Exit mobile version