More

    Пендаровски: Нема правда додека корумпираните судии и политичари не завршат во затвор

    Еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година, не сме имале подолг период на мирен развој на државата, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот.

    Пендаровски истакна дека мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.

    – Од катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, преку конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008/2009-та, длабоката внатрешна политичка криза која заврши со упадот во Собранието и од која сѐ уште ги лечиме раните, и на крајот, пандемијата и војната во Украина, мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата, нагласи Пендаровски.

    Дел од овие циклични кризи, како што посочи, во континуитет беа предизвикани од екстерни фактори врз кои ние имавме мало или никакво влијание – распадот на Југославија, геополитичките тензии, финансиските, економските и здравствените кризи – регионални и глобални потреси кои повеќе или помалку го забавуваа прогресот на сите држави, независно од нивната големина и моќ.

    – Меѓутоа, генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до нас, денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво. Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност, потенцира претседателот.

    Во таков амбиент, додаде тој, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност.

    – Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите.

    „Неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот тим за санкции од САД е најдобрата потврда за недовербата која нашите граѓани ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции. Меѓутоа, реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца“, рече Пендаровски.

    Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд, порача претседателот.

    „Меѓутоа, сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци. Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но, правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви“, рече шефот на државата.

    Претседателот во својот говор прво се осврна на војната во Украина, потенцирајќи дека агресијата на Русија врз Украина ги наруши пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот.

    – Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион – веќе имаме украински бегалци, имаме руски државјани и фирми формирани од нив, регистрираме зголемен интензитет на кибер напади, а свој потенцијал имаат и старите, добро познати фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии, рече Пендаровски.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version