More

    Полиграф: Интернет измами со злоупотреба на познати и непостоечки лекари

    Честопати на Фејсбук може да се видат страници кои рекламираат разни медицински препарати. Но, голем дел од овие објави се измами.

    Еден таков случај се објавите на неколку Фејсбук страници со наводни изјави и фотографии од познатиот македонски епидемиолог д-р Пановски, кои повеќекратно се злоупотребуваа за рекламирање на лек против паразити.

    Но, самиот д-р Пановски со јавна објава на Фејсбук демантираше дека бил дел од каква и да е реклама за кој и да е медицински производ и апелираше да не се купуваат производите што се рекламираат со злоупотреба на неговото име и лик.

    И Вистиномер укажа дека „не е првпат на социјалните мрежи да се појавуваат лажни реклами за одредени препарати кои ги нудат измислени лекари или се злоупотребуваат имињата на еминентни доктори“.

    Во написот, „Со лажно рекламирање, чај се претставува како „сертифициран лек против паразити“, Вистиномер разоткри дека покрај злоупотребата на познати лекари, како д-р Пановски, во лажното рекламирање се користат и фотографии на лекари со лажен идентитет, како и лажни искуства на корисници.

    На пример, во една реклама се појавува д-р Кире Трајчев, наводно „доктор по заразни болести“, иако доктор со такво име не постои во базата на лекари – специјалисти на Фондот за здравствено осигурување.

    Станува збор за лажен доктор, што потврдува и фотографијата со опис „шпански доктор“, која може да се купи на интернет.

    На лагата и се куси нозете, но додека се разоткрие, луѓето може да бидат жртви на измама од реклами за препарати кои се подметнуваат како медицински лекови. Затоа, граѓаните треба да бидат внимателни, и за медицински производи да се консултираат исклучиво со вистински лекари.

    Exit mobile version